Аргументите на студентите ја победија Владата | Македонија | DW | 25.02.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Аргументите на студентите ја победија Владата

Иако бојкот на наставата ќе биде прекинат, студентскиот фронт не е затворен - со почетокот на постапката за изработка на нов закон, ќе се отвораат и други прашања кои ги засегаат студентите

Изминатава ноќ, најверојатно, е последната што студентите ја поминаа во ослободените факултети од прогласената „слободна универзитетска зона“. Од денеска (25.02) шаторите и вреќите за спиење ќе се пакуваат, студентите го прекинуваат бојкотот и од утре се враќаат на редовната настава. Битката е добиена, автономијата одбранета! Ова се очекува да биде соопштено на денешната прес-конференција на Генералниот студентски пленум во 12 часот, откако ваквата одлука ќе биде потврдена и од интерните пленуми.

Ова е очекуваниот епилог, откако вчера (24.02) на втората рунда разговори, претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) ги прифатија аргументите на Студентскиот пленум дека има потреба од целосно нов закон за високо образование. Ивана Туфегџиќ, која беше еден од претставниците на Студентскиот пленум во разговорите со претставниците на МОН, не го крие задоволството од големата победа на студентите во оваа битка.

Mazedonien Ivana Tufegcic Studentin aus Skopje

Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум

„На средбата победија аргументите кои покажуваат зошто ни е потребен нов закон за високо образование. Актуелното законско решение е менувано 16 пати од 2008 година, со што ја губи својата комплементарност, спроведливост и суштина, создавајќи правна несигурност. Новото законско решение ќе го редефинира концептот на високото образование, за почеток со примена на методологија која во секоја фаза ќе ги вклучи студентите како дел од академската заедница. Владата на вчерашната средба, всушност призна дека нема концепт за високото образование, како што впрочем покажуваат претходните бројни измени, што е и една од причините поради која прифатија креирање на комплетно нов закон“, објаснува Туфегџиќ.

Нема државен испит!

Во новиот закон нема да биде предвиден државен испит за проверка на знаењето, а квалитетот на стекнатото знаење ќе се гарантира преку други решенија кои допрва треба да се утврдуваат. Може ли да се случи МОН подоцна да отстапи од договорот дека нема да се воведе државен испит - ги прашавме студентите.

„Не е можно, бидејќи во сите фази од подготовката на новото законско решение ќе учествуваме ние“, уверуваат студентите.

Од 17 ноември, денот кога беше организиран првиот голем студентски марш, се до денес, Студентскиот пленум успеа да ги избегне сите можни политичко-пропагандни стапици што беа поставувани на патот до остварувањето на студентските барања, а на крајот успеа да ги принуди и претставниците на Владата да разговараат за законот за високо образование исклучиво - на студентски терен!

Но, враќањето на редовната настава, не значи дека студентскиот фронт не е затворен. Со почетокот на постапката за изработка на ново законско решение, ќе се отвораат и други прашања кои ги засегаат студентите. Ваквиот континуитет во активностите, Студентскиот пленум уште вчера го најави на својата официјална страница: „За сите оние кои не веруваа дека нешто може да се смени. За сите оние кои не правеа будали и си одеа на кафе. За сите оние кои не нарекуваа со секакви погрдни имиња, не заокружуваа и ни го потценуваа интелектот нарекувајќи не 'бунтовници без причина' и бездомници. За сите оние кои не не пренесуваа овие неколку месеци или кога не пренесуваа зажаливме што и воопшто не пренесуваа: Автономијата е одбранета!

Владата потклекна пред нашите разумни барања и конечно добивме простор за пишување на нов интегрален закон за високо образование! Нема сила што ќе го сопре гласот на студентите! Благодарност до сета јавна поддршка која ни беше пружена во овие неколку месеци. Ја добивме битката, но не и војната. Дури сега ќе почне да се пишува новиот закон, а во меѓувреме не ги забораваме ниту останатите проблеми во образованието - лошите студентски домови, привилегираноста на одредени личности, непотребните давачки како ИКСА, корумпираните студентски парламенти… Затоа ги известуваме сите дека: Студентскиот пленум не застанува тука!“

Големо семејство

И ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, вчера не го криеше задоволството што е постигнат договор за подготовка на нов закон. Тој објасни дека ќе се формираат работни групи кои во рок од 30 до 45 дена ќе треба да го изработат концептот за законот, потоа ќе се организира една голема конференција, по што во пошироки работни групи ќе се пристапи кон изработка на текстот. Во последната фаза, текстот на законот ќе биде ставен на јавна расправа.

„Со овој начин на работа ќе се создаде една конструктивна атмосфера, во која сите ќе можат да го дадат својот прилог во изработка на еден квалитетен текст кој што ќе биде применлив за сите и ќе не однесе во Европа, во однос на критериумите што се воспоставени во европското образование. На крајот, апелирам лично како ректор на УКИМ до нашите колеги и студенти, да се вратат на редовните работни обврски зошто само така ќе можеме максимално да го дадеме својот прилог во изготвувањето на новиот текст“, порача ректорот.

Задоволство владее и во Професорскиот пленум, кој во изминатиот период ги поддржуваше барањата на студентите. Од утре повторно ќе бидат на иста страна од „барикадата“ - на настава и во активности насочени кон создавање на концептот за новиот закон.

Зад студентите, освен оваа победа, останува и една голема историја на студентска сплотеност и истрајност. Ја прашавме Ивана Туфегџиќ, по што ќе го памети овој период.

„Студентите отворија ново поглавје во образовната политика, конечно добивајќи признание дека се активен чинител во процесот на донесување одлуки. Тие повеќе од 4 месеци активно вршеа притисок врз власта, иако беа игнорирани и етикетирани од мнозинството телевизиски медиуми, непризнавани и неслушнати од страна на надлежните институции. Но, она што е највредно, е дека во целиот тој период функциониравме, како што вели професорката Гордана Силјановска, како едно семејство, во кое има и разбирање, и топлина, и различни мислења и дискусии за тоа. Во таа смисла, сакам да кажам дека бевме и остануваме да бидеме едно големо семејство“, заклучува Ивана.

Поврзана содржина

Реклама