1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако може Црна Гора, можеме и ние!

Марина Максимовиќ / Александар Методијев30 јуни 2012

Црна Гора ги отвори пристапните преговори за влез во ЕУ, и по Хрватска, застана на чело на Западниот Балкан во процесот на евроинтеграции. Тоа е голем чекор за Подгорица кон членството во ЕУ, но и на ЕУ кон Балканот.

https://p.dw.com/p/15Ob4
Фотографија: picture alliance/dpa

Со одржувањето на првата меѓународна конференција со ЕУ, Црна Гора и официјално на 29.06. во Брисел ги започна претпристапните преговори за влез во ЕУ. Оваа нова фаза во евроинтеграциите во Брисел е оценета како голем чекор на Подгорица кон европското семејство.

„Пораката е јасна, а таа е дека и Црна Гора и ЕУ се целосно посветени на членството на Црна Гора во ЕУ“, изјави Николај Вамен, министерт за европски прашања на Данска, земјата претседавач со ЕУ.

Почетокот на пристапните преговори на Црна Гора со ЕУ во Брисел се гледа како резултат на напорната работа на целата земја и општеството во исполнувањето на неопходните реформи. Но, пораката до Подгорица е дека напорната работа допрва претстои.

„Остана уште многу работа да се направи. Новата фаза во евроинтеграциите значи уште повеќе работа, а фокусот ќе биде на правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и на владеењето на правото“, порача комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе.

Stefan Fule
Еврокомесарот за проширување Штефан ФилеФотографија: picture-alliance/dpa

ЕУ најпрво ги проверува резултатите од борбата против криминалот и корупцијата

Во Брисел се потсетува дека пристапните преговори на Црна Гора ќе значат и нов пристап на Европската комисија со кој поглавјата, што се однесуваат на владеењето на правото и основните човекови права, ќе бидат отворени први, а ќе бидат затворени последни за време на преговорите за членство.

Во Комисијата велат дека токму тие области се најважните инструменти за поддршка на трансформацијата во земјата кандидат за членство. Пред отворањето на самите поглавја, ЕУ очекува, најверојатно во декември, да добие два извештаја – длабинска анализа на црногорското законодавство и праксата во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и криминалот, но и извештај од Европол за состојбата во областа на организираниот криминал во Црна Гора.

ЕУ никогаш поблиска до Балканот

Во Брисел може да се слушне дека напредокот на Црна Гора е дел од регионалниот напредок во областа на евроинтеграциите. Споменувајќи го случајот на Хрватска, како и отворањето на дијалогот на високо ниво со Македонија и Босна и Херцеговина, комесарот за проширување Штефан Филе вели: „Овој процес и желбата да се приближите кон ЕУ е глас за доверба во европскиот проект“.

Во исто време Данците додаваат дека прашањето за проширувањето било значаен елемен во нивното шестмесечно претседателствување со ЕУ, кое заврши со покренувањето на пристапните преговори со Подгорица.

Montenegro Aussenminister Milan Rocen
Министерот за надворешни работи на Црна Гора Милан РоќенФотографија: AP

Тие порачуваат дека им била значајна европската перспектива на Западниот Балкан, без оглед на внатрешните проблеми и кризата што ја тресе Унијата. Напредокот на Црна Гора на европскиот пат во Подгорица не го гледаат само како нивен успех, туку како успех на целиот регион.

„Никогаш Црна Гора не беше поблиску до ЕУ, но ниту ЕУ до Балканот“, изјави министерот за надворешни работи на Црна Гора Милан Роќен, по отворањето на пристапните преговори со неговата земја, нагласувајќи:

„Ова е порака и за сите наши соседи, кои сега можат да кажат: ако можеше малата Црна Гора, можеме и ние!“