Алојз Гомбар: сеќавање на мојата тетка- светица | Македонија | DW | 03.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Алојз Гомбар: сеќавање на мојата тетка- светица

Алојз Гомбар е еден од последните преживеани роднини на Мајка Тереза кој се уште живее во Скопје. В недела во Рим, на покана на Папата, ќе присуствува на прогласувањето на неговата тетка за светица

Тој е на списокот на македонската државна делегација која на 4 септември во Ватикан ќе присуствува на канонизацијата на Мајка Тереза во светица. До неговото име - Алојз Гомбар, стои кратко објаснување: роднина на Мајка Тереза. Не беше тешко да го пронајдам, со оглед дека бил познат златар во скопската чаршија. Неговата продавница за накит „Луис“ е крстена според прекарот со кој му се обраќаат пријателите. Се наоаѓа на двесте метри од местото каде што некогаш била родната куќа на Агнеса Гонџа Бојаџиу (1910-1997), и речиси исто толку до Спомен куќата изградена во нејзина чест. Го затекнав меѓу витрините полни со златен накит, со поглед кој открива дека тој веќе ги пакува куферите за пат кон Рим: еден куфер полн со возбуда што ќе присуствува на големиот чин, вториот - со гордост што е внук на Мајка Тереза, по мајчина линија. Мајката на Алојз и Мајка Тереза биле први братучетки.

„Многупати сум бил во Рим, но не сум имал можност за средба со папата иако сум го посакувал тоа. Во март годинава во Скопје дојде државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин. Тогаш од Владата ме повикаа да присуствувам на вечерата во негова чест. Кардиналот во разговорот изрази желба како роднина на Мајка Тереза да присуствувам на канонизацијата. И еве влегов во протоколот за тој голем настан. Од една страна чувствувам огромна чест и одговорност, а од друга страна се чувствувам толку ситен и беззначаен во однос на големите дела што ги направи мојата тетка“, вели Алојз (66), и покажува кон многуте слики од Мајка Тереза кои ја красат неговата продавница.

Mazedonien Alois Gumbar Neffe von Mutter Teresa

Алојз Гомбар ни го покажува документот кој го прогласува за единствен наследник на оставштината на Мајка Тереза

Во Скопје со два пара сандали

Во неговата меморија се врежани неколку сеќавања од нејзините посети на родното Скопје. Дел од 1980 година, кога насадила три бора на плоштадот по нејзиното прогласување за почесен граѓанин, и други кои го потсетуваат на нејзината исклучителна скромност.

„Дојде во Скопје со два пара сандали, едните скинати, другите нови. Ја прашав - зошто не ги носиш новите? Ми рече: Синко, мојот пат е долг и долг ќе биде. Новите морам да ги чувам“, се потсетува Алојз, на денот кога пристигнала со мала торба во која имало минимум облека. Роднините сакале да и купат нова облека, но таа ги одбила.

„Беше скромна и едноставна во секој поглед. Се сеќавам дека јадеше само еднаш дневно. Велеше - не ми треба ништо, освен да знам дека сиромашните во светот денес имале што да јадат. Лекцијата што ни ја даваше беше едноставна и благородна: Богат си толку, колку што ќе им помагаш на сиромашните. Освен љубовата, помошта и споделувањето со другите, ништо друго не е вредно!“, се потсетува тој на нејзините зборови.

Опкружен со сјајот на златниот накит околу него, го прашувам како неговата тетка денес би ја проценила вредноста на благородниот метал во неговата продавница.

„Како вредност нула. Како едно големо ништо. Таа израсна во богато семејство. Татко и Никола бил трговец со лекови, тутун и злато, од тука до Романија. Таа имала се за удобен живот. Но тоа го сметала за неважно. За неа била најважна верата во Бога, љубовта и помошта на оние на кои им треба - сиромашните и болните“, ги пренесува Алојз семејните сеќавања.

