Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите | Свет | DW | 17.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите

Русија се обидела да влијае на последните претседателски избори во САД - се вели во извештајот на американските разузнувачки служби. Налогот за тоа, се вели, дошол директно од Кремљ.

Според американските тајни служби, Русија во предизборието во ноември минатата година се ангажирала за тогашниот претседател Доналд Трамп и се обидела да му наштети на неговиот предизвикувач Џо Бајден и да сее незадоволство во земјата. Рускиот претседател Владимир Путин и неговата влада го „одобриле и спровевеле“ обидот за вршење влијание, се вели во извештајот од канцеларијата на координаторот за разузнавање Аврил Хаинс.

Според извештајот, Кремљ ја сметал победата на Бајден на изборите како „штетна за руските интереси“. Во својата кампања, Русија се потпрела на своите тајни служби, државните медиуми, интернет троловите и сојузниците во Украина, се вели во извештајот.

Не бил загрозен интегритетот на изборите

И покрај напорите на Русија но и на Кина и на Иран да се инфилтрираат во мрежите на кандидатите, ниту една странска земја не успеала да влијае врз резултатот на претседателските избори во САД во ноември 2020 година. Во извештајот натаму се наведува: 

„Идентификуваме неколку инциденти во кои актери поврзани со руската, кинеската или со иранската влада ја подривале безбедносната мрежа на политички организации, кандидати и партии“.

Повеќе:

-Русија и Иран украле податоци на гласачи во САД

-И Русија и Кина негираат вмешаност во хакерските напади врз американски институции

-Москва под притисок: Политиката на Џо Бајден кон Русија

Според американските разузнувачи  руските и иранските кампањи целеле на „основната инфраструктура и ја загрозувале безбедноста на мрежите задолжени за изборната операција“ во САД. Во извештајот се наведува оти тоа немало влијание на „гласањето, пребројувањето на гласовите и на резултатите“.

„Немаме докази дека некоја влада или странски актер го загрозил интегритетот на изборите или оти манипулирал со резултатите“, се додава во извештајот.

По претседателските избори, кандидатот на републиканците и поранешен претседател Доналд Трамп изнесе низа обвинувања дека изборите се украдени и оти имало манипулации.

Русија демантира

Руската амбасада во Вашингтон реагираше со соопштение дека наводите за наводно руско мешање во американските федерални избори во 2020 година, објавени од американските разузнавачки служби, не се поткрепени со никакви факти „Документот подготвен од американските разузнавачки служби е уште едно во низата неосновани обвинувања против нашата земја, за мешање во домашните американски политички процеси“, соопшти амбасадата.