Атина е оптимистична за спорот за името | Северна Македонија | DW | 17.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Атина е оптимистична за спорот за името

Денеска претставниците од Скопје и Атина преговараат во Њујорк за спорот околу името „Македонија“. Постои голема надеж за решение, но ќе има тешкотии, поради отпорот од коалициониот партнер на грчкиот премиер Ципрас.

Искусниот дипломат Метју Нимиц веќе дваесет години прави напори за наоѓање компромис во спор кој е тешко разбирлив за луѓето отстрана: малата балканска држава во 1991. година, по распадот на Југославија, прогласи независност под името Република Македонија, содржано и во нејзиниот устав. Но, Грција не дозволува употреба на ова име, сметајќи го за дел од своето историско наследство и стравувајќи дека зад него се кријат територијални претензии врз грчката истоимена провинција. Сепак, проевропските политички партии во Грција мораа силно да ретерираат и во меѓувреме прифаќаат име кое во себе ќе го содржи зборот „македонски“. Но, името „Република Македонија“ и натаму не е можно, смета грчката страна, во тоа до денес ништо не се промени.

Зошто токму во оваа преговарачка рунда се гледа поволна прилика за постигнување компромисно решение? „Денес во Скопје е на власт нова политичка гарнитура, која работи промислено и сериозно е заинтересирана за приближување“, оценува Спирос Данелис, пратеник од социјално-либералната партија То Потами во грчкиот парламент. Данелис притоа мисли на претходната власт и заминувањето на деснополулистички премиер Никола Груевски, кој се служеше со националистички тонови. Неговиот социјалдемократски наследник на функцијата, Зоран Заев, сигнализира желба за повторно оживување на преговорите со Атина, замрзнати од 2014. година. Но, дека на грчка страна приближувањето со соседот не е нешто што се подразбира само по себе, Данелис можеше да го почувствува на сопствена кожа: од едно негово интервју минатата недела, се извадени извртени цитати, дека тој се согласува соседот да го употребува името „Република Македонија“. Следеле навреди и пораки полни омраза од луѓе од десниот спектар. Во неговиот роден Крит тој бил конфронтиран дури и со отворени закани, истакнува социјалдемократскиот политичар. Данелис во разговор за Дојче веле истакнува дека тој воопшто не зборувал ниту ќе зборува за „Република Македонија“, но верува оти грчката страна треба да покаже подготвеност за компромиси во претстојните преговори.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev (Press service of the Government of Republic of Macedonia)

Македонскиот премиер Зоран Заев е заинтересиран за решение за името

„Нова“ или „Вардарска Македонија“?

Посредувачот од ОН во спорот за името, Метју Нимиц, демонстрира оптимизам. „Во Скопје постои нова влада, која е заинтересирана да се зафати со темата. Мислам дека и грчката влада доаѓа до сознание дека наоѓање решение ќе биде во корист на нејзината надворешна политика во регионот“, изјави дипломатот во интервју за грчката телевизија ЕРТ во понеделникот. Но, додаде: „Во дебатата нема ништо ново и магично, познати ни се ставовите на двете страни“. Поинаку кажано - учесниците и во Њујорк не треба да очекуваат нов предлог, односно таков кој веќе не бил предмет на разговори. Ова е повод за скепса кај многумина аналитичари во Атина. Јоргос Цогопулос од тинк-тенкот ЕЛИАМЕП за Дојче веле истакнува дека не може да го сфати оптимизмот во поглед на новите преговори, со оглед што двете страни не се поместуваат од своите основни ставови. „Провокациите на Груевски, за волја на вистината, веќе се минато, но тоа не значи дека неговиот наследник едноставно ќе го промени името на државата“, укажува политикологот.

Според извештај на атинскиот весник „Риал Њуз“, кој не е демантиран, посредникот Метју Нимиц во следните денови ќе стави на маса три алтернативни предлози во спорот за името: Северна Македонија, Горна Македонија и Вардарска Македонија. Последниов предлог е поврзан со централно македонската река Вардар и се чини е прифатлив и за конзервативните Грци, зашто не буди асоцијации со грчката историја. Прашање е меѓутоа колкава ќе биде поддршката на левичарската влада на Алексис Ципрас за компромисно решение. Неговиот коалициски партнер, партијата АНЕЛ, протестира против името „Македонија“ во било каква форма. Во вторникот лидерот на АНЕЛ, Панос Каменос изнесе дури и свој сопствен предлог: соседната држава може едноставно да се вика „Вардарска“, без додатокот „Македонија“, напиша тој на Твитер. „За Каменос, секое компромисно решение за името, кое би содржело 'Македонија', би било политичко самоубиство“, смета политичкиот аналитичар Цогопулос. Тоа би предизвикало последици и за левичарскиот премиер Алексис Ципрас, зашто со евентуалното заминување на коалициониот партнер, би го загубил мнозинството во парламентот, токму во момент кога, според сопствени наводи, планира крај на меѓународниот финансиски надзор над Грција и враќање на земјата на финансиските пазари.

Повеќе на темата: 

Никола Димитров: Јас сум оптимист со грижи

Разговори за името - равенка со многу непознати

Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност

Ципрас ќе го стави идниот компромисен предлог на гласање во парламентот

Без оглед на сето ова, грчката влада исто така настапува оптимистички. Кратко по усвојувањето на новиот пакет за штедење и реформи во парламентот ноќта кон вторникот, владин претставник ги изненади насобраните новинари со изјавата дека на следното важно гласање веројатно ќе се најде и спорот за името. Формулацијата беше умно срочена: Ципрас планира за идното компромисно решение да се гласа во парламентот, а не референдум. Веројатно е притоа тој да добие поддршка од  опозициските партии. „Претставничката демократија функционира според нејзини правила, избраните народни претставници треба да преземат одговорност“, вели Данелис: „Единствено парламентот е вистинското место за дебата околу компромисното решение во спорот за името.“

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама