Арапскиот свет поделен околу конфликтот во Газа | Свет | DW | 05.08.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Арапскиот свет поделен околу конфликтот во Газа

Египет порано беше доволно неутрален и поради тоа идеален посредник меѓу Израелците и Палестинците. Каиро денес меѓутоа, е дел од конфликтот. Покрај тоа, заливските земји Саудиска Арабија и Катар имаат различни интереси.

Понекогаш мали инциденти на маргините всушност ја откриваат вистинската слика. Кога шефот на радикално-исламистичкото палестинско движење Хамас, Калед Машал пред извесно време го отфрли повикот за разговори во Каиро, не требаше долго да се чека на одговор. Машаловите тврдења се уште една алка во синџирот на лаги кои ги шири оваа палестинска организација, грубо соопштија египетските дипломати. Тие јасно ставија до знаење дека во актуелниот судир во Појасот Газа, Египет не стои на страна на Хамас.

Египет контра Хамас

Непријателството меѓу египетското раководство и Хамас е длабоко. Хамас на крајот на осумдесеттите години настана како филијала на Муслиманското братство и со оваа исламска египетска организација и денес одржува блиски односи. Актуелното раководство на најголемата арапска држава дојде на власт токму со пуч против Муслиманското братство и демократски избраниот претседател на државата Мохамед Мурси. Исламската организација беше забранета, нејзините политичари убивани, апсени и прогонувани. Заедно со нив во немилост на воената хунта во Египет падна и Хамас.

Тоа непријателство Палестинците секојдневно го чувствуваат. Се затвораат тунелите кои од Појасот Газа водат кон Египет и кои се основа за криумчарската економија и за преживувањето во оваа автономна палестинска област. Официјалното објаснување на Абдел фатах ал Сиси, поранешен генерал, а сега претседател на Египет, е дека на тој начин се спречува контакт меѓу радикалниот Хамас и исламистичките екстремисти на Синај. Затоа војската на Ал Сиси ги уништува тунелите со еднаков жар како и израелските војници.

Нетрпеливоста е обострана. „Хамас сака да го понижи Ал Сиси“, вели Јусри ал Азаб од каирскиот центар за стратешки студии Ал Ахрам. „Сака да го принуди подолго да го остави отворен граничниот премин кај Рафа. Исто така, сака на светот да му покаже дека Египет веќе не е моќна регионална сила“, вели овој експерт. Од таквото однесување на Египет има големи последици - за време на владеењето на Хосни Мубарак, како и за време на краткото владеење на Мурси, Египет за Палестинците од Појасот газа беше единствен излез кон светот и истовремено делумно успешен посредник во конфликтот со Израел. Сега Каиро, меѓутоа, е дел од конфликтот.

Катар контра Саудиска Арабија

Тука, меѓутоа, не е крајот на лавиринтот на интереси во арапскиот свет. „Египет на овој начин се вмеша и во своевидната студена војна меѓу земјите од Персискиот залив“, вели за ДВ Гидо Штајнберг, познавач на Блискиот исток од берлинската фондација Наука и политика. Имено, малиот пребогат емират Катар и големата нафтена империја Саудиска Арабија овојпат се наоѓаат на спротивни страни. Додека Катар го поддржува Хамас, Саудијците се најголем сојузник и финансиер на воените власти во Египет.

Уште по соборувањето од власт на исламистот Мурси, Ријад со широкограда девизна инјекција ги поддржа властите во земјата на Нил. Причината за тоа зошто кралското семејство во Саудиска Арабија ги плаќа египетските пучисти лежи во несогласувањето со Муслиманското братство, во кое гледа идеолошка конкуренција и опасност за сопственото владеење.

Неодамна во телевизиско обраќање кралот Абдула, за волја на вистината, ги осуди злосторствата против Палестинците, ама со ниту еден збор не му пружи поддршка на Хамас. Наспроти тоа, Катар беше заштитник на Муслиманското братство и денес останува најверен сојузник на Хамас. Притоа овој емират тесно соработува со Турција. Овие две земји заедно работат на иницијатива за прекин на огнот, која би требало повеќе да ги уважи интересите на Хамас, отколку што тоа се прави со иницијативата на властите во Каиро. САД покажуваат симпатии за таквите активности, меѓутоа иницијативата решително ја отфрлаат Египет и Израел.

Египетскиот претседател Ал Сиси и саудискиот крал Абдула се наоѓаат во комплицирана ситуација. Јавното мислење во нивните земји е гневно поради големиот број арапски жртви во Појасот Газа. „Поради тоа во Египет кружат гласини дека Каиро соработува со Израел против Палестинците“, вели египетскиот автор Фахми Ховеиди. Иако притисокот на јавноста во воената автократија во Египет и во деспотска Саудиска Арабија е ограничен, експертите велат дека јавното мислење набрзо може да ги натера двајцата властодржци да ја ревидираат својата политика.