Светица на сиромашните

Таа е израсната во католичко семејство, кое себе си се декларирало како Латини. На 18-годишна возраст, во 1928 година, Агнеса заминала од Скопје кон Даблин, а од таму во Калкута, Индија. Се приклучила кон редот Лорето, како сестра Тереза и 17 години работела како наставничка во училиштето „St. Mary's School“. Во 1946 година добила дозвола да излезе од редот без да го изгуби статусот на калуѓерка и се посветила на помош на гладните и болести. Во 1950 година го основала редот „Мисионерки на милосрдието“, кој денес има мисии во повеќе од сто држави во светот. Иако Ватикан во 2016 година ќе ја прогласи за света, таа уште за време на нејзиниот живот била наречена „светица на сиромашните“.

„Во почетокот, во Индија со сомнеж гледале на нејзината работа. Мислеле дека е дојдена да врши некаква пропаганда. Тој сомнеж исчезнал кога виделе колку е посветена на помош на болните, како отвора нови болници, како и „ролс ројсот“ што и го подарила принцезата Дајана го продала за да изгради ново прифатилиште за болните“, објаснува нејзиниот внук.

Mazedonien Mutter Teresa-Haus in Skopje

Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.

За таа посветеност, оваа жена физички ситна, но голема според духот, во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Јаловите локални дебати дали е таа Македонка или Албанка, завршуваа со потсетување на нејзините зборови: „Ја сум човек и му припаѓам единствено на Бога“.

Нејзиниот живот згасна во Калкута на 5 септември 1997 година, на 87 годишна возраст. Последните зборови што ги изговорила биле: „Молете се мојата работа да продолжи. Јас не сум важна“. Погребана е неколку денови подоцна, откако нејзиното тело беше изложено во стаклен ковчег пред кој почит оддадоа илјадници верници и нејзини почитувачи. На погребната церемонија со државнички карактер, присуствуваа четиристотини истакнати личности од светот, меѓу кои претседатели и кралици.

Крстот на Алојз

Погребана е со еден од двата семејни крста. Вториот го чува Алојз, кој е и единствениот правен наследник на Мајка Тереза, според тапиите со кои располага. Но, вели дека тие не се важни: „Најважно е наследството што таа му го остави на светот и пораката дека „светот не е гладен само за леб, туку многу повеќе за љубов“. Или „ако не можеш да нахраниш 100 луѓе, нахрани барем една личност“.

Во 2003 година, во присуство на 300 илјади луѓе папата Јован Павле Втори ја прогласи Мајка Тереза за „блажена“, откако за прво чудо беше потврдено оздравувањето на Индијката Моника Бесра која во 1998 година имала тумор во стомакот. Оттогаш трае и постапката за прогласување на Мајка Тереза за света. За второ чудо се смета излекувањето на еден Бразилец кому во 2008 година му биле дијагностицирани неколку мозочни тумори, а чија сопруга се молела на Мајка Тереза додека тој бил во кома.

Mazedonien Alois Gumbar Neffe von Mutter Teresa

Дојде во Скопје со два пара сандали, едните скинати, другите нови, вели Гумбар

Сега кога е потврдено и неговото излекување, еден ден пред 19-годишнината од нејзината смрт папата Франциско ќе ја прогласи Мајка Тереза за света.
„Се чекаше да се потврдат две чуда за да ја прогласат за света. Но, јас мислам дека првото чудо е тоа што со години им помагала на лепрозните, но никогаш не се заразила. Зарем тоа не е вистинско чудо?“, прашува нејзиниот внук.

Заминувам од златарската продавница. Неколку метри пред плочата која го одбележува местото каде што е родена Мајка Тереза, петгодишно Ромче кое питачи во околината, паѓа трчајќи низ улицата. Станува полека и ги гледа панталоните скинати кај коленото. „Види чудо, не ми тече крв“, им вели на двајцата врсници. Погледнува кон плочата пред него. „Што пишува овде?“, ме прашува.

„На ова место беше куќата во која е родена Мајка Тереза...“, му одговарам. Веројатно името ништо не му значи, па збунето го крева кон небото. Можеби на вистинското место.

DW.COM

Реклама