Алепо- нов симбол на немоќта на ОН | Свет | DW | 19.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Алепо- нов симбол на немоќта на ОН

ОН постојано повторуваат дека сакаат да ги научат лекциите од минатото, но никако да гио сторат тоа, оценува за ДВ, професорката по меѓународно право Неле Мац-Лик.

ДВ: Зошто меѓународната заедница не презема ништо во Алепо? Зошто нема воени решенија за да се спасат цивилите?

Професор д-р. Неле Мац-Лик: Советот на безбедност на ОН во оваа ситуација би можел најдобро да делува. Соодветните, обврзувачки мерки кои ги предвидува Седмата глава од Повелбата на ОН, врз основа на кои може да се  разреши ситуација која претставува закана за меѓународен мир, не можат да се спроведат поради една од постојаните членки на Советот на безбедност на ОН. Тоа е во овој случај Русија. Ако сепак би се спровела воена интервенција, тогаш тоа би било кршење на членот 2 , точка 4. од Повелбата на ОН: Тоа значи дека немаме обврзувачки мерки од Советот на безбедност бидејќи Русија не се согласува со тоа.

Дали постои каква било можност да се стави над ова вето?

Формално не постои. Тоа значи дека не можат да бидат обврзувачки мерките на Советот на безбедност кои ќе бидат насочени против ветото на една од постојаните членки. Прашањето кое тука се поставува е дали е можна хуманитарна интервенција? Дали е можна воена интервениција која не ја авторизирал, односно одобрил Советот на безбедност, како што беше случај со Косово во 1999. година. Но и понатаму е спорно дали е тоа во согласност со меѓународното право. Во случајот со Косово, тоаш е кажано: „Не е легално, но затоа е легитимно.“ Во случајот со Алепо нема таква ситуација, но со оглед на тоа дека тоа од позиција на меѓународно право е толку спорно, ниту една држава ниту т.н. „коалиција на подготвени“ не можеше да се одлучи на таков чекор. Тука постои само политичко решение, но за такво решение потребна е согласност од Русија и од Сирија. Надворешна интервенција во моментов не е можна.

Се наоѓаме во ситуација која ни е позната. По страшните злосторства во Руанда и Сребреница, рековме дека такво нешто не смее веќе никогаш да се повтори. Но гледаме оти се повторува. И понатаму имаме многу ограничени, би рекла недоволно инструменти за делување. Независно од тоа не сум сигурна дали воено решение би им помогнало на луѓето кои се наоѓаат во ситуација каква што е во Алепо.

Prof. Dr. Nele Matz-Lück, Völkerrechtlerin am Walther-Schücking-Institut für Internationales Recht, Kiel

Неле Мац-Лик

Споменавте политичко решение. Како би требало тоа да изгледа?

Така што во Сирија, посебно во договор со Русија, дојде до примирје. Но сѐ е многу комплицирано и непрегледно што воопшто не се знае со кого, покрај Русија и Сирија (владата на Асад), би требало да се седне на преговрачка маса. На маса мора да бидат и претставници на Турција и на бунтовниците- кои и да се. Но со Исламска држва секако нема преговори.

Дали можеби требаше порано да дојде до воена интервенција?

Тешко можам да кажам, дали тоа би имало смисол или тоа би било добро решение. Верувам оти порано, секако против вољата на сирискиот режим, можеше да помогне ако е воведена „зона на забрана за летање“, за да би можело да се намали страдањето на населението. Но прашање е дали Русија ќе се согласеше со тоа. Сите останати мерки беа помалку успешни, како на пример откажувањето од употреба на хемиско оружје од страна на сирискиот режим. И понатаму се поаѓа од тоа дека дел од хемиското оружје е задржан и употребен.

Минатата недела, во вторникот (13.12.), на седницата на Советот на безбедност дојде до остра вербална размена на мислења. Американската амбасадорка при ОН, Саманта Пауер, ги обвини Русија, Сирија и Иран за „колапс“ односно за „предавство на човештвото“ во Алепо. Нејзиниот руски колега Витали Чуркин ѝ возврати нарекувајќи ја „мајка Тереза“. Што зборува тоа за состојбата во која се наоѓа ОН?

ОН по тие прашања и натаму ги доживувам неспособни да делуваат. Ние таа неделотворност ја познаваме од хуманитараните катастрофи од минатото. Постојано повторуваат дека сакаат да ги научат лекциите од минатото, но никако да ги научат. Тоа е така бидејќи државите ги застапуваат сопствените политички интереси, кои се поставуваат над интересите за спречување на една хуманитарна катастрофа. Тоа се гледа по однесувањето на Русија и на САД. На луѓето во Алепо на крајот ни малку не им помага кога претставниците на тие земји реторички се напаѓаат меѓусебно.

Д-р. Неле Мак-Лик е професорка по меѓународно право и директорка на Институтот за меѓународно право „Валтер-Пикинг“ во Кил.

 

 

DW.COM

Реклама