Австрија и шамијата: Борба на култури во училница | Свет | DW | 18.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Австрија и шамијата: Борба на култури во училница

Парламентот во Виена, без повод, забрани носење шамија во основните училишта. Тоа покажува како австриската влада го управува јавното мислење, смета Норберт Мапес Нидик.

Во Австрија всушност никој не смета дека девојчињата пред пубертет треба да носат шамија: ни владата, ниту опозицијата, ни наставниците, ни експертите за образование, ниту пак имамите кои јавно аргументираат. Исламската верска заедница, која во Австрија е дел од системот на јавно право, исто така е против. Значи, иако во ова прашање владее максимален консензус, тоа во земјата, секогаш подготвена за возбудувања, стана контроверза на месецот. На интернет врие од постови за темата, во парламентарната дебата плискаа аргументации од сите страни. Големото внимание не зборува ништо за релевантноста на темата. Но, тоа сведочи за големата рафинираност со која австриската десничарска влада управува со јавното мислење. Во четвртокот парламентот во Виена, без оглед на противењето на опозицијата, усвои одлука за забрана за носење шамија во основните учиишта. Во случај на непочитување на забраната, на родителите им се заканува казна од 440 евра. Повод за иницијативата немаше. Во сојузните покраини како Корушка, не е познат ниеден случај, во Тирол се засегнати 19 девојчиња. Но, вистинската цел на потфатот е постигната: мобилизација на сопствените следбеници против исламот, ставање на опозицијата во положба на некој кој капитулира пред исламот и поларизирање на либералниот дел од јавноста.

Исламот не се споменува, иако се мисли на него

На почетокот вицеканцеларот Хајнц-Христијан Штрахе од десничарската Слободарска партија, иницијатор на законот, и канцеларот Себастијан Курц од австриската Народна партија, сакаа дури да го менуваат и уставот. За разлика од ситуацијата во Германија, сѐ што парламентот ќе внесе во уставот, останува надвор од надлежноста на Уставниот суд. Бидејќи Социјалдемократите и Либералите не се согласуваа, немаше потребно двотретинско мнозинство, па иницијативата на крајот се претвори во обичен закон.

Symbolbild: Kopftuch in der Schule (picture-alliance/dpa/B. Thissen)

Пресметан потег на десничарската влада - забрана за носење шамија во основно училиште

За иницијативата да може да помине на суд, поимот „ислам“, иако се мисли на него, во законот не се споменува. Така воопштено се забранува „носење облека која означува поглед на светот или религија“, доколку е поврзано со „покривање на главата.“ Таа формулација не се однесува на еврејска кипа, но се однесува на турбанот на сиките (кој се вика патка, н.з.), кој меѓутоа е изземен од забраната на „покривање“, како што утврди надлежната парламентарна комисија. Убаво смислено: она што ќе го утврди комисијата, судот не може да го отфрли. Вистинска опасност за новиот закон претставува Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според неговата јурисдикција, државите смеат да воведат забрана за носење шамија на главата само ако водат сметка за „заповедта на неутралност“ кон сите религии. А Австрија, во која во училниците се пропишани крстови на ѕидовите, од тоа е многу оддалечена.

Проѕирни аргументи

Владата тврди дека шамијата претставува „полова сегрегација“, што е климав аргумент во земја во која селските деца во училиштата и денес во посебни прилики мораат да носат дирндлови и кожни панталони: девојчињата фолклорни фустани – дирндлови, а момчињата – кожни полудолги панталони.

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Босанскиот леден мир

Моја Европа: Во ЕУ нема репарации

Моја Европа: Орбан и Нетанјаху - мажјаци кои тераат по свое

Рудолф Ташнер, човек од Народната партија и докажан десничар, шамијата ја нарече „симбол на потчинување на жените и девојчињата“ и вети „дека со сите сили ќе се бори за просветеност“. Истиот пратеник се залага за задолжителна верска настава за сите ученици, па и оние кои не се верници. Министерот за образование Хајнц Фасман, всушност човек од областа на науката кој нема идеолошки комплекси, уште еднаш мораше да измислува либерални оправдувања за „борба против политичкиот ислам“, што е прокламирана цел на владата.

Во Австрија не се ни дискутира за последиците кои законот ги има во училишната пракса. Тоа како да не е важно. Критичарите потсетуваат дека не мора да се само фундаменталистичките татковци тие кои ги присилуваат своите ќерки да носат шамија, дека има и девојчиња кои само ги имитираат своите мајки или тетки. Се критикува и што законот важи само во училишта, па тоа би можело да доведе до отуѓување на децата од таа институција и нивно бегство во удобното семејно прибежиште, како што е тоа случај со децата од секти. Германскиот социолог кој работи во Виена, Кенан Гунгор вели дека забраната би можела да ги поттикне конзервативните родители да се свртат кон радикални групи. А кај децата кои не прават разлика меѓу верскиот став на своите родители и својот сопствен идентитет, би можело да се стекне впечаток дека се непожелни. 

За владата во Виена, која буџетот за државните мерки за интеграција неодамна го скуси за 80 милиони евра, тоа не се заплашувачки слики. Напротив: додека постојат изгледи борбата на културите во училниците да заврши со победа, владата ќе ја води  со поддршка на мнозинството. Вицеканцеларот Штрахе по големиот успех веќе најави и други иницијативи. Прва цел е забрана за носење шамија до 14-та година од животот.

DW.COM

Реклама