Ако треба и на Трамп ќе му дигнеме споменик | Свет | DW | 19.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ако треба и на Трамп ќе му дигнеме споменик

САД никаде во светот не се толку омилени како во Косово. Но тамошните граѓани не се сигурни каков ќе биде односот на велесилата кон нив кога во Белата Куќа ќе влезе Доналд Трамп. Репортерката на ДВ ги бара одговорите

„Thank you USA“, пее во поп-фолк ритам косовскиот пејач Арменд Мифтари. Во песната, САД му се и најдобар пријател и легенда и миротворци. Зборовите во таа песна воопшто не претеруваат кога станува збор за односот на косовските Албанци кон САД. Прошетката низ центарот на Приштина е како прошетка низ изложба на благодарност кон Вашингтон поради поддршката на косовската независност. Златната кичеста статуа на Бил Клинтон, неговиот булевар кој се вкрстува со булеварот на неговиот голем политички ривал Џорџ Буш.
„Клинтон ни помогна да бидеме слободни кога беше војна“, вели една девојка на улица. „Споменикот е најмалку што можеме да сториме, не дека имаме многу други начини како да се заблагодариме. Па така, ја направија статуата, ставија негова фотографија горе и слават 4 јули“, вели таа со насмевка. Да, Денот на независноста, националниот празник на САД навистина се одбележува и во Косово.

Американско лобирање

Сега на Косово се загрижени дека избраниот претседател Доналд Трамп би можел да биде постуден кон Приштина. Не само што за Трамп се зборува дека ќе им биде наклонет на Путин и на Русија- традиционалниот српски сојузник- туку и неколку пати го доведуваше под прашање постоењето на НАТО. „Во секое истражување на јавното мислење за довербата во институциите, НАТО е на врвот кај Косовците. Тоа не е само перцепција, НАТО навистина ја гарантираше нашата безбедност во овие 15 години“, вели Агрон Деми, политички аналитичар на приштинскиот институт ГАП.
„Многумина, вклучително и јас, сметаат дека ќе биде потешко во мандатот на Трамп. Една од причините е што американските демократи генерално му даваа повеќе поддршка на Косово. Независноста ја признаа само 113 држави, а ни требаат уште многу за да станеме членка на ОН“, вели Деми. Во тој поглед, клучно е лобирањето на САД, дополнува тој.

Hillary Clinton USA Kosovo Pristina Balkan

Бутикот „Хилари“ во Приштина

Назад на улиците, само неколку метри од споменикот на Клинтон, еден бутик за женска облека го носи името на неговата сопруга, Хилари. „Името на бутикот беше идеја на нашиот татко“, вели сопственичката Елда Морина. „Јас исто така ги почитувам идеите на Хилари Клинтон и горда сум на тоа“. Хилари го посети бутикот во 2010 година како државен секретар. Елда Морина на ѕидот ја чува фотографијата со неа. Многу е разочарана што Клинтон загуби на изборите. „Таа е силна жена со големи визии. Феминистка е, многу ни помага. Мислам дека на жените им е потребна поддршка повеќе од било кога“, вели Морина.

Може и споменик на Трамп

Ги посетуваме и браќата Красниќи, Куштрим (30) и Фитим (26). Интересни се за оваа приказна затоа што пред изборите во САД ја отворија интернет-страницата ksiftrumpwins.com (Косово доколку победи Трамп) со која ги повикуваа разочараните Американци да се доселат на Косово.
„Бев опседнат со американските избори а со името Трамп се промовираше сѐ и сешто. Помислив- зошто да не го искористиме тоа и да ја промовираме нашата земја“, раскажува Фитим.
Но, двајцата програмери не се воопшто загрижени поради победата на Трамп. Би сакале, велат, новиот претседател исто така да го посети Косово. „Доколку ни биде сојузник, сигурно и нему ќе му подигнеме споменик бидејќи сакаме да имаме трајно партнерство со САД. Зошто да не му направиме споменик на Трамп?“, прашува Фитим и се насмевнува, одушевен од својата идеја.

DW.COM

Реклама