Арапската лига испраќа набљудувачи во Сирија
15 ноември 2011Групата набљудувачи на Арапската лига треба да се состои од претставници на невладини организации, но и од воени експерти, кои ќе бидат во состојба да ја проценат ситуацијата во земјата по повеќемесечни насилства на режимот против припадниците на опозицијата.
Во меѓувреме Турција и Јордан го заострија тонот во критиката на сириското раководство. Јорданскиот крал Абдула дури јавно побара од претседателот Башар ел Асад да се повлече и да го отвори патот за промени во Сирија. Според Абдула, Асад треба да стапи во дијалог со опозицијата и на тој начин да обезбеди мирен пренос на власта.
Сириската армија се оглушува на ваквите апели и ги продолжува операциите против опозицијата. Денеска во судири меѓу силите лојални на претседателот Башар Асад и бунтовниците во близина на границата со Јордан се убиени најмалку 70 лица, соопштија локални активисти. Тоа е првиот случај на сериозен оружен отпор против режимот на Асад во регионот.
Автор: ГЧ/ ЖА/ дв
Редактор: А.Трајковска