Затворен „Мегааплоуд“
20 јануари 2012Американските власти ја затворија интернет-страницата „Мегааплоад“, еден од најголемите портали за размена на компјутерски документи на интернет. Првите луѓе на страницата се обвинети за прекршувањето на законот за пиратерија. Седум лица биле уапсени, меѓу нив тројца Германци. Во обвинението се наведува дека „Мегааплоад“ ги чинел носителите на авторски права повеќе од 500 милиони долари намалени приходи, поради крадење на музика, филмови и други содржини.
Во одмаздничка реакција на затворањето на „Мегааплоад“, хакери ги нападнаа и блокираа интернет-страниците на американскиот ФБИ и на министерството за правда.
Обвинението против сопствениците на „Мегааплоад“ беше поднесено само еден ден откако интернет- енциклопедијата Википедија и илјадници други портали, ги затворија своите страници на еден ден во знак на протест против предлог-законот за борба против пиратеријата поднесен во американскиот Конгрес. Неколку американски конгресмени, меѓу нив и двајца ко-предлагачи на законот, ја повлекоа поддршката за него.
Автор: БГ/ АТ/ ап
Редактор: Жана Ацеска