Анкара сака да отвори турски училишта во Германија | Свет | DW | 13.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Анкара сака да отвори турски училишта во Германија

Во Турција има три германски училишта. Сега и Турција сака во Германија да отвори странски училишта. За тоа се преговара веќе половина година. Темата интензивно се дебатира во јавноста.

Всушност не е ништо особено кога Германија преговара со друга земја околу договор за школи и едукација. Во светот има 140 признаени германски училишта во странство. Таму учениците и ученичките може да се стекнат како со германски, така и со меѓународно или локално признаени свидетелства.

За возврат и други држави имаат свои странски училишта во Германија. Такви договори Германија има со повеќе од 20 држави од светот. Таквите странски училишта се пред сѐ од важност за децата на дипломати кои и покрај честите преселби на родителите на тој начин добиваат соодветно образование.

Проблеми во Измир

И во Турција има три германски училишта: во Анкара, Истанбул и Измир. Но, последното во 2018 година беше привремено затворено од страна на турските власти. Образложението е дека нема правна основа за школото. За да се промени тоа, германската влада од минатото лето преговара со Турција. Во изработка e „Рамковен договор за обостраност", нагласува портпаролот Рајнер Бројл.

Lisesi Schule Istanbul Türkei (picture-alliance/dpa/L.Say)

Германското училиште во Истанбул го посетувале и пранешните турски премиери Јилмаз, Ербакан и Давутоглу

„Зад него стои нашиот голем интерес германските школи во Турција да добијат правна основа." Последица на тоа е правото на Турција и таа официјално да отвори странски школи во Германија. Де факто веќе има планови за такво нешто. Како локации се наведени Берлин, Келн и Франкфурт на Мајна, каде што има многу Турци и граѓани со турско потекло.

Сојузните покраини одлучуваат

Нацрт договор веќе им е приложен на сојузните покраини. Ингеренциите за образовната политика во Германија ги имаат исклучиво покраинските власти. Нивните министри за образование се здружени во Совет на министри каде се носат и заеднички одлуки, но секоја покраина си има свои закони за образование.

Факт е дека турската држава, исто како и останатите држави не смее да се јави самата како основач на училиштата. Таквата улога мора да ја преземат приватни здруженија. Тоа фактички веќе се случи со турско-германскиот образовен институт ТИДЕСБ. Здружението постои веќе 25 години и е блиско до спорниот проповедник Фетула Ѓулен. Здружението во Берлин има свои училишта и една детска градинка.

Критика од многу страни

Т.н. заменски училишта може самите да ги бираат наставните методи и персоналот, но во однос на содржините мора да се држат до материјалот што се предава на државните училишта. „Никогаш не би се отворил простор за да се предава нешто што не соодветствува нс вредностите во нашето општество", нагласува министерот за надворешни работи Хајко Мас во телевизиско интервју во врска со преговорите со Турција. „Не се предвидени привилегии", дополнува неговиот портпарол Бројл.

Но, токму од тоа се плашат серија политичари. Севим Дагделен, пратеничка на Левицата и претседателка на германско-турската парламентарна група, вели дека турскиот претседател Ердоган го поларизира и поделува општеството во Германија.

„Неговите училишта се отров за интеграцијата и демократијата", вели Дагделен, која не може да разбере зошто германската влада во актуелната политичка ситуација воопшто води преговори со Турција. „Фатално е што германската влада разговара со Ердоган за отворање приватни училишта во Германија додека турскиот автократ критичката интелигенција во земјата ја пика во затвори или ја тера да имигрира."

Türlische Schulen in Deutschland (Getty Images/A. Rentz)

Настава на турски јазик во основно училиште на ТИДЕСБ

Критика има и од страна на пратеничката група на АфД во Бундестагот. Претседателката на пратеничката група, Алис Вајдел вели: „Искуството со испоставата на турската државна служба за религија Дитиб нѐ подучуваат дека тоа што на хартија се покоруваат на германските закони и правила, во реалноста нема некое значење." Формулацијата „образовни содржини со иста вредност" ги отвора „широко вратите на турската државна и религиозна пропаганда", вели Вајдел.

Да не се дозволи изолација

„Во секој случај мора да биде гарантирано дека во училиштата нема да има никакви идеолошки или политички влијанија од страна на турската држава", бара заменикот претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Торстен Фрај. Училиштата се од најголемо значење за успешна интеграција. „Затоа особено треба да внимаваме на тоа во едуцирањето на деца и младинци да не се случува изолација од нашето слободарско општествено уредување."

Директорката на Институтот за училишен развој во Дортмунд, Неле МекЕлвани, се обидува да ги смири страстите појаснувајќи дека според неа тоа тешко може да се случи со само три планирани училишта. „Мислам дека токму и поради вниманието кое го привлече темата, ризикот е намален", вели таа во разговор со ДВ.

Можеби се и придобивка?

Германскиот образовен систем има многу јасни насоки и правила. „Така сигурно има и многу повеќе средства против идеолошка пропаганда отколку во други области како на пример при наставата за ислам во рамки на џамиите во Германија." Германскиот образовен систем е „светлосни години оддалечен од такво нерегулирано влијание", вели  МекЕлвани. Според неа, основањето на турски училишта во Германија би можело да биде дури и придобивка за земјата. „Во најдобар случај училиштатаќе бидат толку добри што би биле атрактивни и за германски родители кои од економски или културолошки причини имаат релација со Турција и би можеле да си кажат: ова е опција и за нас, тука сакаме да ја јакнеме културолошката размена."

 

Реклама