Албанија и идејата за корекција на границите | Свет | DW | 15.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Албанија и идејата за корекција на границите

На Балканот, барем вербално, е скршено табуто за размена на територии како можно решение за Косово и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина. Како албанската јавност гледа на темата - промена на граници?

Жешко лето на Балканот. Вжештена е и политичката клима. Косовскиот претседател Хашим Тачи зборува за „корекција на границите со Србија“. Својата нова идеја прво ѝ ја изнесе на една странска новинска агенција. Албанците дознаа преку преведена вест во албанските медиуми.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај се спротивставува жестоко. Од Албанија испрати порака до јавноста преку интервју за РТК: „Зборовите не може да менуваат гранци“ и притоа, според толкувањата во Албанија, мисли дека такво нешто би можело да се направи само со војна. Против промена на границите е и косовската опозиција.

Edita Tahiri Ministerpräsidentin des Kosovo (DW/B. Shehu)

Тахири: Ова е стапица

Едита Тахири, поранешна шефица на преговарачката делегација на Косово во дијалогот со Србија оценува дека косовската влада бележи неуспех и додава: „Ова е стапица. Косово веќе направи многу отстапки во Рамбује и Виена. Нашиот најголем компромис беше 'пакетот Ахтисари', со кој српското малцинство, кое сочинува 5 проценти од населението, доби ветување за десет општини, значи 25 проценти од територијата на државата.“

Повеќе: Косово: Размена на територии би имала огромни последици за Балканот

И јавноста, барем според она што може да се види и прочита во медиумите, е против иницијативата на Тачи за корекција на границите. „Идејата за поделба на Косово е српска, а не албанска или меѓународна идеја“, напиша албанскиот писател Мехмет Краја во текст на оваа тема. „Поделбата на Косово би била беспримерно 'решение' на еден замрзнат конфликт со бомба која во секој момент може да експлодира. Тоа би требало да ги престраши Косовците, така што тие би морале да прифатат поделба како решение за кое нема алтернатива.“

Гледај видео 00:26

Меркел против промена на границите на Балканот

Тачи секојдневно на прес-конференции повторува: „Нема да се откажеме. Ќе ја добиеме Прешевската долина.“

Од Прешевската долина се слушаат оценки дека делумно решение би предизвикало трагедија. Прешевската долина има три општини: Прешево, Медвеѓа и Бујановац и тие, како што се вели, не би требало да се делат. Шаип Камбери, градоначалник на Бујановац, нагласува дека Прешевската долина не сака решние кое би го повредила територијалниот суверенитет на Косово“.

Од Албанија доаѓаат малку реакции. Албанската влада не се огласува со официјална изјава. Албанската опозиција се спротивставува на она што таа го нарекува „трговија со албанска земја“. „Албанците не можат да разменуваат една за друга две албански територии“, вели поранешниот пратеник Кочо Кокедима.

Veton Surroi.jpg (picture-alliance / dpa)

Сурој: Сѐ изгледа како подготвено сценарио

„Во една концентрирана акција, Тачи речиси истовремено со српскиот претседател Александар Вучиќ им ја објасни на Албанците својата идеја. Тоа изгледа како подготвено сценарио“, пишува Ветон Сурој, публицист, политичар и поранешен новинар од Косово.

„Српскиот претседател заедно со Хашим Тачи ја анализирал картата за да преговара околу тоа кои територии би можеле да бидат разменети. Тоа не промени ништо во фактот дека Хашим Тачи за српскиот претседател и натаму е претседател на 'привремени институции на Косово и Метохија'. Тоа значи - сеедно што ќе решат двајцата, односите меѓу Косово и Србија остануваат непроменети. За територијални 'корекции' може да се преговара само меѓу две земји кои меѓусебно се признаваат“, пишува Сурој и додава: „Она кон што стремат двајцата претседатели наликува на она што го направија Милошевиќ и Туѓман, кои во времето на распадот на Јусоглсавија наведнати над картата се обидуваа да создадат нови реалности.“

Повеќе: Духот на Голема Албанија и повторната игра со границите на Балканот

Конфликтот меѓу Косово и Србија не е територијален, туку е конфликт околу статусот на Косово, нагласува Арбен Чејку, поранешен албански амбасадор на Косово и во Македонија. „Меѓународната заедница не сака да се занимава со половични решенија. Таа сака партнери со кои ќе може да се водат разговори за прием во ЕУ (Србија) и прием во НАТО (Косово)“, изјави Чејку во интервју за албанската телевизија Факс Њус.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама