Архива: Земјотресот во Скопје - каде беше ЈНА? | Македонија | DW | 26.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Архива: Земјотресот во Скопје - каде беше ЈНА?

Од архивата на ДВ: Германскиот магазин „Шпигел“ на 14 август 1963 година објави репортажа за Скопје по земјотресот од 26. јули. На тапет е ЈНА, за која се тврди дека потфрлила и реагирала задоцнето на катастрофата.

Неколку недели по катастрофалниот земјотрес, кој го зафати Скопје на 26 јули 1963 година, германскиот магазин „Шпигел“ објави репортажа од својот дописник на теренот под наслов „Армијата не реагира“. Во неа остро се критикува однесувањето и реакцијата на раководството на тогашната Југословенска народна армија, која се оценува како задоцнета и неадекватна. Дали ЈНА задоцнила во напорите да им се помогне на жртвите од земјотресот? Текстот го пренесуваме во целост:

„Доживотниот југословенски претседател Јосип Броз Тито стои пред хотелот „Македонија“ во разурнатото Скопје и прашува: „Тука како некој да заборавил да го армира бетонот?“ Лазар Колишевски, шеф на југословенскиот Народен фронт само беспомошно климнува со главата. Неговото лице не се разведрува ниту кога претседателот допрашува: „Зошто всушност тука никој не работи? Една катастрофа е навистина доволна. И сега уште овој хаос!“

Сцената која се одигра на улицата „Орце Николов“ ја открива лутината на Тито околу пропустите на југословенските воени власти, за кои досега не смееше да јави ниту еден медиум во земјата: во времето во кое американската армија во рок од 24 часа со цел болнички оддел од 200 лекари и персонал им дојде на помош на настраданите во Скопје, гордата југословенска армија чекаше во состојба на „готовс“.

Титовата за марш подготвена армија предоцна пристигна во македонскиот град уништен од земјотресот, иако имаше доволно можност да интервенира навреме.

Во 5:15 часот на 26 јули во скопската населба „Мала циганка“ почнаа да паѓаат првите слики од ѕидовите. Во рок од 2 минути и 57 секунди во градот се отворија две, десет сантиметри широки и 200 метри долги пукнатини. Од околу 46 илјади живеалишта во градот со 170 илјади жители, 35 илјади беа урнати, а под урнатините лежеа две илјади луѓе.

Josip Broz Tito

Јосип Броз Тито

Владата спие

Додека луѓето трчаа голи и крвави низ улиците на градот, еден човек ја задржа својата присебност: Гојко Николиќ, шефот на медицинската служба на Скопје. Веќе во 5:25 часот тој ја собра својата екипа.

Во овие моменти владата во Белград сѐ уште немаше поим што се случува. Само тамошниот сеизмографски институт во 19 минути и 15 секунди по 5 часот регистрираше силен земјотрес оддалечен околу 320 километри. Надлежните во Белград чекаа до 5:58 часот за да ги информираат членовите на југословенската влада, дотогаш во длабок сон.

Радио Скопје и покрај катастрофата остана во функција и се погрижи за навремена информираност. Но, поради тоа што во медиумот не пристигнуваа никакви информации, спикерот мораше да се ограничи на апели до населението - апели кои беа фатени и од приемните станици на Југословенската народна армија.

Но Белград залудно чекаше на радио пораки од народната армија, која токму беше концентрирана во Македонија, недалеку од Скопје, во невообичаено високи бројки: за разлика од границата кон Бугарија каде беа стационирани околу десет единици слични на дивизии, секоја од по 5 илјади војници, на границата кон Албанија оперираа околу 600 илјади членови на воени и паравоени формации.

Народната армија остана нема и покрај тоа што во речиси сите делови од земјата веќе се организираа крводарителски акции. Во 10 часот утрото пред болниците во главните градови на Србија, Хрватска и Словенија веќе имаше толку долги колони луѓе - крводарители, што мораше да биде побарано од фабриките за шишиња и амбалажа да работат со дополнителни смени.

Flash-Galerie Erdbeben Skopje Mazedonien 1963

Нема услови за работа

Комитетот на југословенскиот Црвен крст беше во постојано заседание. Но, сознанија за состојбата во Скопје не добиваа. Конечно, во 13:45 часот, кога Скопје веќе се соочуваше со огромен недостиг од медикаменти, двајца членови на словенечкиот Црвен крст одлучија самите да истражуваат. Она што Словенците го открија беше една дополнителна катастрофа: војници бесцелно шетаа околу урнатините и дотогаш успеале да соберат телата на околу 200 починати што се наоѓале на улиците.

„Не можевме да пронајдеме ниту шатори за нашиот персонал или за материјалите“, раскажува еминентниот словенечки доктор, професорот Богдан Брецељ. „Немаше никаков извор на енергија на кој би можеле да ја приклучиме нашата опрема, немаше рентген апарати, ниту можности за стерилизација“.

Под импресии од овој извештај во Скопје се упатува уште една извидница, радио-аматери на клубот „Триглав“ од Љубљана и во градот почнуваат да го прават она што е всушност задача на армијата: поставуваат провизорна радио станица и се поврзуваат со 20 други аматерски станици низ целата земја.

Дури тогаш - два дена по катастрофата, се ангажира народната армија. Нејзината прва мерка: му наредуваат на населението во вечерните часови да не излегува на улиците. Но, бидејќи притоа беше заборавено да се обезбедат резерви на питка вода, а високата температура (32 степени Целзиусови) го забрза распаѓањето на телата на жртвите под урнатините, поголемиот дел од преживеаните жители и онака веќе беше го напуштил градот.

Доброволци наместо војници

Наместо да организира масовно распоредување на војниците кои веројатно би успеале да спасат повеќе од 1.000 заглавени и закопани во урнатините, армијата ангажира само 4.600 доброволци. Не е реагирано на сигналите - тропањето на преживеани под затрупаните тунели на железничката станица. Југословенското воздухопловство стави на располагање само 12 екипи.

Армијата се разбуди и целосно се активира, дури откако се проширија гласини дека војниците не се способни ни да ги спречат грабежите низ Скопје.Така, тројца мажи од албанската погранична област, кои сакале приватно да приберат од она што беше преостанало од градот, пристигнале во Скопје веќе половина час по катастрофата.

Армиското раководство во овој случај се потруди да ја спаси фамата за секогаш за противудар подготвената Југословенска народна армија: армискиот штаб во Скопје објави дека тројцата крадци биле стрелани на лице место.

DW.COM

Реклама