Армин Лашет е новиот претседател на партијата на Меркел | Информации и анализи за Германија | DW | 16.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Армин Лашет е новиот претседател на партијата на Меркел

Армин Лашет како нов претседател на партијата ЦДУ би можел да биде и нов германски канцелар. Неговиот избор значи продолжување на политичкиот курс на Ангела Меркел.

Во трката за претседател на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) победи Армин Лашет, актуелен премиер на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.

На виртуелниот конгрес на партијата, Лашет ги победи неговите противкандидати, поранешниот шеф на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, Фридрих Мерц и експертот за надворешна политика на ЦДУ, Норберт Ретген.

Победа во вториот круг гласање

Бидејќи ЦДУ во моментов е најсилната политичка партија во Германија, се поставува прашањето дали нејзиниот претседател автоматски ќе биде кандидат за позицијата канцелар и со тоа наследник на Ангела Меркел.

Повеќе:

-Наследник на Меркел: Лашет, Мерц или Ретген?

-Избор на шеф на ЦДУ – кој ќе влезе во „чевлите на Меркел“?

-Почнува борбата за наследник на Ангела Меркел

Лашет, инаку во вториот круг на гласањето доби 521 глас, додека вториот кандидат Фридрих Мерц остана на 466 гласа. Претходно во првиот круг ниту еден од тројцата кандидати немаше апсолутно мнозинство. Мец доби 385 гласа, Лашет 380, а Роберт Ретген 224.

На виртуелниот партиски конгрес учествуваа 1.001 делегат од Хрстијанско-демократската унија (ЦДУ). Поради правни формалности, делегатите ќе мораат гласовите да ги испратат писмено по пошта. Така, официјално Лашет ќе биде избран наредната сабота.

По изборот, Лашет рече дека е „свесен за одговорноста“ и оти пред партијата стои предизвикувачка година која убаво е да се заврши со изборна победа.

Близок со канцеларката

59-годишниот Лашет е премиер на најбројната германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија и од 2012 година е еден од петмината потпретседатели на ЦДУ. Тој се смета за близок соработник на Ангела Меркел и на Анегрет Крамп-Каренбауер, која сега заминува од чело на партијата по само 2 години.

Лашет остана покрај канцеларката Меркел и за време на силните критики на нејзина сметка поради бегалската политика. Овие случувања во игра го вратија и Фридрих Мерц, конзервативец од ерата на Хелмут Кол, кој околу себе ги собра незадоволните во ЦДУ. Но, Мерц по вторпат, навистина тесно, ги загуби партиските избори.

Армин Лашет е роден во градот Ахен. Од 1994 година бил пратеник во Бундестагот, Европскиот парламент и во покраинскиот парламент во Дизелдорф.

Тој во трката за шеф на партијата имаше важна поддршка од министерот за здравство Јенс Шпан. Министерот Шпан за време на пандемијата стана еден најпопуларните политичари во Германија, па се шпекулира дека можеби негова цел е да биде кандидат за канцелар - досега оваа привилегија секогаш му припаѓаше на оној кој ја води партијата.

Реклама