Архитектурата во време на климатски промени   | Информации и анализи за Германија | DW | 07.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Архитектурата во време на климатски промени  

Зачестуваат екстремни метеоролошки феномени како поплавите. Човекот мора да научи да живее во чекор со природата наместо да се обидува да ја покори. Како во делот на градбата треба да реагираме на климатските промени?

Стара мудрост е дека водата секогаш си го наоѓа својот пат. Што се случува кога природниот тек на водата е попречен, драматично ни беше предочено со поплавите во Рајнланд Фалц, Северна Рајна Вестфалија и други покраини. Поплава е природен феномен кој може да се појави благодарение на стопени снегови и силен или долготраен дожд. Првобитно општините и покраините ги пресметуваа ризиците и оставаа слободни површини онаму каде што има опасност од поплави. Но, бројот на таквите површини низ годините континуирано се намалуваше. 

На ниво на Германија искористувањето на површината, односно трансформацијата од земјоделско земјиште или земјиште кое е оставено недопрено во својата природна форма, во површини наменети за населување или сообраќај, дневно изнесува 50 до 60 хектари. Тоа е двојно повеќе отколку што сојузната влада си зацрта како цел во 2018 година. Таквите површини се користат за изградба на станови, индустриски објекти, сообраќајна инфраструктура и места за рекреација. Притоа почвата во најголем дел се изолира од продирање на воздух и вода, така што дождовната вода речиси и да не може да се апсорбира во земјата. Дополнително на ова се вршат градежни зафати на реките поради што водите уште побрзо течат. Речиси сите интервенции на човекот во природата имаат финансиска позадина.

Еднаш на 10 илјади години 

Најновата катастрофа со поплавите во Северна Рајна Вестфалија и Рајнланд Фалц „безмилосно ни покажува каде ни се слабите страни", вели Холгер Шитрумф, професор по хидротехника и директор на Факултетот за инженерство во Ахен во разговор за ДВ. Таквите слаби страни делумно имаат историска позадина. „Во регионот Ајфел луѓето се населувале во близина на реките за да ја користат нивната енергија прво за мелниците, а потоа за производство на хартија и за челичната индустрија", вели Шитрумф.

-повеќе: 

Колку ќе чини „поплавата на векот“ во Германија?

По поплавите: Затаи ли системот за заштита во Германија?

Фотографија на денот: Катастрофата, пред и потоа

Поплави во Германија: Климатската криза нѐ принудува да се прилагодуваме

Но, со изградбата на градови долж речните корита постепено се блокирал природниот тек на реките. Генерално погледнато, екстремни временски појави имало отсекогаш, вели Шитрумф, кој посочува и на поплавите од 1962 и 1997на реката Одра, како и во 2002 на реката Елба. Но, толку екстремна појава како минатата недела се случувала само еднаш во 10 илјади години. 

„Брутално е тоа што се случи овде", изјави по посетата во местото Штолберг во Северна Рајна Вестфалија. „Луѓето немаат вода, ни струја, а канализацијата не функционира," вели Шитрумф.

Поплавата можеше да се предвиди 

Експерти за климата од цел свет се согласни дека екстремни временски појави како последица на промената на климата ќе има се почесто. Сепак многу луѓе се чини беа изненадени од поплавата. Метеоролози и научници по поплавата критикуваа дека погодените области не биле навремено евакуирани, иако временската состојба можела да се предвиди. „Таквите феномени се појавуваат на различни места, ги гледаме на телевизија, но лично до сега не сме биле погодени", вели Холгер Шитрумф. „Јасно беше однапред дека ќе има поплава," додава тој. За да се избегнат штети по здравјето и животот на луѓето во иднина „мора да се изостри перцепцијата за навремени предупредувања".

Раселување од ризичните подрачја 

 Шитрумф се залага за изградба на повисоки речни корита за да им се даде повторно повеќе простор на реките – „иако тоа е тешко да се реализира во населените области", додава тој.

Гледај видео 01:20

Тегобен поглед од небо на настраданите подрачја од поплавите во Германија

Да и се врати простор на природата значи дека човекот мора да се повлече од ризичните региони. Урбанистот Марк Камербауер смета дека преселувањето е важен инструмент за справување со ситуацијата. „Кога ќе се прави обновата треба да се земе предвид кои лица се особено ранливи", вели Камербауер за ДВ и додава дека е можно на таквите лица да им се понудат атрактивни услови за да се отселат од ризичните региони. Урбанистот смета дека мора да бидат заштитени особено оние лица кои финансиски не се во состојба да преземат мерки против последиците од поплавите. „Една 80-годишна жена со мала пензија веројатно не може да си дозволи да плаќа осигурување за елементарни штети", заклучува Камербауер. На лицата со ниски примања може да им се помогне уште пред да настане катастрофа, на пример преку доброволни фондови или субвенции, предлага Камербауер. „Кога се прави обнова не се работи за тоа да се реагира моментално, туку нештата да се направат подобро од претходно", вели урбанистот. Тој наведува две алтернативи на простата реконструкција на областите: да се изолира природата, или да се живее со неа. „Многу скап потфат е зграда да се конструира на начин што од никаде нема да продре вода", вели Камербауер, „и затоа попаметно е да се прифати дека такво нешто може да се случи." Во тој случај куќата треба да е конципирана на начин што „поплава ќе предизвика што е можно помалку штета и расчистувањето по таква појава ќе биде прегледен потфат".

За да се минимизираат последиците од поплави и градежните власти мора да развијат свест за мерки за одржливост. „Ни требаат постапки за издавање дозволи во кои ќе биде забрането централно греење на нафта, за да не биде при некоја идна поплава подрачјето повторно загадено со неа."

Потенцијално загрозените пониски катови мора да бидат направени од бетон, а конструкција од дрво може да има само во погорните, исто како и сместување на евентуални технички постројки. Камербауер вели дека тоа би било своевидно освестување како што покажува примерот на Пасау: „Пред индустриската револуција приземјето се користело за складишта додека луѓето не сфатиле дека всушност може да се користат комерцијално."