Амнести: Борба за човекови права! | Свет | DW | 22.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Амнести: Борба за човекови права!

Национал-популистичките политичари и влади низ светот поттикнуваат страв и омраза. Во новиот годишен извештај Амнести интернешнал затоа го нагласува зголемениот ангажман на граѓанското општество.

700.000 Рохинги бараат заштита во Бангладеш од етничкиот прогон во нивната татковина Мијанмар. Во Европа и САД ксенофобијата и маргинализацијата повторно се враќаат во политичката реторика. Во Турција, членови на опозицијата и новинари си го ризикуваат животот и нивната слобода, кога ја критикуваат владата. Во се повеќе земји опозиционерите и луѓето кои се залагаат за заштита на човековите права се прогонувани или убивани.

Годинешниот извештај на Амнести за состојбата со човековите права во светот покажува една мрачна слика. Светла точка е зголемениот ангажман на граѓанските организации за заштита на човековите права, вели извештајот кој беше претставен во Вашингтон. Изборот тој да биде претставен токму во Вашингтот беше намерно решение, објаснува портпаролот на Амнести, Дејвид Грифитс.

„Го видовме американскиот претседател Доналд Трамп како го користи говорот на омраза. Исто така гледаме дека многу луѓе во САД активно протестираа на улица против ваквата политика".

Маргинализирање и популизам

Сличен тренд има во целиот свет. Демонизација и маргинализирање на малцинства и протерување на бегалци се глобален проблем кои се поврзани и со рамноправноста.

„Постои комплексна поврзаност меѓу повреда на човековите права и социјална нееднаквост", вели Грифитс во интервју за Дојче Веле. „Поврзноста ја гледаме во тоа што многу политички лидери го користат стравот на нивните граѓани од социјални проблеми за да шират омраза и страв."

На меѓународна сцена многу западни влади стоеа немо додека се убиваа цивили во Јемен, Ирак или Сирија, пишува во предговорот на извештајот, генералниот секретар на Амнести, Салил Шети. Малку се оние политички влијателни земји кои го дигнале гласот против повреда на човековите права.

Алармантен раст на десните струења

Извештајот на Амнести е сеопфатна годишна анализа за состојбата со човековите права во светот. Под лупа се 159 земји. Во многу земји состојбата е оценета како незадоволителна, а во најлош случај како катастрофална. Впечатокот се совпаѓа со оценките на Високиот комесаријат за човекови права на ОН:

„Ситуацијата е алармантно влошена во многу земји во светот," вели Руперт Колвил, портпарол на Високиот комесаријат на ОН за човекови права во Женева, УНХЦР. 

Повеќе:

-Мијанмар обвинет за апартхејд

-Амнести: Светот стана помрачно место во 2016 година

„Гледаме се позасилени екстремни десни струења. Тие можеби не се широко општествено прифатливи, но екстремните десничарски ставови, расизмот и ксенофобијата го наоѓаат својот пат и во политичкиот мејнстрим, што е многу, многу опасно", вели Колвил во интервју за ДВ. Влијанието е загрижувачко, особено затоа што се сугерира дека човековите права се неважни и само економскиот развој е важен. 

„Гледаме како се девалвираат основните вредности," вели тој повикувајќи се на Универзалната декларацијата за човекови права, која е настаната по Втората Светска војна како реакција на злосторствата во војната. „Денес се чини луѓето како да го заборавија тоа, што е многу загрижувачко. Со тоа ризикуваме дел од нашето не толку далечно минато да ни се повтори."

Силно граѓанско општество

И Амнести, исто како и во бирото на Високиот комесаријат за човекови права на ОН гледаат надеж во граѓанското општество. „Иако во многу земји тие се под голем притисок, граѓанските организации гледано глобално денес се многу посилни отколку од пред две децении," констатира портпаролот на УНХЦР.

Отпорот против социјална неправда, потиснувањето на човековите права и маргинализацијата на малцинствата се формира низ целиот свет. Во САД, се појави и движењето " Me-too", мобилизирајќи ги жените во светот против дискриминацијата. Во Латинска Америка беше иницијативата "Ni Una Menos" против насилството врз жените која поттикна стотици илјади луѓе да излезат на улица.

Во Венецуела и Иран граѓаните протестираат против високите цени на животните намирници и корупцијата. Во Полска, граѓанските организаци постојано мобилизираа илјадници граѓани во 2017 година кога владата сакаше да ја укине независноста на судството.

Висока цена на борците за човекови права

Цената која што ја плаќаат активистите за човекови права со нивниот ангажман е превисока. Во Турција, Танер Килиц, претседател на турскиот огранок на Амнести од минатото лето е во затвор. Директорката на турскиот огранок на Амнести, Идел Есер заедно со уште деветмина активисти за човекови права беше ослободена од притвор, но постапката се уште не е завршена.

Во светот многу активисти и борци за човекови права се брутално прогонувани. Во Кина почина во затвор, нобеловецот и борец за човекови пава Лиу Ксијаобо, откако не му беше пружена медицинска помош. Во Русија и Унгарија граѓански организации кои се поддржани од странство се прогонувани и следени од властите.

Денес, активистите за граѓански права живеат поопасно од пред 10 години: најмалку 312 лица беа убиени минатата година.

„Тоа не се само убиства, туку заплашување, клевети и шиканирање што ги загрозува животите на активистите за човекови права. Заканите доаѓаат од повеќе страни: влади, вооружени групи, корпорации и други", вели Дејвид Грифитс од Амнести.

70 години човекови права

Според извештајот на Амнести, се повеќе луѓе се подготвени да излезат на улица за да демонстрираат против неправди. Отпорот кон ерозијата на човековите права , маргинализацијата и прогонувањето на малцинствата се формира низ целиот свет. Некои од нив ги ризикуваат работните места, други здравјето па дури и животот во одбрана на правата кои од пред 70 години се содржани во Универзалната декларација за човекови права.

„70-тата годишнина од Декларацијата за човекови права е можност да ги потврдиме овие вредности во овој критичен момент: идејата дека секој член на човештвото има право на достоинство и еднаквост". вели Грифитс.


 

 

DW.COM

Реклама