Ана Дурловски обвинува за репресии во Македонија | Македонија | DW | 25.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ана Дурловски обвинува за репресии во Македонија

Сопранистката Ана Дурловски тврди дека во Македонија владее самоволие и дека нејзиниот сопруг Игор Дурловски е невин. Нејзините тврдења ги пренесуваат неколку весници и портали на германски јазик.

Весниците „Велт“, „Зидвест пресе“ „Клајн цајтунг“, „Фокус“ и „Мителбајрише цајтунг“ ја пренесуваат информацијата на агенцијата ДПА за ситуацијата во која се наоѓа Ана Дурловски. Наведувајќи дека на маргините на гостување во Штутгарт Ана Дурловски се пожалила на „репресии против оние кои мислат поинаку во нејзината татковина“, во информацијата на ДПА меѓу другото се вели:

„'Кај луѓето во Македонија владее страв', изјави таа по настапот во 'Ариоданте' во Државната опера Штутгарт. Тврди дека во балканската држава нема ниту правна држава ниту слобода на печат, туку дека наместо тоа владее политичко самоволие. Според неа, време е меѓународната заедница да ги отвори очите за авторитарните тенденции во земјата која сака да стане дел од ЕУ. Сопругот на Ана Дурловски, Игор, исто така меѓународно ценет пејач (бас), кој до пролетта беше директор на операта во Скопје, од ноември е во притвор поради сомневање за тероризам. Во еден ден беа уапсени 36 лица поради 'терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста'... 'Адвокатите зборуваат за политички прогон', вели Ана Дурловски, која тврди дека нема конкретни обвинувања или докази против нејзиниот сопруг.“

Во информацијата на ДПА се потсетува на настаните од упадот во Собранието и се вели:

„Игор Дурловски и останатите обвинети, според македонските медиуми, во април учествувале во упадот во парламентот во Скопје. Хулиганите кои пролетта претепаа пратеници и демолираа простории, биле организирани од страна на долгогодишната владејачка партија ВМРО, која беше сменета од власт на минатите избори по десетгодишно владеење. Ана Дурловски вели дека нејзиниот сопруг 60 дена мирно протестирал за Македонија.“

Повеќе на темата:

Оперското пеење не ослободува од истрага

ВМРО-ДПМНЕ на протест, парламентот не работи, „Бетмен“ недостапен

Што предвидува членот 313 од Кривичниот законик

Потсетувајќи дека Дурловски долги години живееле во Германија и Австрија, ДПА ги цитира и следните зборови на Дурловски:

„Можеби поради годините поминати на Запад верувавме премногу во слободна мисла и премногу ја отворивме устата.“

DW.COM

Реклама