Ако не ја сакаат АстраЗенека, зошто не ја даваат на сиромашните земји? | Свет | DW | 13.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ако не ја сакаат АстраЗенека, зошто не ја даваат на сиромашните земји?

Оксфордската вакцина ужива најмала јавна доверба во ЕУ од сите вакцини - особено поради многу ретките тешки несакани ефекти. Сепак, постои мала шанса европските земји да ги дадат некому тие вакцини, барем засега.

Вакцината на АстраЗенека е на лош глас во многу европски земји. Така беше од почетокот, бидејќи компанијата се замери со ЕУ кога не го испорача договореното количество дози. Но, недовербата се зголеми по откривањето на случаите со церебрална венска тромбоза по вакцинирањето со АстраЗенека. Некои случаи имаа смртен исход. Додека, на пример, во Австрија оваа вакцина и натаму се дава на сите старосни групи - како што препорачува и Европската агенција за лекови (ЕМА) - некои земји или сосема ја исфрлија вакцината на АстраЗенека, или ја даваат само на постарите граѓани.

Во Германија е препорачана за лицата постари од 60 години. Сето ова внесува збунетост и недоверба. Во испитувањата на јавно мислење во Германија оксфордската вакцина редовно е на посленото место според довербата на граѓаните. Во последната анкета која на почетокот на месецот ја објави телевизијата РТЛ, тесно мнозинство од 51 отсто Германци сепак би ја примиле оваа вакцина.

Руската вакцина Спутник V би ја примиле 57 насто од луѓето, иако не е сѐ уште одобрена во ЕУ. Во една друга анкета во средината на март, само 35 отсто се изјасниле дека би ја примиле вакцината на АстраЗенека. Значително повеќе, 49 насто, би ја примиле вакцината на американска Модерна, а најмногу вакцината на Бионтек/Фајзер развиена во Германија - 61 отсто.

Во оваа анкета на ЈуГов, околу 59 насто од Шпанците се изјасниле дека вакцината на АстраЗенека е безбедна. Истото го сметаат и 54 насто Италијанци, малку повеќе од 40 проценти Американци и Германци, и само 33 отсто Французи.

Неодредени изјави

Во многу европски земји оваа вакцина пропаѓа бидејќи луѓето свесно не доаѓаат на закажаната вакцинација. Дали АстраЗенека, барем во Европа, ќе заврши во магацините? Дали тогаш оваа вакцина, која е лесна за складирање и е најевтина од сите достапни, барем би можеле да ја добијат сиромашните земји? На ова нема јасен одговор.

Гледај видео 15:47

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

На прашањето дали, поради лошиот имиџ во Европа, сметаат на повеќе вакцини од АстраЗенека. претставниците на Алијансата за вакцинирање Гави одговорија дека внимателно ги следат информациите за „можните и многу ретки нуспојави“. СЗО ќе вклучи најнови податоци во новата препорака која ќе ја објави утре. Гави и СЗО се вклучени во меѓународната иницијатива за рамноправен пристап на вакцините - Ковакс.

Повеќе:

-Хаос со вакцината АстраЗенека во Европа

-Стоп за „АстраЗенека“ за помладите од 60 години, наскоро нова терапија за Ковид

-Различни оценки за потенцијалната опасност од АстраЗенека

Во одговорот на прашањето на ДВ, СЗО препорачува сите земји да продолжат со вакцинирање на АстраЗенека, бидејќи вакцината и покрај сѐ „спасила милиони животи и спречила сериозни заболувања“. СЗО наведува дека „кај 190 милиони вакцинирани со АстраЗенека се забележани само 182 случаи на церебрална венска тромбоза. Ако постои причинско-последична врска, тогаш мора да се каже оти таквите случаи се многу ретки, а ризикот е исклучително низок“. ЕМА не сака да нагаѓа. Портпаролката на оваа агенција изјави оти членките на ЕУ се слободни да ја донираат вакцината на други.

Земи што ти се нуди

И покрај скепсата во Европа, на располагање се сѐ уште премалку вакцини за да може да се пребира. Така, во Северна Рајна Вестфалија, најмногубројната германска покраина со речиси 18 милиони население, за час се разграбани термините за 360.000 вакцинации за лицата постари од 60 години. И тоа иако на располагање беше само вакцината на АстраЗенека. Покрај тоа, Европската комисија потенцира дека АстраЗенека во моментов испорачува помалку дози од договореното. Во првиот квартал се испорачани само 30 милиони дози од 90 милиони планирани. Во вториот квартал наместо 180 милиони дози, ќе стигнат само 70 милиони. Во моментов не изгледа оти сиромашните земји наскоро ќе добијат дополнителни дози вакцини од неискористените залихи во ЕУ. Но, тоа може да се промени во секој момент. Рокот на траење на вестите во време на коронавирусот е прилично краток.