Арачиново: Не сакаат да се вакцинираат, не отвараат врата ниту за попис | Северна Македонија | DW | 26.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Арачиново: Не сакаат да се вакцинираат, не отвараат врата ниту за попис

„Не постои начин за да ги убедиме дека вакцината ќе им го спаси животот. Јас прележав корона и се вакцинирав. Едвај чекам да ме повикаат и за трета доза“, вели градоначалничката

Селото Арачиново во близина на Скопје има најмал опфат на вакцинирани во државата, покажува статистиката на Министерството за здравство. На второто, неславно, место според стапката на вакцинирани е Студеничани. Не е многу подобра состојбата ниту низ повеќе градови во земјата. На дното според стапката на вакцинирани и натаму е Гостивар, а блиску до него е и Радовиш. 

Во Арачиново досега целосно се вакцинирани 9,7% од жителите. Од вкупно 14 илјади жители во општината, прва доза вакцина примиле помалку од две илјади. Слично е и во Студеничани, општина со 23 илјади жители, каде досега заштита од коронавирусот добиле едвај 2.400 луѓе или околу 10,5%. 

Кај градовите, најмал опфат на вакцинирани има во Гостивар - 25,4%, а следуваат Радовиш (25,9) , Македонска Каменица (26,9) и Кратово (26,8) кои се мачат да достигнат опфат од 30 отсто, и Кичево кое за два проценти ја надминува таа граница. Меѓу лидерите по стапката на вакцинирани, на врвот е Вевчани со речиси 60% опфатени жители. Демир Капија е единствен град кој ја надминува границата од 50%, а многу блиску до таков опфат се Охрид, Неготино, Кавадарци и Гевгелија. 

Не помагаат апелите 

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими се согласува дека е многу мал процентот на вакцинирани во општината. Таа за ДВ вели дека не помагаат ниту апелите, ниту кампањата за вакцинација. „Со сила ништо не се може“, вели Халими, која додава дека е немоќна во обидите да ги убеди своите сограѓани дека вакцината може да им го спаси животот од опасниот вирус. 

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje

Во Арачиново има и пункт за вакцинација секоја сабота, но ретко кој сака да се вакцинира.

„Направивме се што можевме. Со Министерството за здравство договоривме секоја сабота да доаѓаат екипи и отворивме пункт за вакцинација во Арачиново. На социјалните мрежи постојано им објаснуваме, ги повикуваме да се вакцинираат. Но, не можеме никако да ги убедиме дека ризикуваат многу со одбивањето на вакцината против Ковид-19“, објаснува Халими. 

Проблемот, според неа, е што повеќето од жителите го имаат прележано вирусот и сметаат дека имаат антитела коишто ги штитат. Други пак, немаат доверба во вакцините. Трети, пак, плашејќи се од принудна вакцинација, не им отвараат врата ниту на попишувачите. 

„Замислете сега што се случи за време на пописот. Мислејќи дека некој сака со сила да ги вакцинира, тие не им ја отвораа вратата ниту на попишувачите“, вели градоначалничката. 

Халими минатата година го прележа коронавирусот, а шест месеци потоа, вели дека поитала да се вакцинира. „Ако е потребна трета доза на вакцина, и тоа веднаш ќе го сторам. За здравјето и за животот се работи“, додава таа. 

Анализи 

Податоците коишто неодамна ги објави ДВ покажуваат дека 16 македонски градови се соочуваат со многу низок на процент на вакцинација, каде бројката на вакцинирани жители е под 10 илјади. Во 12 градови опфатот на вакцинирани со една доза на возраст над 18 години е под 40 проценти. Станува збор пред се за градови во источниот дел на земјата, каде апелите и кампањите на здравствените работници тешко продираат до населението. Дел од градоначалниците со личен пример, апели, секојдневни активности на терен им укажуваат на жителите дека имунизацијата е единствениот начин да се заштити личното и колективното здравје. 

Во дел од оштините, пак, локалните татковци креваат раце за слабиот одзив за вакцинација, па товарот е целосно префрлен на плеќите на здравствените работници, кои се борат и со вирусот, но и со слабата заинересираност на граѓаните да се иуминизираат.  

Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje

Во дел од оштините, локалните татковци креваат раце за слабиот одзив за вакцинација.

Податоците покажуваат дека на удар на четвртиот бран на вирусот, каде замав зема Делта сојот, се невакцинираните и младите меѓу кои процентот на вакцинирани е се уште низок. Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет на УКИМ, Александар Петличковски деновиве изјави дека вакцините функционираат одлично во намалување на шансите за тешка болест. 

„Потврдено е на милиони случаи, а потврдено е и кај нас. Околу 90% од починатите од Ковид-19 кај нас во последните месец-два се невакцинирани, овој процент во светот е околу 99 и повеќе. Посериозн и поубедлив доказ од ова – не знам што би било', изјави д-р Александар Петличковски во телевизиско гостување. 

-повеќе на темата: За да работиш, треба да си вакциниран: Какви правила важат во која земја?

Според него, шансите вакциниран човек да се разболи се мали, а шансите вакциниран човек да почине се минимални. „Доцна ги добивме вакцините, можеби не бевме подготвени и со презентација на придобивките од вакцините. Вакцините се одлично решение за излез од кризата, зошто народот не ги прифаќа – не ми е јасно. Систематска информираност на населението ни недостасува, за да фатиме чекор со другите земји каде веќе прогласуваат крај на пандемијата“, укажува д-р Петличковски.