Александар Велики ќе гласаше за Преспанскиот договор | Македонија | DW | 11.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Александар Велики ќе гласаше за Преспанскиот договор

Треба да се потсетуваме почесто на зулумите на Груевски, зулуми за кои неговите наследници ја обвинуваат денешната власт. Зулумџиите можат да се искупат. Нека гласаат за договорот. Колумна на Светлана Јовановска.

Никој сѐ уште не знае каде точно се наоѓа гробот на Александар Македонски. Археолошката потрага по неговото вечно почивалиште трае стотици години. Безуспешно. Пред неколку години македонската власт нѐ убедуваше дека, кај и да е, ќе се открие дека големиот антички војсководач е закопан во денешната наша Македонија. Големиот Александар, роден во денешната Грција, а закопан во денешна Македонија. Тоа би била убава вест. Можеби уште една алка за пријателство што нѐ врзува со соседот Грција.

Но, тоа е уште еден убав сон кој најверојатно нема никогаш да се оствари. Александар Велики починал од силна треска во Месопотамија, денешен Ирак. Некои истражувања велат дека неговиот гроб се наоѓа во Египет. Тоа не е ни важно. Прашањето им го оставаме на археолозите и сите пасионирани со историјата на најславната личност од антиката. Неговиот гроб, дури и да е кај нас, нема да ни донесе посебен престиж. Но, од неговиот живот можат да се извлечат корисни лекции.

Наместо да го користиме Александар Македонски како историска личност што обединува и сплотува, ние и нашите грчки соседи упорно ги баравме пукнатините во кои се отвора место за кавгата и бевме влезени во апсурден натпревар на присвојување на славната историја на географската Македонија.

Носители на оваа политика на кавги кај нас беа азилантот Никола Груевски и неговиот пријател Ѓорге Иванов. Политиката на разделба и непријателство нѐ донесоа овде каде што сме сега. Застанати како маѓепсани пред преносот на собраниските седници со надеж дека на екранот ќе се појави волшебната бројка – 80!

Основата на промената на Уставот со која сме соочени денес е директна последица на политиката на гореименуваните. Политика на потрага по нашите корени во античките лавиринти на големиот Александар. Од таа потрага тие направија фарса што уште долго ќе нѐ следи, а за неа уште долго ќе се раскажуваат шеги за малиот и млад балкански народ што се упати кон 300-та година пред Исус Христос наместо да остане во 21. век и да се бори за подобар живот.

Целта на Александар - обединување

Александар Велики им припаѓа на Европа, Азија и Африка. За неговиот живот има многу толкувања од кои секој може да го извлече она што му оди во прилог или ги потврдува неговите теории. Не сум историчар, но ја сакам историјата, бидејќи таа често зборува за сегашноста. Понекогаш и за иднината.

Од светлата страна на историјата на Александар може многу да се научи. Се разбира, има и темна страна. Некои велат бил преамбициозен, суеверен, дека уривал сѐ што застанувало на неговиот пат, дека бил безмилосен со непријателот, се сметал себе си за Бог. Александар бил освојувач. Прашањето на кое ние, како млада држава и нација, треба да одговориме е - дали ние коректно ги читаме освојувачките подвизи на славниот антички Македонец.

За белгискиот филозоф со грчко потекло Ламброс Кулубаритис, Александар е првиот космополит на земјината топка, филозоф и иницијатор на мултикултурата и интеграцијата помеѓу народите, мост помеѓу ориенталниот и западниот свет.

Други колумни од авторката:

Драга Европска унијо....

Македонија од бајките

Од денешен аспект, треба почесто да се фрла поглед на Александровата вештина за обединување на различните култури. Така, раководењето на градовите што Александар ги освојувал им било препуштано на шефовите на освоените народи. Во редовите на војската на војсководецот биле интегрирани војници од освоените региони. Може да се каже дека мешање на народите била филозофијата на Александар. Така, во 325-та година пред Исус Христос, во денешен Иран, Александар организира луксузна и грандиозна свадбена церемонија на која тој се венчава со две жени, двете Иранки. Истовремено, успева да ги натера Македонците, Персијците и Иранците да склопат мешани бракови. Целта на Александар е раѓање на нов свет со мешано население. Во тој нов свет треба да има помирување. Освоените народи не смеат да се чувствуваат поробени. Тие не треба да се откажат од нивната традиција и нивниот јазик. Негова цел не била колонизацијата. Негова цел било обединувањето.

„Сите да ја гледаат земјата како нивна татковина“

Според белгискиот филозоф, Александар воведува нов начин на менаџирање на освоените територии, а тој нов начин е многу близок на ова што ние денес го сметаме за мултикултура, базирана на симетрија и реципроцитет. Освојувачот треба да ги интергира во својата култура најдобрите елементи на културата на освоениот народ. Така, некои делови на културата на Александар, треба да бидат збогатени со елементи на културата на другиот. Плутарх, славниот биограф на Александар и Цезар, има запишано дека војсководачот сакал „сите да ја гледаат земјата како нивна татковина“. Накусо, големиот освојувач под чијшто меч паднале веројатно илјадници животи, сакал мир и хармонија во заедница на интереси, вели Кулубаритис за еден белгиски неделник. Еден друг подоцнежен биограф на Александар, грчкиот автор Ариен, ги пренесува зборовите на античкиот крал: „Не е срамно за Персијците да ги усвојат обичаите на Македонците, ниту пак за Македонците да ги имитираат Персијците. Сите што се повикани да живеат под власт на истиот крал, мораат да ги имаат истите права.“ Според Кулубаритис, овие зборови отвораат можност за братство помеѓу различните култури. Видено денес, отвораат можност за братство со мигрантите кои веќе не би биле дел од „мигрантска криза“, туку дел од обединетиот свет.

Се разбира, подоцнежните западни читања и толкувања на животот на Александар, ќе го извлечат она што на тогашните елити им одело во корист, па така неговиот мултикултурен свет ќе падне во заборав.

Ние би требало да го извлечеме најдоброто од кусиот живот на најславниот антички Македонец на сите времиња. Наместо тоа, ние се обидовме, во текот на власта на Груевски, да го земеме сето она што можеше да ги доведе Грците до нервен слом. Груевски и Иванов сето тоа добро го знаеја. Нивната борба за антиката имаше само една цел – Македонија да остане само во нивни раце и менаџирана по нивна волја.

Античките авантури нѐ доведоа до денешното пазарење со правдата

Да не беше ова античко инаетење и потрага по антички корени, денес немаше да стасаме до новата општествена турбуленција поради менување на Уставот. Денес, наследниците на Груевски, собрани пред Собранието, повторуваат дека денешната власт е предавничка. Морам да ги корегирам. Оваа власт се обидува да го спаси она што може да се спаси во оваа, не само поделена, туку скршена држава. Се обидува да ги залепи деловите на ова распарчено општество и да ја извлече Македонија од безнадежниот антички затвор во кој претходната власт ја одведе. Се разбира, нема гаранција дека ќе успееме да се составиме во стабилна и просперитетна држава, но мора да се проба. Цената што ја плаќаме е огромна, но со нашата несовесна опозиција и тесните рокови за Преспанскиот договор, мал е бројот на опциите. Сведен на новата драма што се одивива во Собранието. Преспанскиот договор е основниот приоритет. Потоа, ќе видиме. Целото општество чека да го види моментот што доаѓа по усвојувањето на Договорот од Преспа.

Ова менување на Уставот е заслуга на површната, жедна за власт и античка ВМРО-ДПМНЕ. До 2008 година терминот „ерга омнес” значеше употреба на новото име на нашата земја за надворешна употреба. Накусо, „ерга омнес” значеше дека Уставот не треба да се менува за таа намена. Уставот се разбира не е ни Библија ни Куран, па може и треба, одвреме-навреме, да претпри измени и да го следи модерниот свет. Но, античките авантури нѐ доведоа до денешното пазарење со правдата.

Ќе кажете дека сето тоа е познато. Знам дека е познато. Но треба да се потсетуваме почесто на зулумите на Груевски, зулуми за кои неговите наследници ја обвинуваат денешната власт.

Зулумџиите можат да се искупат. Нека гласаат за договорот. Нека не дозволат владеачката коалиција да попушта пред некои неразумни барања на дел од албанските партии. За жал, очигледно е дека овој предлог е далеку од нивните планови.

Да можеше од некаде денес да нѐ види Александар Македонски, тој ќе сакаше да биде мостот помеѓу Грција и нашата идна Северна Македонија, ќе застанеше зад политиката на Заев кон соседите и зад политиката на помирување на македонското поделено општество. И ќе гласаше за Преспанскиот договор. Во Скопје и во Атина.

DW.COM

Реклама