Алтмајер: Разочарување од исходот на ЕУ-самитот | Северна Македонија | DW | 21.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Алтмајер: Разочарување од исходот на ЕУ-самитот

Германскиот министер за економија се залага за што побрз почеток на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Германскиот пратеник Јуратовиќ предупредува од дестабилизирачка опасност во регионот.

Кратко пред посетата на Балкан, германскиот министер за економија Петер Алтмајер критикуваше што на  самитот на ЕУ минатата недела не е донесена одлука за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија и на Албанија со ЕУ. Во интервју за весникот „Билд“, Алтмајер изразува разочарување: „Поврзувањето на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и оддавањето признание за нивните големи напори во правец на демократија и стабилност се во наш интерес. Пристапните преговори треба да почнат што поскоро“, истакнува Алтмајер. Германскиот министер денеска и утре ќе ги посети Хрватска, Црна Гора  и Србија.

Големо разочарување од самитот на ЕУ искажа и пратеникот во Бундестагот од германската Социјалдемократска партија, Јосип Јуратовиќ.

Deutschland Josip Juratovic SPD Bundestagsabgeordneter (Imago/M. Popow)

Јосип Јуратовиќ: ЕУ го препушта своето предворје на други сили

Во интервју за германската радиотелевизија МДР, Јуратовиќ изјави дека ставот на Франција и блокирањето на одлуката за почеток на пристапни преговори на  Северна Македонија  и Албанија со ЕУ нанесува во прва линија голема штета врз  веродостојноста на ЕУ,  притоа Балканот се наоѓа во нејзиното предворје. „Се разбира, кај овие земји постојат дефицити, но сега наеднаш во игра се внесуваат нови критериуми, а тоа не е во ред, овде не станува збор за прием во ЕУ, туку за почеток на процес, за шанса за изградба на демократските институции на овие земји со наша помош“, вели Јуратовиќ. Тој дополнува дека за Балканот се заинтересирани и други сили, како Кина, Русија и Турција. Тоа значи дека ЕУ го препушта своето предворје на други сили. „Најлошо во целата работа е што овој регион може многу брзо да биде доведен до експлозија. Да наведам само еден пример - ако на Албанците им го блокираме патот, се отвора можност за опцијата Голема Албанија, за национален популизам, дестабилизирање на Македонија, Црна Гора, тука е и Косово, значи можен е домино ефект кој би било тешко да се стави под контрола. Затоа за мене е важно поврзување на овие земји во процесите, нивно демократско институционално стабилизирање“, потенцира Јуратовиќ.

Иако се очекуваше на  самитот на ЕУ  да биде дадено зелено светло за старт на преговорите, на што посебно инсистираше Германија, Франција, Холандија и Данска беа против. Нивната аргументација е дека се потребни дополнителни резултати во реформите на управата и правосудството во двете земји-кандидатки за ЕУ.

DW.COM

Реклама