Ако денеска ги доближи ставовите, „четворката“ ќе патува во Брисел | Северна Македонија | DW | 29.06.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ако денеска ги доближи ставовите, „четворката“ ќе патува во Брисел

Комесарот Хан и европратеничката тројка нема да присуствуваат на денешната лидерска средба во Скопје, но ако лидерите се доближат до финално решение, утре или задутре тие ќе патуваат во Брисел

Новата средба носи нова надеж, велат воздржано дипломатски извори во пресрет на денешната средба на лидерската четворка. Иако до синоќа не беше прецизиран терминот за средбата, извесно е дека таа ќе започне попладнево, најверојатно повторно во Клубот на пратениците. Форматот е ист - лидерите на најголемите политички партии Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи ќе разговараат за конечен договор за излез од политичката криза, во присуство на амбасдорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли. Средбата ќе се одржи без присуство на еврокомесарот Јоханес Хан, кој беше поканет да присуствува заедно со европратеничката тројка Кукан, Ховит и Вајгл (на насловната фотографија се четворицата лидери на претходна средба со Хан во Скопје). Најавата дека Хан не доаѓа во Скопје, беше првиот сигнал дека разликите меѓу партиите се‘ уште не се надминати и дека средбата која доби епитет „финална“, се‘ уште е многу далеку од тоа.

„Се надевам на подобрување и се надевам на први конкретни резултати. Ако добро разбрав од извештаите, сите се решени да направат сериозен напредок и тоа е во интерес на сите нас“, изјави деновиве еврокомесарот Хан.

Но, без оглед што и европратениците поради службени обврски не можат да дојдат во Скопје, ако четворка денеска се доближи до финално решение, според дипломатски извори, тогаш лидерите ќе бидат поканети на средба во Брисел утре или во среда.

Но, како што дознава Дојче веле, изминатата седмица немало меѓулидерски разговори по клучните точки на несогласување - организацијата и составот на транзициската влада. Одржани биле само тет-а-тет средби со амбасадорите и со белгискиот експерт Петер Ванхоуте. Но, во мандатот на Ванхоуте за олеснување на разговорите не влегуваат прашањата за составот и мандатот на Владата, туку исклучиво структурните реформи препорачани во Извештајот на експертскиот тим на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе.

Со тоа, на зелената маса денес соговорниците повторно ќе ги вкрстат копјата по истите прашања - Влада со Груевски или без него, односно колку месеци пред изборите во април да биде ограничена неговата функција?

Заев да се порази до „патос“

Реториката што и‘ претходи на денешната средба не дава голема надеж дека разговорите ќе се поместат од точката на несогласување. Груевски, деновиве во интервју за „Фајненшл тајмс“ уште еднаш повтори дека нема намера да се повлече од функцијата. Вчера, во пресрет на лидерската средба, во говор пред Унијата на млади сили на партијата, Груевски ги обвини СДСМ и Заев дека прават се‘ за да пропадне договорот од 2 јуни и да не се одржат предвремени избори.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje

Груевски нема намера да дава оставка

„Она што е значајно за Македонија, е да не му се дозволи на овој човек и на оние околу него да смислат причини за да не се реализира договорот од 2 јуни. Ве уверувам дека тој ќе направи се‘ за да пропадне договорот, а предвремени избори да нема. Не го интересира ни измени на законот за избори, ни странски набљудувачи, ни пречистување на гласачкиот список, ништо. Се тоа му е второстепено. Го интересира, што е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не може да го испорача, за да го побара тоа јавно, и да му биде изговор за одложување на изборите“, обвини Груевски.

Тој додаде дека неодамна му понудил на Заев да се одржат избори оваа есен, но тој го одбил.

„Стратегиска грешка ќе биде ако не се порази, ама до 'патос', оној што одработува за дадена задача, за без борба да дојде на власт. Тоа не смее и нема да се дозволи, на таа лузерска и криминогена екипа на СДСМ собрана околу Заев“, порача Груевски пред младите сопартијци и го повика лидерот на опозицијата есенва да распише предвремени градоначалнички избори во Струмица, „особено по онаа видео снимка на која отворено и срамно бара мито од бизнисмени“.

Ваквата реторика не остана без одговор од социјалдемократите.

„Единствениот 'успех' на Груевски за младите во Македонија е тоа што поради неговите лоши, погрешни и криминални политики над 250 илјади млади се иселија од земјава. Груевски е изворот и суштината на бројните проблеми и само негово заминување е опција за нивно решавање. Во неговите очи се гледа страв, паника, агонија од губењето на власта и соочувањето со сите криминали и злоупотреби што ги направил во изминатите години. Затоа по секоја цена сака да избега од фер избори. Затоа што на фер и демократски избори народот ќе му испорача на Груевски огромен, катастрофален пораз по кој целосно ќе биде збришан од политичката сцена“, одговори СДСМ.

Massendemonstration der Opposition zum Sturz der Regierung in Mazedonien (Zoran Zaev)

Заев не прифаќа преодна влада со Груевски во неа

Без високи очекувања

Поради ваквата континуирана поларизација, но и неотстапување од партиските позиции,

упатените во преговорите „немаат високи очекувања“ од денешната лидерска средба. Но, она што виси како Дамоклов меч врз денешната средба, е и фактот што таа се одржува на денот кога истекува крајниот рок во кој судот треба да изјасни дали ќе почне судењето за „Пуч“, во кој Заев се товари за „насилство кон државни функцинери“, или предметот ќе биде вратен во истрага. Судски извори не сакаат да го коментираат досегашното пролонгирање на ваквата судска одлука, со образложение дека „не постои законски рок во кој судијата треба да донесе одлука за оценка на обвинителниот акт“. Но, според Законот за кривична постапка, за дела од организиран криминал, главната расправа треба да се закаже најдоцна во рок од 60 дена од приемот на обвинителниот акт во судот. Во случајот со Заев, тој рок истекува денеска.

Но, не е само судот под притисок на временските рокови. Укажувањата дека финалната лидерска средба треба да донесе решение до крајот на јуни, затоа што ќе почне подготовката на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, деновиве беа делумно релативизирани од вицепермиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Тој навсти дека шанса за постигнување договор има до средината на следниот месец, односно најдоцна до 20 јули.

Реклама