1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија ќе ја руши родната куќа на Хитлер

Дојче веле/ агенции
18 октомври 2016

Властите во Виена најавија дека родната куќа на Адолф Хитлер, која стана „светилиште“ за неонацистите, ќе биде урната и пренаменета. Тие изјавија дека зградата ќе биде „архитектонски преуредена“.

https://p.dw.com/p/2RMkf
Österreich Mahnstein vor dem Geburtshaus Hitlers in Braunau
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Röder

„Куќата на Хитлер ќе биде урната. Столбовите и основата може да останат, но ќе биде подигната нова зграда", изјави министерот за внатрешни работи на Австрија, Волфганг Соботка, за дневниот весник „Ди Пресе". Во иднина, зградата ќе ја користат хуманитарни организаци или локалната власт, додаде тој.

„Во секој случај, нема да остане било каква поврзаност со Адолф Хитлер, затоа што во спротивно ќе остане неговото наследство поврзано со куќата", изјави Соботка.

Одлуката беше донесена врз основа на препораката на 13- члената комисија која одлучуваше за судбината на зградата лоцирана во градот Браунау ам Ин во северна Австрија, кој се наоѓа на самата граница со германската покраина Баварија.

Куќата е во сопственост на австриската државјанка Герлинде Помер, чие семејство ја поседува куќата повеќе од еден век, освен во времето кога приватниот секретар на Хитлер, Мартин Борман ја откупил куќата во 1938 година. Во 1972 година, куќата била изнајмена од страна на австриските власти и била претворена во центар за хендикепирани лица, што на Помер, месечно и‘ носело приход од 4.800 евра од кирија.

Пред пет години, Помер не дозволила да се реновира зградата и ја одбила понудата куќата да биде откупена од министерството за внатрешни работи. Во јули оваа година, властите со предлог-амандман одобрија одземање на имотот. Предлог законот ќе биде дискутиран во парламентот оваа недела и се очекува да стапи на сила до крајот на оваа година.

Geburtshaus Adolf Hitler in Braunau
Куќата во која се родил Хитлер, архивска снимкаФотографија: picture-alliance/dpa

Место за аџилак

Официјална Виена нареди принудно откупување на зградата. Комисијата од експерти, која вклучува историчари, јавни личности, како и претседателот на најголемата еврејска група во Австрија препорача „темелно архитектонско преуредување" на зградата.

Адолф Хитлер, роден на 20 април 1889 година, во пограничниот град ги поминал само првите години од неговиот живот, но адресата во Браунау стана „свето место" за неонацистите и екстремистите кои секоја година, на роденденот на диктаторот, позираат пред зградата со препознатливиот поздрав на Хитлер.

Некои велат дека рушењето на куќата ќе ја избрише трагата на неудобната поврзаност на Австрија со Третиот рајх. Сепак, многу културни организации се спротивставија на демолирањето на зградата бидејќи е дел од историскиот стар град на Браунау и има заштитен статус, како и многу други соседни згради. Готската архитектура на Браунау ам Ин е далеку позната, иако можеби не толку, колку и озлогласениот син.