Антикорупциската комисија - жежок костен | Македонија | DW | 13.10.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Антикорупциската комисија - жежок костен

Во Македонија се води дебата дали треба да се професионализира статусот на Антикорупциската комисија. Владината намера да го измени законот предизвика силни опозициски критики. Се огласија и антикорупционерите.

default

Дали Македонија ќе биде поефикасна во битката со корупцијата, ако членовите на Државната антикорупциска комисија функцијата ја вршат професионално? Власта смета дека тоа ќе го зајакне капацитетот на оваа институција задолжена да ја предводи битката со корупцијата. Претседателот на актуелниот состав на Државната комисија, Селами Илми смета дека тоа претставува упад во работата и притисок врз независноста на Комисијата. „Апсолутно, секое јавување на членовите на комисијата да се донесе ваква или онаква одлука каква што посакуваат некои центри претставува притисок, а камоли скусување на буџетот или мандатот. Тоа е класичен упад во работата на Државната антикорупциска комисија,“ вели Илми во изјавата за Дојче веле.

Дебата во Собранието

Измените на законот за спречување на корупција што ги предлага Владата ја вжештија политичката сцена. Особено атмосферата во Парламентот окткако вчера (12.10.10)попладне е отворена расправата по владиниот предлог. Пратениците од власта и опозиционерите не штедеа време и зборови да докажат, која политичка гарнитура е покорумпирана. Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Петар Поп Арсов се повика на ранг листите на Транспаренси Интернешнл. „Кога вие бевте на власт бевме на 106 место, сега сме на 71 место што укажува дека има напредок во битката со корупцијата“. Возврати Јани Макрадули од СДСМ. „Оставете ги 2006, 2003 и 1903. Гледајте сега што ќе напише Брисел кога крадете на секој чекор“.

Како до поголема ефикасност?

Суштинската дилема е, дали ако членовите на Атникорупциската комисија се професионалци, избрани од редот на правници и финансиски експерти, ќе бидат поефикасни во откривањето на корупциски случаи? Васко Шутаров од ВМРО ДПМНЕ ја цитираше оценката на Драго Кос од Меѓународната ГРЕКО за македонската Антикорупциска комисија: „Тоа е единствена комисија којашто не е професионализирана, којашто работи хонорарно“. Роза Топузовска Каровска рече дека Кос забележал и дека Антикорупциската комисија во Македонија работи под невиден притисок на власта.

Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија завршува во февруари 2012. Антикорупционерите во последниве месеци иницираа повеќе случаи во кои се инволвирани функционери од првиот ешалон во власта.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM