Албанија: Затишје пред бура | Свет | DW | 24.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Албанија: Затишје пред бура

В недела Албанците избираат нов парламент. Сеедно кој ќе победи, политичкиот пат на Албанија може да води само кон ЕУ. Зашто, ЕУ-перспективата е единственото што на долг рок им е заедничко на раскараните партии.

На улиците во Тирана вообичаена бучава од сообраќајот и свиреж на автомобилските сирени, ретко нешто ги навестува неделните избори: нема изборни плакати, нема гласни предизборни митинзи, агресивните тиради или критикувањето на политичките противници речиси ги нема. Ниту во полните кафулиња не можат да се чујат жолчни дискусии меѓу избирачите, кои традиционално се определуваат за Социјалистичката партија, ПС или за Демократската партија, ПД. Вжештените кавги во Албанија порано завршуваа понекогаш со тепачки, дури и со телесни повреди или убиства.

До средината на мај сликата беша сосем понаква. Со својот блокирачки став, пратениците на ПД речиси го парализираа политичкиот живот во Албанија: почнувајќи од февруари, тие ја бојкотираа работата на парламентот и не се регистрираа за изборите. Среде централниот плоштад во Тирана, ПД постави протестен шатор, од каде политичарите од Демократската партија и нивните поддржувачи преку метарски високите разгласни кутии до доцна навечер со своите агресивни говори и гласна музика ги „напаѓаа“ седиштето на албанскиот премиер, останатите владини згради и целата главна сообраќајница со шест ленти.

Благодарејќи единствено на посредништвото на претставници на ЕУ и американското Министерство за надворешни работи, дојде до разговори меѓу лидерите на ПС и на соперничката ПД. И шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, при посетата на Тирана во средината на април, побара ПД да го прекине парламентарниот бојкот.

Премиерот Еди Рама и шефот на ПД, Љуљзим Баша, во мај договорија формирање натпартиска преодна влада, во која опозицијата ги презеде функциите заменик-премиер и четири важни министерства, како и редица други мерки во функција на гаранција за фер избори.

Гледај видео 01:45

Нема верба во политичарите

Популистички изборни ветувања

Моќните политичките кланови на социјалистите и на демократите, кои меѓусебно речиси не се разликуваат, наизменично владееја со Албанија во последните две децении, со помош на малата партија ЛСИ (Социјалистичко движење за интеграција) како коалиционен партнер.

Двете големи партии, ПС и ПД сега сакаат апсолутна власт, без ЛСИ. Премиерот Рама изјави дека сака да биде кормилар кој ќе ја одведе Албанија во ЕУ. Тој не сака во скутот „никакви непредвидливи деца“, алудирајќи на ЛСИ, кои би го спречиле да го насочува кормилото онака како тој сака. И лидерот на ПД, Баша не најде пофални зборови за ЛСИ, нарекувајќи ја „трговецот од Венеција“, кој „врши политички валкани бизниси.“

Двете големи партии овие денови не ги поврзува само нападот врз поранешниот коалиционен партнер -  постојат поклопувања кај многу популистички, нереални изборни ветувања во врска со намалување даноци, брз економски подем, борбата против корупцијата и производството  на канабис. Се разбира, главното постојано повторувано ветување е политичката ориентација на Албанија кон ЕУ и Западот.

Политички вплеткувања

Оценката за Албанија, Брисел ќе ја темели првенствено на тоа дали конечно судската реформа, изгласана во парламентот ланското лето, ќе биде реализирана во практика, вели Романа Влахутин, ЕУ-амбасадорка во Албанија, во интервју за Дојче веле. Тоа е тежок потфат, зашто бројни службеници во судството важат за корумпирани и своите работни места ги имаат купено со мито. А во овој сплет од корупција и подмитливост во судството, длабоко вмешана е и политиката.

Albanien Tirana Parlamentswahlen (DW/P. Pani)

Центарот на албанскиот главен град, Тирана

Првиот чекор од оваа судска реформа беше направен минатата недела, со формирањето независна комисија, чија задача е проверка на стручната и личната способност на околу 800 судии и државни обвинители. Неодамна беше донесен и „Декриминализирачки закон“ за претставниците на политиката и јавниот живот, кој предизвика одделни поранешни пратеници и други личности да ги повлечат своите кандидатури, зашто се осомничени поради различни деликти или повеќекратно кривично казнувани.

Сепак, истакнува Африм Красничи, директор на независниот Институт за политички студии во Тирана, на нивни места се кандидираа членови на нивните семејства или други роднини.

Публицистот и поранешен министер за надворешни работи во владата на ПД, во периодот меѓу 2005 и 2007 година, Бесник Мустафај, не верува дека Албанија може да профитира од голема коалиција меѓу ПС и ПД. Сепак, сеедно дали в недела ќе триумфира фаворитот Еди Рама или аутсајдерот Љуљзим Баша, сеедно дали ќе се создаде голема коалиција или ќе мора ЛСИ да биде јазичето на вагата заради постигнување потребно мнозинство, политичкиот пат на Албанија може да води само кон ЕУ. Зашто, ЕУ-перспективата е единственото што на долг рок им е заедничко на раскараните партии.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама