Аларм за екоцид - загадувањето чини прескапо! | Северна Македонија | DW | 26.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Аларм за екоцид - загадувањето чини прескапо!

Битката за чист воздух бара храбри функционери, но и посовесни граѓани. Волја има, но нема доволно акција.

Во Македонија веќе со години пишти алармот дека воздухот што се дише е опасен по живот. Мерните станици во Скопје, но и повеќе други градови во внатрешноста на земјата, уриваат рекорди. Посебно во зимскиот период, кога нивото на загаденоста станува екстремно висока. Граѓаните се жалат дека тешко дишат:

„Катастрофа, да живееш во центар на главен град во земја која сака да стане дел од ЕУ, а да се труеш од воздухот што го дишеш е скандалозно. Свесни ли сме што ни се случува? Ова веќе станува неподносливо. Да ти е страв од дома да излезеш“, реагира Стојан, повозрасен жител на Скопје.  

Граѓаните негодуваат, надлежните се правдаат. Мерки се преземаат, но позначајни ефекти изостануваат. Дел од упатените предупредуваат дека проблемот се третира повеќе кампањски отколку системски:

„Ако ние како граѓани, волонтери, можеме да следиме сѐ, да се организираме, да бараме решенија, нема никакво, ама никакво оправдување, надлежните институции и функционери да бараат 'дупки' низ законите и правилниците за да ја оправдаат неактивноста.

Eli Peseva (Privat)

Ели Пешева, О2 Коалиција за чист воздух

Сите сакаат решенија, а тие никако да стигнат во полна сила, бидејќи делумно го потценија проблемот, а делумно наоѓаат оправдување во неговата комплексност (што секако е отежнувачка околност), и тоа да биде покритие за немањето резултати. Она што ние го очекуваме е цврст и одлучен став, за храбро преземање мерки, особено што голем дел од нив нема да бидат популарни. Но овој проблем, вака метастазиран, бара храбри функционери кои ќе го решаваат, па дури и по цена на политичките кариери“, реагира еко-активистката Ели Пешева. 

Повеќе: 

Загадување: Се трошат и заштедите за прочистувачи на воздух

ЕБРД: Загадувањето на воздухот е резултат на старите термоцентрали

Скопје без смог - тоа сега е незамисливо

Најзагрозени - децата

Колку е алармантен проблемот покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје, според кој годишно во Македонија како последица на загадувањето се регистрираат 1600 смртни случаи. Уште пострашни се проценките на меѓународните организации кои сметаат дека црниот биланс по овој основ е двојно повисок. Најзагрозени се децата:

„Животот на децата овде станува неподнослив. За жал, во Македонија се случува екоцид. Граѓаните, колку и да се свесни за последиците кои ги трпат од загадувањето на воздухот, и покрај бројните активности, протести и други форми на дејствување, се немоќни да се справат со неодговорните структури на власт. Кога во услови на висока концентрација на канцерогени честички ПМ10 и 2,5 микрограми на метар кубен и траат цела зима над дозволените 40 мг/м3 гранична вредност според европските стандарди, што може да констатирате? Кога мерните станици покажуваат високи прагови од 200, 300, 400, 500 и повеќе мг/м3 ПМ10 и 2,5, и траат цела зима, може да констатираме дека се доведува во прашање правото на живот на децата“, предупредува Драги Змијанац од првата Детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje (Reuters/O. Teofilovski)

Проблемот е метастазиран и бара храбри функционери кои ќе го решаваат, па дури и по цена на политичките кариери, смета Пешева

Тој предупредува дека се потребни итни законски измени за намалување на прагот за аларм и активирање на итни мерки за спас на животот на децата:

„Пратениците мора да се мобилни, да бараат законски измени на намалување на високиот праг од 200 мг/м3 на 40 мг/м3 дозволена гранична вредност, според европските страндарди. Пратениците треба да бараат прагот на информирање за ПМ10-честичките да биде 50 микрограми на метар кубен, а никако повисок од 75 микрограми на микрограми на метар кубен, два дена последователно. Прагот на алармирање треба да биде поставен на 50 микрограми на метар кубен. Граничните вредности, кои се најстрогите правила во законодавството на Европската унија, за нивоата на загадување на воздухот, дефинираат дека дневната граница на присутност на ПМ10 честичките не смее да биде поголема од 40 микрограми на метар кубен. Во Македонија дефинитивно не постои безбедно ниво на загаденост.“

Стратешки план со трошни средства

Надлежните  уверуваат дека се мобилизирани. Неодамна презентираа и план и програма чија имплементација годинава треба да биде стратешки приоритет на Владата:

„Оваа програма има план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50%, додека во другите градови кои што се жртви повеќе од некои други намалувањето е помеѓу 30% и 50%. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра“, изјави заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Mazedonien Smog in Skopje (picture-alliance/AA/N. Batev)

Каде е градот? Скопје обвиено во магла и смог

Граѓанските организации сепак критикуваат дека мерките кои што се преземаат се недоволни за ефикасно справување со проблемот:

„Ако го прогласувате загадувањето за стратешка цел, како е можно да издвоите трошки од буџетот за него? Спрегнете ги сите надлежни институции и како Влада ставете средства на располагање за да видиме сериозно подобрување во период од неколку години. Во планот на пример, предвидено е само за оваа година да се изврши замена на начинот за загревање кај 1100 домаќинства низ Македонија, а статистиката вели дека бројот на домаќинства кои треба да бидат префрлени на незагадувачки начин на греење само во Скопје е повеќе од 50.000.

Гледај видео 02:07

Скопје може повторно да стане велосипедски град

Во цела Македонија тој број е над 340.000 домаќинства. Сега, со предложенава динамика, ќе ни треба еден просечен животен век за сево ова? Граѓаните по различни основи, секоја година, плаќаат различни такси и даноци за животна средина и таа сума достигнува околу 800 милиони годишно. И никогаш овие средства не се искористени за тоа, за што се наменети. Само половина од оваа сума, ќе овозможи експедитивно намалување на загадувањето и решавање на проблемот во краток период“, реагира Пешева.

Неефикасни инспекции

Дополнителен проблем, според Пешева, е законската регулатива, но и недоволната активност на инспекциите:

„Еве, неколкуте случаи, само од оваа недела, даваат одговор на ова прашање. Да не постираа граѓаните видеа од црниот чад на печката од Дрисла, работата таму ќе си продолжеше како да е сѐ најнормално. Или вчерашната констатација дека инспекторите од Град Скопје и општините имаат откриено повеќе од 100 објекти кои имаат печки до 1 мегават, можат да горат што сакаат, пластика, гуми, дрва, и никој да не може да ги казни, иако измерените вредности на ПМ честички во нивната околина биле и за 30 пати повисоки. Само заради еден правилник на Министерството за животна средина, според кој од 1987 година се мери чадниот број, инспекторите не можат да казнуваат, а Скопје е број еден во светот со најзагаден воздух".

Mazedonien Skopje Smog (DW/Petr Stojanovski)

Фокусот пред сѐ треба да е кон тешката индустрија и мали загадувачи кои не се детектираат и санкционираат од инспекторите, оценува Змијанац

Во вакви услови, клучно е фокусот да биде насочен кон изворите на загадување :

„Фокусот пред сѐ треба да е кон тешката индустрија и мали загадувачи кои не се детектираат и санкционираат од инспекторите и не сите имаат и користат филтри за заштита на населението од штетните канцерогени честички кои ги испуштаат во воздухот. Тие учествуваат во најголем процент во високите дози на канцерогени честички ПМ 10 и 2,5. Потоа, затоплувањето на домовите како резултат на лошиот животен стандард и сиромаштија граѓаните горат несоодветни или неквалитетни огревни материјали, градежништво кое ги гуши градовите со пренатрупани станбени објекти без водење сметка за зеленилото и провев и на крај сообраќајот и застарениот возен парк пред се како резултат повторно ќе нагласам на нискот животен стандард. Да не заборавиме и миграцијата која се случува како резулат повторно на сиромаштијата од помалите градови во поголемите и немање елементарна еколошка свест и совест на локалната самоуправа за зелените и тревни површини“, коментира Змијанац.

Гледај видео 00:46

Најспомнуваниот збор во 2018

Главни виновници

Светска банка неодамна предупреди дека загадувањето ја чини Македонија повеќе од 300 милиони евра годишно, односно 3,2 проценти од БДП. Во последниот извештај оваа финансиска институција предупредува дека е потребен сериозен ангажман на надлежните:

„И покрај воведувањето мерки како што се попис на загадувањето и системи за следење на воздухот, сепак постои потреба од поинтензивно спроведување и на регулативите поврзани со животната средина. Главните виновници, одговорни за повеќе од 90% од емисиите, се патниот сообраќај, индустријата и енергетското производство, како и затоплување на домаќинствата. Ограничените јавни ресурси и недостатокот на политики го спречија спроведувањето на одлучни акции за запирање на заканите по животната средина“, се наведува во извештајот.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама