Американската полиција „хоспитализира“ 54 илјади луѓе годишно | Свет | DW | 02.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американската полиција „хоспитализира“ 54 илјади луѓе годишно

Во 2012 година повеќе од 54.000 луѓе завршиле во болница откако „легално“ биле сопрени од страна на американската полиција, а повеќе од 1.000 луѓе биле убиени - покажуваат резултатите од едно истражување.

Според истражувањето објавено во угледното британско медицинско списание „Превенција на повреди“, американските полицајци во 2012 година при „легално“ легитимирање, претрес и апсење, убиле или повредиле 55.400 граѓани. Истражувачите откриле дека полицијата почесто легитимира и апси Афроамериканци, американски Индијанци и Латиноамериканци. Иако употребата на сила од страна на полицијата не варира во зависност од етничката припадност на уапсените, утврдено е дека при близок контакт со полицијата припадниците на малцинствата се соочуваат со поголем ризик.

„Ова не е нов проблем“, изјави Тед Милер, научник од Пацифичкиот Институт за истражување и евалуација во Мериленд од каде потекнува студијата „Опасностите од полициските акции во САД.“ „Незаконската употреба да прекумерена сила од страна на полицијата од секогаш била проблем, а од Граѓанската војна особено е проблем за афроамериканската популација.“

Милер и неговите колеги од САД и Австралија ги истражуваа податоците од правни и медицински извори и новинарски извештаи на Гардијан и Вашингтон пост. За потребите на истражувањето како „легални интервенции“ се дефинирани „апсења, легитимирања и претресувања на улица или сопирање во сообраќајот кое вклучува претрес.“

Прикривање на полициското насилство

Милер изјави дека за време на истражувањето е константирано дека многу малку официјални податоци за насилство од страна на полицијата можат да се најдат во правните бази на податоци и дека во медицинските наоди се изоставени податоци за повредите кои биле предизвикани од полицијата.

„Беше изненадување за нас кога сфативме дека во САД иследниците и надлежниот медицински персонал во половина од случаите не забележале дека смрта или повредите биле предизвикани од полицијата“, изјави Милер. „Исто така постојат два одвоени системи на известување преку кои полицијата би требало да известува кога учествува во смртни случаи, тие два системи беа уште полоши.“

„Кога сето тоа ќе се корегира, дознавате дека полицијата е виновна за секоја 113. смрт предизвикана од огнено оружје, ако не се земат предвид самоубиствата“, додава тој.

Недостатокот на доследна евиденција, недостатокот на истражувања како тоа на Милер како и медиумското известување за нападите на полицијата, како што беа неодамнешните престрелки во кои вкупно осум полицајци го загубија животот, може да создаде впечаток дека полицијата во САД е во поголема опасност од јавноста, отколку што е јавноста од полицијата. „Меѓутоа факт е дека полицијата се почесто и пожестоко користи сила и тоа резултира со повеќе смртни исходи“, вели Кристијан Вилијамс, автор на опфатниот и критички извештај за американскиот закон и неговото спроведување под наслов „Нашите непријатели во сино: Полицијата и моќта во Америка.“

„Ниту од вестите во медиумите, ниту од полициските извештаи не можете да дознаете дека да се биде полицаец е побезбедно од возење камион“, додава тој. „Исто така од тие извори не можете да дознаете дека полицајците убиваат по 3 луѓе дневно, всушност, за тоа буквално никој не знаеше се додека Гардијан не почна да прави база на податоци.“

Расизам на институциите

Иако ризикот од повреда е ист за сите етнички групи, од моментот кога доаѓа до контакт со полицијата младите мажи афроамериканци, латиномериканци и индијанци се особено изложени на ризик од повреда или смрт. Полицијата речиси три пати почесто сопира луѓе со обоена кожа, отколку белци. „Постои реална тенденција полициската бруталност да се сфати како одреден вид на грешка, како несовршеност, а не како карактеристика на институциите“, вели Вилијамс, кој не бил вклучен во студијата. „Претпоставка е дека полицијата се однесува спротивно на својата задача. Мислам дека има повеќе смисла да се тргне од постапувањето на институциите, со оглед дека ширум државата и низ историјата се произведува насилство и несразмерно се цели кон луѓе кои не се бели-за да се заклучи дека тоа е нејзината вистинска задача.“

Гледај видео 00:35
Now live
00:35 минути

Ново шокантно убиство во САД

Студијата не ги испита причините кои стојат зад сопирањето и апсењето, на пример, дали полицијата свесно или несвесно ги бирала луѓето по бојата на кожата. Меѓутоа, студијата заклучува дека „со оглед на националната историја на расизмот, поголемиот број на смртни случаи во акциите на полицијата во САД оправдано ги загрижуваат политичките аналитичари, активистите и медиумите“. Авторите додаваат дека би „било мудро различни групи да се обучуваат како да се однесуваат кога ќе ги застане полиција“. Долгорочната цел, меѓутоа, би била да се утврдат мерки на одговорност и со насилството да се справува на институционално ниво.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама