Албанија - недопирлив бастион на криминалот? | Свет | DW | 30.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Албанија - недопирлив бастион на криминалот?

Албанија е најголем производител на канабис во Европа. Нарко-бандите заработуваат милиони, подмитуваат судии, обвинители, политичари. Реформата на правосудството тоа би требало да го промени. Прашање е само - може ли?

Албанија, земја-членка на НАТО и кандидат за прием во ЕУ, претставува пример за држава со зацементирана култура на неказнивост на политичарите, пример за држава со корумпирано правосудство. Во индексот на економски слободи за 2017. година, составуван од фондацијата Херитиџ и весникот „Волстрит журнал“, албанското правосудство е опишано како „неефикасно и подложно на политичко вмешување и корупција.“

Тековната реформа на правосудството би требало да овозможи Албанија во 2018. година конечно да започне преговори за членство во ЕУ. Моторот на таа реформа би требало да биде контролата - своевидно „скенирање“ на преку 1.000 судии и обвинители и отстранување од системот на оние кои своите скромни плати ги надополнуваат со пари добиени од трговците со дрога, односно од организираниот криминал. Контролата би требало да почне наскоро, под мониторинг од експерти од ЕУ и САД.

Albanien Prozess ehemaliger Innenminister Saimir Tahiri (DW/A. Ruci)

Процес против Тахири

Амбасадорот на САД: Уапсете ги крупните риби

Радикални промени во Албанија навестија и неодамнешните настани: против бившиот министер за внатрешни работи Саимир Тахири е покрената истрага поради вмешаност во трговија со дрога и обвинувања за корупција, а директорот на разузнавачката служба, Вишо Ајази деновиве поднесе оставка поради пропуштање да ја извести владата за ативностите на нарко-бандите.

Истражителите ги испитуваат евентуалните врски на бившиот министер со Моиси и Флоријан Хабилај, двајца браќа неодамна уапсени од италијанската полиција под обвинение за криумчарење канабис од Албанија во Италија. Бившиот министер ја негира вината: „Јас сум невин, обвинението е политички мотивирано. Ќе направам сѐ за да се утврди вистината и ќе се борам за своите права пред судот и пред албанските граѓани“, изјави Тахири за Дојче веле. 

И иследниците кои работат на случајот Тахири се наоѓаат меѓу оние илјада судии и обвинители кои ќе поминат низ процесот на „скенирање“ и не е сигурно дека ќе го поминат тестот. Меѓутоа, сигурно е дека се тие дел од постоечките правосудни структури склони на „затворање на случајот“ кога станува збор за корупција на високи политичари.

Најавата за подобрување на ситуацијата стигнува откако ЕУ и САД сигнализираа дека Албанија, доколку сака да започне преговори, мора прво да ги уапси босовите на организираниот криминал. Американскиот амбасадор во Тирана, Доналд Лу, неодамна им порача на судите: „Сѐ додека крупните риби не бидат уапсени, процесуирани и не завршат во затвор, судиите ќе бидат поткупливи, а владини функционери корумпирани.“

Albanien Staatspolizei in Lazarat (Albanian MInistry of Interior Affairs)

Рација во Лазарат во 2014. година

Голема фарма на канабис

Албанија моментно е најголем производител на канабис на отворено во Европа  и тоа е исклучително вносен бизнис за криминалните банди. Арбена Мечај, експерт и независен аналитичар од Тирана, за Дојче веле истакнува: „Таа илегална активност доживеа процут во периодот помеѓу 2007. и 2013. година во селото Лазарат во јужниот дел од Албанија, инаку упориште на Демократската партија.  Селото Лазарат стана 'Голема фарма' на канабис  во која годишно се произведуваа 700 до 900 тони марихуана, која беше извезувана ширум Европа и така носеше приход од преку 450 милиони евра. Тоа беше недопирлив бастион на криминалот, вон дометот на законот поради врските со политичари и полицајци.“

Со доаѓањето на власт на Социјалистичката партија во 2013. година, стопирањето на производството на дрога во Лазарат беше еден од нејзините приоритети. По петдневна полициска акција во летото 2013. година, Лазарат беше избришан од албанската мапа на производство на дрога. Но, одгледувањето канабис се пресели во други региони, а производството лани повторно значително порасна.

Ребани Јакупи, заменик на главниот директор на Државната полиција, за Дојче веле изјави: „Во 2016. година ширум Албанија под канабис биле 213,4 хектари. Полицијата уништи два и пол милиони стебла, поднесени се кривични пријави против 1.198 производители на марихуана, а против 1572 лица е покрената истрага.“

Ситуацијата на теренот значително се подобри во периодот јануари-октомври 2017. година. „Во овој период се уништени 39.000 плантажи, запленети 69 тони канабис, растурени 60 криминални групи. Против 274 криминалци е покрената кривична постапка, а еден полицаец е уапсен“, вели Јакупи. 

Сепак, Албанија и натаму останува на врвот на листата земји производители на канабис во Европа. Во 2016. година ниеден поголем трговец  со дрога не е ниту уапсен, ни кривично гонет. 

 

DW.COM

Реклама