Алтернатива на две столчиња - кое ќе го одбере? | Северна Македонија | DW | 20.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Алтернатива на две столчиња - кое ќе го одбере?

По синоќешната средба со премиерот Зоран Заев, Алтернатива е со едната нога во Владата, а со другата нога е осамена во опозицијата, вели аналитичарот Сефер Селими.

Владејачката СДСМ и премиерот Зоран Заев идната недела на втора рунда разговори ќе се обидат да го убедат лидерот на Алтернатива, Африм Гаши да стане дел од владејачкото мнозинство. Вчера Заев и Гаши разговараа неколку часа, но не си подадоа рака за конечен договор, оставајќи простор партиските органи викендов да ги разгледаат понудите коишто беа ставени на маса во Клубот на пратеници и да ја донесат конечната одлука. Идната недела многу работи се очекува да бидат појасни на политичката сцена. Разврска се чека и за окрупнувањето на опозицијата, а кога таа задача ќе се заврши, премиерот Зоран Заев најави повлекување од лидерската позиција во СДСМ, но и од премиерската функција. Јавноста со неизвесност ја чека и одлуката за тоа кој ќе биде новиот мандатар кој ќе ја состави владата, во која се најавени неколку кадровски измени

Со една нога во Влада, со другата... 

„По синоќешната средба со премиерот Зоран Заев, Алтернатива е со едната нога во Владата, а со другата нога е осамена во опозицијата. Зошто осамена? Бидејќи по средбата со Заев тие ги изневерија своите политички партнери, со кои влегоа во иницијативата за уривање на Владата. Со синоќешниот формален почеток на разговорите за влегување во Владата, излегува дека тие се понаклонети за влегување во власта, отколку за здружување со опозицијата“, оценува за Дојче веле аналитичарот Сефер Селими. 

За него не е изненадување што до склучување на договор не дојде веднаш на првата средба. Пролонгирањето го толкува како обид на партиите да го подготват теренот меѓу сопартијците за  евентуалното идно коалицирање

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an

Зоран Заев очекува од вторник да го почне заминувањето од премиерската и претседателската функција во СДСМ.

И премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе им бидат потребни неколку дена да ги пренесат деталите од разговорите на сопартијците и да изградат став за понатамошните чекори. Тој вели дека во Алтернатива има поделеност меѓу членовите околу идните чекори, што не е изненадување ако се има предвид дека само до пред една недела тие беа дел од една сосема поинаква иницијатива којашто ја предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Поделеност во Алтернатива 

„Кај нив постои поделеност (50:50) дали да се влезе во Влада или не. Тоа е логично оти пред една недела беа на страната да се урне оваа Влада, односно ДУИ како што тоа тие го кажуваат. Одлуките ги носат партиските тела. Ние сме отворени да ги адресираме сите барања и програмските определби и кадровските решенија. Треба да бидеме подготвени дека кога каниме некој, дека треба да дадеме нешто. Не само СДСМ да прави отстапки, туку и сите други партии, нормално и ДУИ“, порача Заев.

По тричасовната средба, Заев и Гаши излегоа со слични изјави - дека на државата ѝ е потребна стабилна Влада за да се испрати порака дека земјата е фокусирана кон процесот на евроинтеграцијата. 

Гаши потенцираше дека станува збор за особено сензитивен момент за државата во однос на евроинтеграциите, момент кој не смее да се испушти.  „Тој притисок и таа одговорност треба сите да ја споделиме и сите заеднички треба да сфатиме дека сме исправени пред сериозен предизвик за да не ја испуштиме шансата за преговори со ЕУ“, изјави Гаши.

Nordmazedonien Skopje | Afrim Gashi und Zoran Zaev

По тричасовната средба, Заев и Гаши излегоа со слични изјави - дека на државата ѝ е потребна стабилна Влада за да се испрати порака дека земјата е фокусирана кон процесот на евроинтеграцијата.

Според него,  „мора да бидеме сите свесни дека  е многу сериозен и чувствителен момент и треба сите да бидеме одговорни во однос на овој предивик“. „Сакам да покажам ваква сериозност и сакам мојата партија да помогне во тој процес. Можеме да дадеме толку сила колку што имаме доколку навистина започнеме преговори“, рече Гаши. 

Што може да се очекува идната недела за кога Заев и Гаши најавија нова рунда разговори?  Селими вели дека Алтернатива ги стави на кантар нивните политички интереси и со оглед на тоа дека се придржуваат до реториката на власта и на премиерот Заев за важноста на евроинтеграциите, ставајќи ги државните пред партиските интереси, тоа многу јасно алудира по кој пат веќе се тргнати. 

Гаши на средбата со Заев најави дека нема да се одлучува врз основа на емоции, туку врз основа на реалноста и аргументите. Алтернатива има две опции - првата е приклучување кон парламентарното мнозинство, а втората е останување со опозицијата. Тој призна дека разговара и со Зијадин Села од Алијанса за Албанците и со  Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние овие две различни аспекти за гледање на земјата ќе ги дискутираме во органите на партијата за да видиме кој тежи со повеќе аргументи, а најпрво ќе го ставиме интересот на граѓаните и Албанците. Мислам дека имавме доста плодна комуникација и сум убеден дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас“, кажи Гаши. Кој пат ќе го фати партијата ќе се знае веќе идната недела. 

Различни ставови

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во пресрет на средбата Заев-Гаши рече дека доколку Гаши мисли дека Влада предводена од СДСМ е иднината на Македонија имаат различен став.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski

Христијан Мицкоски вели дека влада што ќе ја предводи СДСМ не само што не е иднина, туку е враќање во минатото.

„Јас ги знам ставовите на господинот Гаши, бидејќи имаме дневна комуникација за фукционирањето на оваа Влада. Но, тој е претседател на политичка партија која што си има своја структура има раководство, соработници и претпоставувам ќе одлучи најдобро и ќе донесе одлука која што ќе биде најдобра за неговото членство, за граѓаните на Македонија, но и за иднината на Македонија. Доколку тој мисли дека иднината на Македонија Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, тогаш жалам но ние имаме различен став по тоа прашање“, рече Мицкоски. Според него, таква влада што ќе ја предводи СДСМ не само што не е иднина, туку е враќање во минатото, враќање во неуспесите.

Математики

Доколку во мнозинството остане и пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, кој оневозможи гласање недоверба на Владата, тогаш со евентуалниот влез на Алтернатива мнозинството би изнесувало 64 пратеници.

Владејачката СДСМ деновиве испрати сигнали дека веќе има 61 пратеник и дека битката е да се обезбедат уште четворица. „Имаме мнозинство во Собранието. Кастриот Реџепи се изјасни дека останува во мнозинството, има и други пратеници со кои се разговара и кои во минатиот период давале поддршка и очекувам тие имиња да се споменат. Во овој момент имаме 61 пратеник“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски. И генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски деновиве тврдеше дека има сигнали од опозицијата, кои даваат поддршка за евроатлантските процеси.

-повеќе на темата: Од влада „Заев три“ кон влада „НН еден“

Битката за обезбедување мнозинство се засили откако пропадна обидот на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ преку иницијатива во Собранието за гласање доверба да ја урне Владата. Клучна улога одигра пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој не се појави со Собранието, со што опозицијата не обезбеди кворум. Тој вчера поведе иницијатива во парламентот за обединување на прогресивните сили, особено на пратениците за задржување на евроатлантската перспектива на земјата во пресрет на претстојните самити на Европската Унија.

Оваа иницијатива од премиерот Зоран Заев и од шефот на дипломатијата, Бујар Османи беше оценета како мудра политичка одлука. Реџепи, според нив, со своето политичко делување го зачувал евроатлантскиот курс на земјата, не дозволувајќи притоа загрозување на процесот на интеграции, во еден чувствителен период кога се очекува да бидат донесени клучните одлуки.