Ангела засекогаш: демократија ли е тоа? | Свет | DW | 21.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ангела засекогаш: демократија ли е тоа?

Германија нема уставно ограничување за тоа колку пати еден канцелар може да ја врши функцијата. Теоретски, Ангела Меркел би можела да биде на власт сѐ додека е жива, доколку луѓето продолжат да гласаат за неа.

Според германскиот Устав не постои ограничување за тоа колку пати еден канцелар може да ја извршува функцијата. Германија не е исклучок: Франција е единствената европска држава во која лидерот на владата мора да ја напушти функцијата по максимум осум години владеење. Во парламентарните системи каков што е германскиот, шефот на владата – канцеларот (премиерот) – директно не се избира од народот. Но, нивните гласови влијаат на тоа кој ќе ја предводи владата по изборите.

Франк Декер, политолог од Бон, вели дека немањето на лимит за бројот на можни кандидатури и години на владеење не е проблем. „Во парламентарните системи на владеење ова прашање во основа се решава самото, па поради тоа не е потребно да се одредува лимит“, објаснува тој. Според Декер, во одреден момент, шефот на владата нема да биде реизбран. Тоа може да се случи и со гласање на недоверба, како што се случи во 1982 година. Канцеларот на социјалдемократската партија, Хелмут Шмит, беше симнат од власт по предлог за гласање на недоверба предложен од ЦДУ. На функцијата го наследи лидерот на ЦДУ, Хелмут Кол.

Долгите мандати не ја ограничуваат демократијата

Изјавите на политологот се поддржани од искуството. Во Италија, на пример, по завршувањето на Втората светска војна имало повеќе од 20 премиери. Во Велика Британија- 15. Во Германија, канцеларите Хелмут Кол и сега можеби Ангела Меркел, се исклучителни случаи во Европа кога премиерската функција 16 години била извршувана од еден политичар. 

Berlin Reichstag an der Spree (picture-alliance/dpa/P. Zinken)

Берлин, зградата на Бундестагот

Но, дали е демократси да се има шеф на влада кој не сака да се откаже од моќта? „На прв поглед ова може да изгледа како очигледно прашање“, вели Декер. „Но, Хелмут Кол имаше добар одговор на ова. Еднаш тој беше прашан за тоа дека на власт е речиси исто толку долго колку и Бизмарк, поранешниот канцелар на Рајхот. Тој одговори, ‘за разлика од Бизмарк, мене секогаш одново ме избираат’“. Политологот објаснува дека долгите мандати во Германија и други парламентарни системи се случуваат едноставно поради тоа што шефот на владата во секој нареден мандат е поддржан од народот.

САД: Максимум два претседателски мандати

Во претседателско-парламентарните системи, како што се среќаваат на американскиот континент, не е возможно една личност да владее долго. Кај овие системи, претседателот е избран директно од народот, независно од парламентот – и во повеќето случаи неговиот мандат не може да трае повеќе од два пати.

Franklin und Eleanor Roosevelt

Френклин и Еленор Рузвелт во 1935 година

Сепак, осумгодишниот временски лимит кој важи во САД е „историска коинциденција“ според политологот Франк Декер. „Првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон, по два отслужени мандати, тој самиот изјавил дека тоа било доволно за него. Потоа, сите негови наследници го следеле примерот“. Френклин Д. Рузвелт ја прекршил оваа традиција за време на Втората светска војна, со тоа што се кандидирал за трет мандат во 1940 година. По ова, осумгодишниот лимит за претседател на САД бил внесен во Уставот на САД.

Вистинското време за заминување

Франк Декер смета дека иако можностите за владеење изгледаат неограничени, политичарите треба да сфатат дека „порано или подоцна, доволно е доволно“. „По одредено време, гласачите се заситени од тоа постојано да ја гледаат истата личност“, вели тој. Тој, исто така, верува дека доколку се роди аверзија кај народот, врвот на владејачката партија ќе реагира многу брзо. „На пример, доколку ЦДУ забележи дека Меркел не ги решава работите во правилна насока, или дека нема да победи на изборите, таа наскоро ќе биде надвор од играта. Доколку тоа се случи, таа ќе биде сменета од своите луѓе“.

Но, Декер претпоставува дека тоа нема да се случи со Ангела Меркел. „Таа најверојатно ќе  направи простор за нејзин наследник. Најверојатно ќе биде некој од нејзината партија и за него ќе направи простој во средината на следниот легислативен период, значи во 2019 година“, додава Декер. Тоа би бил прв случај канцелар самостојно да ја напушти функцијата. Сепак, за да се случи тоа, таа прво треба да победи на парламентарните избори во 2017 година.

DW.COM

Реклама