Американско лоби за конкретизирање на македонско-грчките енергетски врски | Северна Македонија | DW | 02.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Американско лоби за конкретизирање на македонско-грчките енергетски врски

Што носи посетата на првиот американски „енергетски“ дипломат на Скопје? Плановите на власта се амбициозни, експертите пак внимателни оптимисти.

Засилува американското лобирање во регионов за решавање на отворените енергетски прашања. Денеска во Скопје во официјална посета пристигнува американскиот помошник државен секретар за енергетика и ресурси на Францис Р. Фејнон. Високиот американски гостин ќе одржи билатерална средба со премиерот Зоран Заев, а подоцна и заедничка прес конференција.

Посетата на Фејнон е само неколку денови по пораките што од Солун, Грција ги испрати американскиот државен секретар Мајк Помпео. На форумот, на кој присуствуваше и македонска владина делегација Помпео испрати порака дека регионот е мошне важен за диверзификација на енергијата во Европа и дека американскиот интерес има пошироко геостратешко значење.

Она што како посебно го истакнал Помпео е поддршка за изградба на интерконекторот помеѓу двете држави но и надградба на нафтоводот од Скопје до Солун, што диополнително би ја зајакнало политиката на диверзификација на изворите на енергија:

„Политиката на претседателот Трамп за цела Европа е да ги зајакне своите капацитети со тоа што регионот ќе има разновиден сет на извори на енергија. И тој да не зависи од Русија и Газпром. Тоа претставува ризик и искрено ги чини луѓето повеќе пари за греење на своите домови без користење на други енергетски можности. Она што се обидовме да го направиме, можете да го видите со нашето спротивставување на „Северен поток 2“, и обратно, тука е нашата инвестиција и поддршка во напорите за интерконекција на областа во сè, што се однесува до овие различни извори на енергија, не само за гасот, туку и за нафтените деривати и нафтата. Имав многу добри состаноци со високи претставници од Грција, од С. Македонија, секој од нив рече дека американското учество тука е навистина уникатно, навистина исклучително и мислам дека тоа ќе значи поголема диверзификација во извори на енергија, поевтина енергија и нивно спроведување заедно со сигурни партнери, како што се компании од САД“, изјави Помпео.

Од Македонската Влада за Дојче веле коментираат дека има амбициозен план за гасификација, а природниот гас е едно од горивата што значително ќе придонесе за енергетска транзиција до 2040 година. Проектот интерконектор помеѓу двата гасоводни оператора на гасововни системи (ДЕСФА од грчка страна и МЕР ТЕ ГАМА од македонска страна) е од стратешки интерес:

„Ова стратешко интеконектирање е особено значајно за нашата земја затоа што токму интерконекторот со Грција на Република Северна Македонија и дава независност, конкурентност безбедност и компетитивност при снабдувањето со природен гас. Ова е во согласност со долгогодишната енергетска стратегија и на државата и дава можност да стане важна енергетска алка во регионот на ЈИЕ“, велат од владата.

Повеќе:

-Македонска делегација на иста дебата со Помпео во Солун

-Заев во Атина: Стари пријатели и нови пријателства

-Заев на средба со Мицотакис, Османи со Дендиас

Колку е важен овој проект зборува интересот кој што веќе го изразиле земјите од регионот, за поврзување кон македонскиот гасоводен систем: 

„Косово, Црна Гора и Србија во иднина своите потреби можат да ги задоволат со поврзување кон македонскиот гасоводен систем, за што веќе е искажан интерес од горенаведените држави во бројни билатерални средби. Дополнително потсетуваме дека С. Македонија доби и грант од ЕУ во рамки на Берлинскиот процес 2019 од 13 милиони евра за овој проект. Во тек се завршни подготовки за објавување на тендер за изградба на овој интерконектор од Неготино до Неа Месинврија", велат од Владата.

Идејата за интерконекциско поврзување помеѓу Македонија и Грција не е нова. Премиерот Зоран Заев но и грчките владини претставници досега повеќепати зборувале за реализација на овој проект. За време на неодамнешната посета на Атина, владина делегација предводена од Заев, имаше средба и со претставници на „Гастрејд“ на која бил изразен и взаемен интерес за македонско учество во проектот за изградба на терминалот за течен гас кај Александрополис во Грција. Станува збор за проект за изградба на пловна станица за привремено складирање и гасификација на течен природен гас. Дел од овој проектот веќе е и Бугарија, преку националниот оператор „Булгартрансгас“.

Ова што сега се случува според упатените е очигледен сигнал дека е дојдено време за посериозна посветеност кон реализација на ова прашање. Дел од експертската јавност препознава отворен притисок за решавање на отворените прашања, но и засилување на американското влијание во овој дел Европа, посебно во услови кога Македонија стана и официјално членка на НАТО:

„САД јасно природно се борат за своите стратешки економски цели. Се работи за парите, а со тоа да се потисне и противникот. И тука е тоа нормално, сега не се зборува за гасоводот ТАП-кој што треба да го носи гасот преку Грција кон Италија, туку се насочува внимание на станица резервоар кај Александрополис каде ќе се прават големи цистерни на гас. Ние веројатно сме притиснати, ќе купуваме можеби поскапо, а можеби дури и тој гас преку Бугарија да не го купуваме, да водиме еден вид братска политика кон НАТО“, коментира универзитетскиот професор Константин Димитров.

Играта според него е голема, а македонскиот интерес од тоа повеќе би бил од аспект на алтернативи, отколку заштеда на пари:

„Економски е поевтино да се купи гас отколку течен гас. Ние имаме гас, но немаме потрошувачка. Имаме гасовод кој што може да пренесува 800 милиони кубни метри, а годишно трошиме 400 милиони кубни метри. Ако имаме втора врска, дали тој ќе биде поевтин, да има конкуренција од два извора и тоа е добро. Но тој ќе биде поскап, освен ако политички не ја притиснат Бугарија што е можно. Во игра се големи пари и станува збор за стратешка, голема игра. Притисокот е пред се политички“, смета Димитров

Освен интерконекторот во делот на гасификацијата, отворено е прашањето и околу нафтоводот Солун – Скопје. По пораките на Помпео за надградба на овој проект, многу веројатно е дека засилува и притисокот за решавањето и на ова прашање:

„Дај боже да не поттурнат оти сами вака очигледно дека се ни оди тешко. Немам детали точно за што станува збор но дај боже да кажат дека мора работите да се средат до одредени рокови. За нас и за Грците да го кажат тоа и да завршиме со работава. Оти реално, мислам дека се доцни и оди многу бавно и треба побрзо и поинтензивно да се работи. Ние треба тоа да го решиме, но како што за се` правиме кога мораме дури малку и отпосле, некогаш заради своја вина, но некогаш и заради објкективни причини доцниме. Можеби и објективно мора вака, затоа што не мрдаат работите на оваа тема", коментира за Дојче веле еден од домашните експерти за енергетика.   

Нафтоводот Солун-Скопје е изграден уште во 2000 година. Неговата намена беше да транспортира сурова нафта, но со престанокот со работа на рафинеријата Окта во 2013 година оваа енергетска линија не е во функција. Грчката страна, која е доминантен сопственик во нафтоводот веќе неколку години инсистира тој да стане продуктовод. Неколкупати се водеа и преговори, но засега епилог нема. Од Владата само коментираат дека постои интерес и подготвеност за решение:

„Во овој момент можеме да информираме дека грчката компанија- „Хеленик Петролеум" е заинтересирана да го стави овој капацитет во функција, но како продуктовод на деривати и да создаде ХАБ центар во Скопје. Ова пластично би значело дека домашниот пазар би се снабдувал преку овој продуктовод со нафтени деривати, но уште економски позначајно е дека преку истиот компаниите во Косово, Албанија, Србија и Црна гора би можеле да се снабдуваат преку нас“, коментираат од македонската Влада.

Неофицијално, на последниот состанок во Солун, на кој бил присутен и Фејнон било решено да се формира и заедничка работна група која до крајот на годинава треба да најде решение за нафтоводот повторно да стане оперативен.  

 

Реклама