Алијансата и Беса ја затрупаа ДИК со приговори | Македонија | DW | 01.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Алијансата и Беса ја затрупаа ДИК со приговори

Различни толкувања во албанскиот блокна изборните резултати. Едни велат дека неважечките ливчиња решиле за победникот во Струга, Тетово и Чаир, а други- дека приговорите се притисок за повеќе позиции во централната власт

Осумдесет и шест (86) приговори за изборниот процес во општина Чаир поднеле синоќа до Државната изборна комисија (ДИК) Алијанса за Албанците и Беса.

„Самиот број на поднесени приговори покажува за каков нефер изборен процес зборуваме во оваа општина“, изјави Емат Мехмети на прес-конференција.

„Како што изјавија и претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, почнувајќи од флагрантното кршење на процесот од страна на премиерот, прегазувајќи ја политичката волја на Албанците во албанските општини, но и злоупотребата што ја направи министерот за внатрешни работи употребувајќи ги полициските службеници во полза на кандидатите на СДСМ-ДУИ во Чаир и насекаде каде тие се кандидираат - се виде дека не сме имале избори, туку само крадење!“, рече Мехмети.

Раздвоеност на партијата од државата

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во првичниот извештај оцени дека не е спорна поддршката што премиерот Зоран Заев ја дал на кандидати за градоначалници, туку како проблематична ја наведе неговата изјава дека ќе се погрижи да бидат поддржани проекти на некои од градоначалниците, со што се доведува во прашање разделеноста на државата и партијата. ОБСЕ/ОДИХР во првичниот извештај оцени дека вториот круг од локалните избори бил конкурентен, а почитувањето на темелните слободи придонело за спроведување на демократски избори.

По изјавите на претставници на опозициските партии дека нема да ги признаат изборните резултати поради изборно насилство и нефер процес, амбасадорката Одри Гловер, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР рече не виделе насилство на овие избори, но дека биле евидентирани изолирани случаи на злоупотреба на административните ресурси, купување гласови, случаи на фотографирање на гласачки ливчиња, семејно гласање... Ако имало насилство на изборите, таа им порача на партиите тоа да го пријават во полицијата, а ако имало прекршување на Изборниот законик да поднесат соодветни претставки до надлежните институции.

Она на што се најмногу се жалат Беса и Алијансата, се однесува на неважечките гласачки ливчиња. Имајќи превид дека разликата меѓу победникот во општина Чаир, Висар Ганиу од ДУИ (13.916) и Зекирија Ибрахими од Беса (13.707) е 209 гласа, двете партии се сомневаат дека во таа грмушка се крие зајакот.  

„Поради огромниот број неважечки гласачки ливчиња, имаме сериозни сомневања дека манипулацијата е направена токму со нив. Затоа, поголемиот број на приговори се поврзани со ова. Покрај ова, сме забележале и флагрантно кршење на процесот со купување гласови, уцена и закани кон гласачите. После ова, може да констатираме дека изборниот процес во Чаир може да биде секаков, но не и демократски. Ја повикуваме ДИК да ги преиспита овие приговори и да одлучува непристрасно, во корист на правдата. Ја повикуваме и меѓународната заедница да ги послуша овие жалби, бидејќи нема да дозволиме нашето право да биде повредено. Не би сакале нашето право да го бараме на улица“, передупреди Мехмети.

По бројните шпекулации дека се подготвуваат протести на приврзаници на двете партии, тој испрати порака до нивните активисти да бидат мирни, бидејќи партиите ќе ги употребат сите начини за исполнување на правдата. Вчера до ДИК биле поднесени и 13 приговори од Алијансата за гласањето во Струга.

Кои гласови одлучија за победникот?

Во политички кругови во албанскиот блок, можат да се слушнат различни толкувања на изборните резултати и приговорите. Според едни, „неважечките ливчиња го решиле победникот во Тетово, Струга и Чаир“, бидејќи нивниот број бил поголем од разликата во освоените гласови на противкандидатите, а во Чаир бројот на неважечки ливчиња изнесувал околу 1.100, односно бил пет пати поголем од разликата во гласови. Други, пак, велат дека Алијансата, која тврди дека останува во Владата, приговорите ги користи како притисок за да издејствува поголеми позиции во централната власт. Како илустрација за сомнежот дека Алијансата бара повеќе за себе, а не да дели трошки од колачот во извршната власт, ја посочуваат и изјавата на новиот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, дека „ако ДПА влезе во Владата, тогаш Алијансата на Албанците ќе излезе“. Од друга страна, пратеникот Весел Мемеди од НДП, кој беше дел од Алијансата и се дистанцираше од неа, на ТВ „24“ изјави дека Зијадин Села прави коалиција со ВМРО ДПМНЕ. 

„Села цело време зборува да се сруши Груевски, а сега прави коалиција. Има логика? Нема“, рече Мемеди, додавајќи дека Села зборувал оти Беса се финансираат од Катар, а сега со нив соработува. Според Мемеди, Села уценувал и при формирањето на Владата и затоа добил повеќе позиции иако има само два пратеника.

Сомнежите за тајни коалиции и забелешките за јавните коалиции наскоро ќе се решаваат на поитичка маса, а приговорите за изборниот процес - во ДИК и во Управниот суд. ДИК, по приемот на приговорите е должна во рок од 48 часа да донесе одлука по нив. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија е должен да донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Амбасадата на САД, која вчера преку изјава им честиташе на граѓаните на Македонија кои го искористија правото на глас за локалните избори, изрази согласност со првичните оценки на ОБСЕ/ОДИХР.

„Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа компетитивни и дека почитувањето на основните слободи придонесе кон подобрување на демократскиот процес. Овие заклучоци се во согласност со она што тимовите од Амбасадата на САД го забележаа за време на првиот и вториот круг од изборите. Таму каде што постои загриженост за неправилности и злоупотреби, повторно препорачуваме на граѓаните да ја искористат соодветната процедура и да ги пријават, а на релевантните власти, брзо да ги адресираат“, се вели во изјавата. Од Амбасадата препорачуваат ДИК и други релевантни владини тела да го искористат периодот по овој изборен процес за да се фокусираат на препораките на ОДИХР што беа дадени по изборите во 2016 и во 2017 година, со цел да се зајакнат идните изборни процеси.

 

DW.COM

Реклама