Аеродромите се отвораат, летови засега нема | Северна Македонија | DW | 24.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Аеродромите се отвораат, летови засега нема

Патувањето со авион во следниот период ќе се одвива со посебен режим за патниците кои ќе мора да пристигнуваат на аеродромите 3 часа пред летот и да следат строги хигиенски протоколи.

Точно една недела од денеска, на 1 јули, ќе се отворат двата меѓународни аеродроми во Северна Македонија, во Скопје и Охрид, но засега нема најава кога ќе полета и првиот авион. ТАВ Македонија денеска информираше за протоколите по кои ќе се одвива приемот на патници и мерките кои се преземаат за нивна контрола и заштита.
„Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание", вели генералниот директор на ТАВ Алпер Ерсој.
Во аеродромската зграда во иднина ќе можат да влегуваат само патниците. Семејствата и пријателите ќе мора да останат пред објектот. Дали некој патник ќе може да отпатува на посакуваната дестинација ќе одлучува скенирањето со термална камера кое треба да покаже дали има зголемена телесна температура. За да се избегнат турканици на шалтерите, од ТАВ препорачуваат сите патници да ги користат онлајн услугите за регистрација на патници и багаж.
Скопскиот и охридскиот аеродром се затворени за патнички летови од 19, односно 16 март годинава. Најавата за нивно повторно отворање не значи дека од истиот ден ќе започнат и летовите. Кога повторно ќе започнат авионските линии зависи од авиокомпаниите како и од земјите до чии дестинации се лета.
Според најавите, Европската комисија ќе препорача отворање на границите на ЕУ за туристички патувања од Северна Македонија од 1 јули годинава. 
Од ТАВ им препорачуваат на сите патници да ги следат веб-страниците skp.airports.com.mk/ и ohd.airports.com.mk/ за да се информираат за измените во редот на летање.

DW.COM

Реклама