Американската пешадија во „офсајд„ | Свет | DW | 19.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американската пешадија во „офсајд„

Додека американскиот претседател Џорџ Буш трага по нова изменета стратегија за Ирак, одамна се одвива дебата за големината и квалитетот на американската армија. Критичарите предупредуваат дека армијата, поради двете војни во тек во Ирак и Авганистан веќе е преоптоварена. Ако каде и да е во светот дојде до нов конфликт, Америка не ќе може адекватно да реагира.

Американски војници во Ирак

Американски војници во Ирак

Питер Шумејкер, командант на американската пешадија, зборува јасно и недвосмилсено:

„Како што стојат работите, пешадијата не е во можност да стави во состојба на готовност потребни сили за војна против тероризмот и за други задачи, ако не соработуваат активните сили и резервите„.

Меѓутоа, генералите не можат да повикаат резерви во потребните размери, колку што сметаат дека се потребни. Војните во Ирак и Авганистан можат да ги преоптоварат, ако бргу не се случи нешто, предупредува генерал Шумејкер. Неговиот предлог гласи: американската пешадија има потреба од повеќе војници, повеќе опрема и обука.

Ако, значи, Шумејкер сака да регрутира и да обучува нови војници, тогаш тоа чини нови пари, а тоа најнапред треба да биде одобрено. Затоа армијата сега настапува во јавноста. Експертите негодуваат дека одбранбената политика на САД предолго еднострано се насочи кон развојот на оружјето. Развојот и тестовите на нови интелигентни бомби и ракети однесоа значителен дел од воениот буџет. Само во тековнава година – 71 милијарда долари.

Другите подрачја се запоставени. Во Багдад недостигаат работи како оклопни возила и заштини панцири. Недостигаат и војници со искуства и знаења доволни за сегашните предизвици. Големи делови од копнените сили остануваат во Ирак се подолго време. Истовремено, растат барањата од нив. Чист дрил и огнена сила не се доволни, како што покажува сегашната криза во ирачката војна. Воениот историчар Макс Бут, констатира:

„Убаво е да се имаат интелигентни бомби. Но, она што вистина ни треба се интелигентни луѓе. Луѓе што зборуваат странски јазици и разбираат туѓи култури, кои ќе имаат знаења за државната форма и информирањето. Сето тоа се способности што не ги имаме доволно„.

Макс Бут доаѓа до следниов заклучок: ако американската влада бргу не преземе нешто, тогаш ќе ја проигра воената предност. Други воени експерти веќе предупредуваат: капацитетите се толку ограничени, што во случај нов конфликт во кој ќе бидат потребни многу копнени трупи, тие нема да бидат доволни. Во меѓувреме, се согледува и битка за распределба во рамките на американската армија. Во изминатите години воздухопловството и морнарицата ги добија најголемите парчиња од воениот буџет. Сега пешадијата ги најавува своите потреби што ги образложува со огромниот ангажаман на нејзините војници во актуелните војни. Министерот за одбрана Роберт Гејтс ќе мора да заземе позиција во острите дебати.