Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност | Северна Македонија | DW | 16.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност

Македонската страна може повеќе да добие со решавање на спорот за името и така на работите се гледа и во Грција, што може да претставува проблем, вели за ДВ Хајнц-Јирген Акст, добар познавач на односите меѓу двете земји.

ДВ: Дипломатските напори за решение на спорот околу името се интензивираат. Некои набљудувачи се осмелуваат дури да оценат дека спорот е пред решение. Имаат ли право?

Хајнц-Јирген Акст: Прво, мора позитивно да се регистрира дека двете страни меѓусебно разговараат. Тоа во минатото не беше случај, затоа што за дијалог често се поставуваа предуслови. Промената на власта во Скопје е веројатно причината за тоа што сега дојде до разговори. Актуелната владејачка партија СИРИЗА во Грција во времето додека беше во опозиција покажуваше повеќе знаци на подготвеност на отстапки, но откако стапи на власт во јануари 2015 година не презеде никакви сериозни чекори за да дојде до решение на спорот за името. Веројатно помалиот коалицонен партнер АНЕЛ на господин Каменос беше против. Со новата влада во Македонија ситуацијата се промени, затоа што таа, за разлика од претходната влада, не се профилираше со „антиквизација на македонскиот идентитет“. Оттука, актуелната констелација нуди шанси.

Што би можело да се покаже како најголем проблем?

Просторот на македонската страна за дејствување е ограничен поради приврзаниците на ВМРО кои прашањето на името го прогласија за егзистенцијално прашање. Од актуелната владејачка партија пак избирачите очекуваат повеќе од само дефинирање на националниот идентитет. Се бараат решенија за подобрување на економската и социјалната ситуација. Ако во тој дел напорите на владата бидат успешни, тогаш македонската страна би била повеќе подготвена на компромис. 

Кај грчката страна владејачката партија СИРИЗА би требало да е поподготвена на компромис, затоа што така се декларираше во минатото. Но, отпорот не би требало да се потцени ниту тука. Прво, најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека 7 од 10 Грци се против компромис за името во кој би се задржал поимот „Македонија“. За владата во Скопје пак, тешко дека е можен компромисен предлог кој нема да го содржи тој поим. Натаму, анкетите покажуваат дека од грчките граѓани поподготвени на компромис се избирачите на СИРИЗА. Во таа група „само“ 54% сметаат дека не треба да се употребува терминот „Македонија“. За разлика од нив, од приврзаниците на Нова Демократија, која му припаѓа на десниот центар, 67% се против употреба на поимот „Македонија“. Слично е расположението и кај АНЕЛ. Во Грција не треба да се потцени ниту православната црква. Архиепископот Јероним неодамна се изјасни децидно националистички, така што дури и премиерот Ципрас му упати писмо за да повика на поумерен став.

По што актуелниот момент во билатералните односи и во меѓународен контекст се разликува од последниот четврт век, во кој се водеа некогаш повеќе, некогаш помалку интензивни разговори?

Од една страна, треба да се нагласат внатрешнополитичките промени во двете земји, иако би требало да се предупреди од опасноста да се очекува премногу. Од друга страна, состојбата на Балканот не е некомпликувана. Старите конфликти сѐ уште не се решени, или повторно испливуваат на површина, како што на пример се случува и меѓу етничките групи во Македонија. Брзо приближување на балканските држави кон ЕУ не е на повидок. Желбата за темелни реформи во државите е намалена. Внатрешните проблеми, како клиентелизмот и корупцијата, го кочат развојот. Во вакви услови настанува можеби ситуација која може да се нарече парадоксална: на Балканот се осознава, барем парцијално, дека работите мора да се решаваат со свои сили, дека не треба да се очекуваат чуда однадвор. Ваквото отрезнување би можело да му даде поттик и на барањето компромис за прашањето на името. Но, како што се покажува, отпорите не треба да се потценуваат. 

Кој е под поголем притисок - Ципрас или Заев? Или, чиј интерес за решение на проблемот во моментов е поголем?

Македонската страна во секој случај може повеќе да добие. Така на работите се гледа и во Грција, што, се разбира, може да претставува проблем. Грчката страна би можела да ја поврати меѓународната репутација. Меѓутоа, тоа што Атина при одредени одлуки, како на пример планираното приклучување на Македонија на НАТО, не се држеше до Спогодбата од 1995 година, не ѝ нанесе преголеми штети на Грција, затоа што меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, сметаа дека други прашања се поважни. Значи, за некаков „голем притисок“ на двете страни не може да се зборува. Господин Заев притиска очигледно повеќе.

Посредникот на ОН, Метју Нимиц, неделава во Њујорк треба да има средба со претставниците на двете земји. Грчките медиуми шпекулираа дека на маса ќе стави три предлога. Македонскиот министер за надворешни работи Димитров пак, по средбата со својот грчки колега Коѕијас изјави дека е постигната согласност за формирање работни групи кои би требало да се сретнат на почетокот на февруари. Колку брзо ќе оди процесот? Какви се Вашите проценки?

Со оглед на досегашните искуства, би било чудо ако работите одат брзо. Веќе самото прашање како организаторски да се пристапи кон проблемот, е полно со тактизирање. Меѓутоа, двете држави веројатно нема да сакаат да го загубат образот за нешта за кои е неопходна минимална добра волја. Вистинскиот проблем се состои во тоа што прашањето на името поради внатрешнополитички прашања - врзување избирачи - е толку подгреано, што сега мора да се бараат патишта за излез од оваа тешка ситуација. Тоа се однесува на двете страни. Македонската страна има можеби мала предност - таа не е толку долго на власт како СИРИЗА. А, според една политичка мудрост, тешките прашања се решаваат најдобро веднаш по стапувањето на власт. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини рече дека 2018 година е решавачка за Балканот. Кои регионални проблеми, според Вас, ќе бидат решени годинава и дали прашањето на името ќе биде меѓу нив?

Научниците не се погодни за прогнозирање, но ретроспективно имаат главно посилни аргументи. Но, сериозно, со оглед на досегашните искуства би било чудо ако контроверзата биде решена до 31 декември 2018. Шанса за тоа има. Одговорноста лежи пред сѐ кај двете непосредно погодени страни. ЕУ би морала да се грижи пред се’ Балканот да не тргне во друга насока од Европа и реформските сили да не се обесхрабрат.

Професор емеритус д-р Хајнц-Јирген Акст до 2012 година раководеше со Катедрата за европска интеграција и европска политика на Универзитетот Дуизбург-Есен. Меѓу тежиштата на неговите истражувања се и односите на Грција со соседите и нејзината улога на Балканот, а во тие рамки и спорот за името со Македонија. 

DW.COM

Реклама