Апсења во Израел: Убиството на младиот Палестинец со националистичка заднина? | Свет | DW | 06.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Апсења во Израел: Убиството на младиот Палестинец со националистичка заднина?

Во случајот со наводното одмаздничко убиство на палестинско момче, во Израел се уапсени неколку лица. Во протестите и судирите по убиството, приведени се повеќе лица, меѓу кои и еден млад Американец.

Израелските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, јавуваат за „важен развој“ во истрагата по повод убиството на младиот Палестинец. Израелската полиција уапси шестмина осомничени за убиството на 16-годишниот палестински тинејџер, чие тело беше најдено запалено во ерусалимска шума во средата (2.07), неколку часа откако бил киднапиран во источен Ерусалим. Портпаролот на полицијата, Мики Росенфелд истакна дека истрагата оди во повеќе правци, но не се исклучува дека се работи за одмазднички чин.

Полициската портпаролка Луба Самри за новинската агенција АФП меѓутоа изјави:

„Постојат укажувања дека зад убиството стојат националистички мотиви“.

Медиумите пишуваат дека убиството е одмазда за киднапирањето и убиството на тројца израелски ученици, чии тела беа пронајдени на Западниот Брег, два дена претходно. Убиениот Мохамед Абу Кдеир бил киднапиран во зорите на пат кон џамијата. Палестинскиот врховен обвинител Мухамед Абд ал-Гани Увеили вчера изјави дека прелиминарната обдукција покажала оти момчето било живо запалено. Убиството, а подоцна и начинот на кој е тоа е извршено, предизвикаа гнев кај Палестинците кои излегоа на протести, кои прераснаа во безредија и судири со израелските власти.

Israel Festnahme von Tariq Khdeir

Апсење на 15-годишниот Американец, Тарик Кдеир

Демонстрациите се проширија од Источен Ерусалим кон централен и кон северен Израел. Во повеќе места населени со Палестинци дојде до жестоки судири. Во Ерусалим беа направени блокади на улиците, а уапсени се повеќемина демонстранти. Меѓу приведените е и еден американски државјанин, 15-годишен братучед на убиениот палестински тинејџер. Неговите родители изјавија за АФП дека тој бил уапсен уште во четвртокот, откако израелските полицајци го претепале. Видео на интернет прикажува како пограничен израелски полицаец удира на бесвесно тело, пред со колегата да го однесе. Портпарол на полицијата не можеше да потврди дали се работи за уапсениот американски државјанин.

САД побараа расветлување на случајот. Министерството за надворешни работи во Вашингтон во соопштение изрази најдлабока загриженост од прекумерната употреба на насилство. Министерството истовремено потврди дека 15-годишното момче моментно се наоѓа во притвор во Ерусалим. Претставник на американскиот конзулат го посетил вчера.

Инаку, како реакција на неколкудневните интензивни ракетирања од Појасот Газа во правец на Израел, израелската авијација, според сопствени наводи, денеска повторно извршила напади врз цели во палестиснките области каде се наоѓа радикално исламскиот Хамас. Израелскиот министер за внатрешни работи Јицак Ахаронович истакна дека и покрај константното неколкудневно насилство, нема знаци за ново палестинско востание.

Реклама