Преполовен петок: Добра музика за изборни цели, лоша за реформите | Северна Македонија | DW | 01.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Преполовен петок: Добра музика за изборни цели, лоша за реформите

Експерите се изненадени, а синдикалци стравуваат дека многу поважни прашања ќе паднат во сенка на предлогот за скратено работно време за административците во петок.

Нацрт-законот за административни службеници ја вивна дебатата откако „шоуто“ го презеде само една од предложените одредби: полното работно време на административните службеници да изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток, и 4 часа дневно во петок (член 55).

Според првичните реакции, економски и правни експерти сметаат дека предлогот за четиричасовно работно време во петок има изборен шмек, и укажуваат дека тој е во спротивност со Законот за работни односи, според кој, работната недела трае 40 работни часови, распоредени рамномерно во пет работни денови. Второ, оценуваат дека е нелогично административни службеници практично да бидат наградени со „продолжен викенд“, бидејќи платите ги обезбедуваат од работата на реалниот сектор, кој по вакви евентуални измени ќе работи подолго од администрацијата.

И трето, кога се прават реформите во рамки на администрацијата, треба да се обезбеди што поголема достапност/отвореност на институциите, за да можат граѓаните навреме да ги завршат своите обврски, а не да наидат на затворена врата.

Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) во кој се здружени околу 120-тина синдикални организации, велат дека предлогот внимателно треба да се анализира. Сличен предлог имале и тие, но подразбирал рамномерно намалување на работното време, а не сконцентрирано во еден ден.

„Ние имавме предлог-варијанти за намалување на работното време од половина до еден час дневно, тргнувајќи од меѓународни студии и анализи кои утврдуваа дека на таков начин се зголемува ефикасноста кај вработените. Исто така, наш беше и предлогот работното време да почнува во 7 и 30 и да завршува во 15 и 30 часот, со цел вработените да имаат повеќе време да посветат на децата и на семејните вредности“, потсетува Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Вели дека би било неблагодарно да се каже дека не се согласуваат со овој предлог, но сметаат дека треба да се размисли за скратеното работно време распределено рамномерно по денови. Очекуваат да ги слушнат ставовите во широка јавната дебата, со оглед дека предлогот нема да ги опфати службениците во судовите, обвинителствата, царината, инспекцииите...

Повеќе:

Администрацијата со повластен однос - во петок да работи само 4 часа

Исланд воведува четиридневна работна недела

Нема веќе работа „од утро до мрак“?

Плати под државниот просек

Во пошироката јавност, каде администрацијата е перцепирана како „добро платена и клати врата-земај плата“, предлог мерката за скратено работно време во петок наиде на бројни критики. Но, според Деаноски, состојбата е спротивна од вкоренетата перцепција.

„Со сегашното ниво на плати 95% од административците имаат примања под просечната плата на ниво на државата. Плати над просекот имаат само државни советници, раководители на одделенија и раководители на сектори“, вели тој.

Според податоците, огромен дел од административните службеници сѐ уште добиваат примања под минимална плата, иако таа им следува по закон. Токму поради ова, од Синдикатот на УПОЗ стравуваат дека сега фокусот на целокупното внимание ќе биде ставен на предлогот за скратено работно време во петок, па во сенка ќе останат предложените одредби кои нема да го подобрат системот на плати. Како индикатор за тоа ја посочуваат одредбата според која вредноста на бодот ќе се утврдува со одлука на Владата.

На ова се однесува членот 70, во кој е утврдено дека „основната плата ја сочинуваат минимална плата, дел на плата за ниво (бодови) и дел на плата за стаж“. Делот на плата за нивото на кое е распореден административниот службеник се вреднува со бодови (став 3), а вредноста на бодот за пресметување на делот на плата за ниво на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата, на предлог на министерот за финансии во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распоредени по соодветните нивоа за тековната година (став 4).

Akten Aktenordner Büro Symbolbild

Според податоците, огромен дел од административните службеници сѐ уште добиваат примања под минимална плата, иако таа им следува по закон

Додатоци за дефицитарни кадри

Предмет на новиот нацрт-закон се статусот, условите, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оценување, дисциплинската и материјалната одговорност, посебните должности, плати и додатоци на плати, престанокот на вработувањето и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Заради прилагодување на пазарот на трудот, во него се предвидува да се доделува и додаток на плата за работни места за кои нема доволно кандидати или немало доволно квалитетни кандидати, па поради тоа огласите за вработување биле неуспешни.

Министерството за администрација и информатичко општество, во соработка со министерствата за финансии, за труд и социјална политика, Државниот завод за статистика, Агенцијата за вработување, Агенцијата за администрација и Управата за јавни приходи, до први јуни до Владата треба да доставуваат анализа со податоци за работни места со висока стапка на напуштање; работни места за кои не се пријавуваат доволно кандидати; причини поради кои има висока стапка на напуштање; работни места за кои платите на пазарот на трудот се значително повисоки од платите на административните службеници; ако пазарот на трудот нуди ограничен број квалификувани поединци; и предлог за кои работни места е оправдан додатокот на плата и на кое ниво.

Врз основа на таа анализа, Владата на предлог на Министерството за финансии ќе ја дефинира листата на работни места кои се квалификувани за додаток на плата во износ од 10% до 30% кои се предвидени за една година, а се ревидираат на годишно ниво врз основа на најновите податоци од пазарот.

Symbolbild zum Thema Bürokratie

​​​​Предмет на новиот нацрт-закон се статусот, условите, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оценување, дисциплинската и материјалната одговорност, посебните должности, плати и додатоци на плати, престанокот на вработувањето и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници

Надоместоци и одговорности

Административниот службеник има право и на надоместоци на плата: за трошоци за патување до работното место и обратно во висина еквивалентна на трошоци во јавниот превоз, за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство; за користење возила во лична сопственост за службени цели; трошоци за одвоен живот од семејството, за селидба, за работа на терен, за погреб во случај на смрт на административен службеник или член на неговото потесно семејство, за штета претрпена при елементарни непогоди, и за социјални и лекарски трошоци при подолго боледување на службеникот. Висината на тие надоместоци секоја година се утврдува со одлука на Владата, на предлог на Министерството за финансии.

Административен службеник кој е суспендиран од институцијата врз основа на решение, за времетраењето на суспензијата има право на плата во износ од 60% од платата што ја примил за последниот месец пред донесување на одлуката за суспензија. Ако суспензијата се поништи по жалба, службеникот ќе биде целосно обесштетен за намалената плата. Според член 77, административниот службеник кој учествува во штрајк нема право на плата за деновите на штрајк. Во нацрт законот се наведени повеќе основи и за дисциплинска одговорност, меѓу кои спаѓа и искажувањето и застапување на политичко уверување во вршењето на работните задачи, учество во изборни активности или други јавни настапи од таков карактер во текот на работното време, доведување во прашање на својот статус на административен службеник со вршење на партиски активности, носење или истакнување на партиски симболи во работната просторија.