1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автомобил со очи

19 декември 2011

До повеќето сообраќајни несреќи доаѓа поради човечка грешка. Затоа истражувачите на Дајмлер се обидуваат нивните автомобили да „прогледаат". Ова откритие беше номинирано за германската Награда за иднината 2011.

https://p.dw.com/p/13VYA
Автомобилот гледа наместо возачотФотографија: Deutscher Zukunftspreis/Ansgar Pudenz

Кога детето на улица излетува пред кола, возачот прво се исплашува, па дури потоа реагира. Ако таа секунда при возењето во град со брзина од 50 километри на час не е потрошена на шок, возачот би можел да се запре 50 метри порано. А таа оддалеченост некогаш значи живот или смрт. Затоа, Уве Франке, раководител на Дајмлер-истражувачкиот тим со име „Разбирање на сликите“ во Штутгарт, уште од 1996 година се занимава со развојот на интелигентните „системи за асистирање при возењето“: „Кога би ви успеало да реагирате само половина секунда порано, автомобилот би запрел седум метри порано“, вели Франке. Неговиот тим на автомобилите им овозможил тридимензионален вид. Опасностите се препознаваат за 200 милисекунди: „Важно е дека на автомобилот му даваме ’две очи’, кои можат да гледаат како човечки очи, да чувствуваат длабочина и доживуваат далечина“, објаснува истражувачот од Штутгарт.

Двете очи на камерата се´ уште не се доволни за да се препознае и процени опасноста. Покрај тридимензионалниот вид, автомобилот мора да знае и каде нешто се движи. Затоа автомобилскиот компјутер го следи движењето на пикселите кои ги бележат две камери. Штутгарските истражувачи проектот го нарекле „6Д визија”, т.е. шестдимензионален вид.

„Името 6Д го изведуваме од тоа што не само што го мериме местото на секој пиксел, туку и неговото движење што додава уште три димензии. Така доаѓаме до шест димензии”, вели Франке.

Возилото му дава команди на возачот

Deutscher Zukunftspreis 2011 Nominierung Daimler Technologie
Систем за 6Д визијатаФотографија: Deutscher Zukunftspreis/Ansgar Pudenz

Компјутерот ја проценува шестдимензионалната слика и проследува соодветна наредба за возење или кочење. Сметачот воопшто не мора да го препознае автомобилот или пешакот како целина. Доволно му е да препознае една точка, која му доаѓа во пресрет и со која би можел да се судри.

Врз основа на мноштвото пиксели во движење, сметачот може да препознае дали се работи за автомобил, дали му се приближува пешак или евентуално долетува топка. Во зависност од опасноста која се приближува, му се издава команда на системот за асистирање при возењето: возилото свртува, кочи или едноставно продолжува да вози понатаму. Со оглед на тоа што камерите додека има магла или додека паѓа дожд, имаат исти проблеми како и луѓето, научниците сакаат да им вградат дополнителни сензори, како на пример радар.

Во иднина автомобилите ќе комуницираат меѓусебно

Deutscher Zukunftspreis 2011 Nominierung Daimler Technologie
Уве Франк од ДајмлерФотографија: Deutscher Zukunftspreis/Ansgar Pudenz

За Франке, развојот на интелигентниот „асистент при возењето“, ни оддалеку не е завршен. Актуелниот прототип покрива само виден агол од 50 степени: „Целта ни´ е да ги препознаеме раскрсниците, каде што ни‘ е потребен виден агол од 180 степени. Сакаме да видиме и што се случува зад нас. Мораме многу подобро да ги разбираме учесниците во сообраќајот, да кажеме велосипедистот ја свртува главата или со левата рака сигнализира дали сака да врти. Сакаме и да заклучиме дали пешакот сака да оди, или стои. Што ќе направи учесникот во сообраќајот? Тоа е голем предизвик за иднината“.

Но, ни тогаш развојот не е завршен. Покрај камера-очите и радарите, во иднина автомобилите би можеле меѓусебно да комуницираат. Сонот на Франке изгледа вака: „Еден ден, кога не ви е до возење, клучот му го предавате на автомобилот и со говорни команди се возите таму каде што сакате. Станува збор значи за потполно автоматско возење.“

Автор: Фабијан Шмит / Светлана Брик

Редактор: Жана Ацеска