Австрија: Во потрага по Трамп-ефект | Свет | DW | 03.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Австрија: Во потрага по Трамп-ефект

По првиот круг претседателски избори во Австрија, светот се промени. Во чија полза ќе биде тоа при повторното изјаснување на гласачите за двајцата кандидати?

Ако во виенскиот киоск за брза храна „Крајна станица“ нешто се има вовлечено повеќе отколку мирисот на  прегорено масло, тогаш тоа се гневот и резигнацијата. 67-годишната Криста Кантор ги превртува колбавчињата на скарата и му подава пиво на еден муштерија.

Во пресрет на повторувањето на вториот круг на претседателските избори интересот е голем во цел свет, зашто треба да даде одговор на прашањето - дали ќе се случи меѓународна деснопопулистичка „оска“: Брегзит - Трамп - Хофер? Овде, во „Крајната станица“, прашањето веќе не се поставува. Никој од гостите веќе не зборува за изборот, вели Криста Кантор со зарипнат глас, „зашто сите овде го гласаат Хофер“. Човекот на шанкот немо клима со главата. 

Österreich vor der Präsidentschafts-Wahl (DW/C. Bartlau)

Пензионерката Криста Кантор припаѓа на слојот разочарани граѓани

Само мал број неопределени гласачи

Девет од десет граѓани со право на глас, според анкетите на јавното мислење, веќе се имаат одлучено кому ќе го дадат својот глас на 4 декември: на деснонационалистичкиот кандидат Норберт Хофер од Слободарската партија или на Александер ван дер Белен, поранешен челник на Зелените, а сега официјално независен кандидат. Резултатот ќе биде тесен, произлегува од досегашните анкети.

Во вториот круг претседателски избори на 22 мај Александер ван дер Белен победи со предност од само 30.000 гласови. На први јули овој исход беше поништен од Уставниот суд, поради неправилности во пребројувањето, а по жалбата од Слободарската партија.

Оттогаш не само што беше одложен датумот на повторното гласање, туку и светот се заврте в десно. А Австрија се прашува: постои ли Трамп-ефект? И ако постои, во чија корист? 

Паралели со САД

Споредбите со САД имаат висока конјунктура посебно по 9 ноември. Не без право, вели политикологот Рајнхард Хајниш од Салцбург во разговор со Дојче веле. „Слично како и во САД, некои гласачи, оние од Хофер, се многу емоционализирани и точно знаат зошто гласаат за него. Од друга страна, бројни гласачи на Ван дер Белен, сакаат само да го спречат Хофер.“ Институтот за испитување на јавното мислење ОГМ испорачува бројки: според неговата анкета, 57 проценти од гласачите на Хофер изборот го вршат од убедување, кај Ван Дер Белен такви се само 39 проценти. Тоа за Ван Дер Белен претставува отежнување да ги поттикне луѓето да излезат на гласање, смета Хајниш. 

Овој политиколог 13 години живеел во САД и констатира бројни паралели: „Повикот на промени против естаблишментот е една сличност. Овде постои исто така сличен јаз меѓу градот и селото, меѓу пониското и повисокото образование, како и меѓу мажите и жените.“ Сето тоа зборува во прилог на кандидатот на десничарските популисти. „Заборавени“, како што ги нарече Трамп, има и во Австрија. Онаму каде луѓето се незадоволни, гласаат за Слободарската партија.

На пример во виенскиот округ Зимеринг, каде Криста Кантор ја дополнува својата пензија во „Крајната станица“. Весникот „Пресе“ пред две години Зимеринг во Виена го наслови како „дежурен виновник“. Поранешниот работнички кварт и симболично ја отсликува промената во целата земја: во 2014 година производителот на оружје Штаер ја затвори фабриката. Оттогаш невработеноста постојано расте, се отвора една по друга кладилница, во 2015 година во општинското собрание Слободарската партија ја замени Социјалдемократската партија како најбројна политичка сила. „Мајка ми гласаше за левите“, вели Криста Кантор. Таа самата одамна гласа поинаку. „Луѓето се раздразнети“, вели таа: „А Хофер барем ќе се ангажира за Австријците“.

US-Präsidentschaftswahl 2016 - Sieg & Rede Donald Trump (Reuters/C. Allegri)

Победата на Трамп „зрачи“ дури до Австрија

Сериозноста контра бесот

Од еден филтер-меур до друг во Виена не е далеку. На Кеплерплац во соседниот округ Фаворитен Барбара Нојрот стои во пешачката зона, облечена во елегантен зимски капут и на минувачите им дели флаери за поддршка на Александер ван дер Белен. „Гласајте, не чудете се“, стои на флаерите, алузија на изјавата на Хофер во еден ТВ-дуел, дека е зачудувачки што сѐ може да направи еден претседател. Целта е мобилизација на неоределените, Ван Дер Белен целиот влог го става на картата анти-Хофер. 

„Австријците сѐ уште тежнеат кон хармоничност“, вели политикологот Рајнхард Хајниш. „Со Брегзит и Трамп во светот се случија доволно промени“. Токму од таа причина 72-годишниот Вен Дер Белен во своите пораки демонстрира сериозност и респектибилност. „Според моето убедување, тоа е и единственото што зборува во корист на Ван Дер Белен. Тематските полиња бегалци, Турција и критиката кон ЕУ припаѓаат на Хофер“.

Изборната активистка Барбара Нојрот тоа не ја загрижува. Таа е оптимист во поглед на победата на Ван Дер Белен и во повторувањето на вториот круг претседателски избори. „Само една третина од оние кои делат флаери во овој округ се Зелени, останатите се доброволци“, вели таа речиси еуфорично. „Се создава едно вистинско движење од базата“. Таа не го дели мислењето за некаква изборна замореност, за која зачестено пишуваат медиумите. Сепак, веројатно тешко се достижни 73-те проценти излезност од вториот круг претседателски избори во мај. „Но, луѓето знаат за што станува збор. Посебно сега по Трамп.“

Österreich Präsidentschaftswahl Barbara Neuroth von den Grünen (Barbara Neuroth)

Барбара Нојрот агитира за Ван Дер Белен

Нови избори напролет?

Безусловен оптимизам на една жена, која се ангажира за Зелените и во локалната политика на волонтерска база или контра - нарација поради свртувањето во десно во Австрија, кое многумина го очекуваат? Слободарската партија на Австрија веќе две години води убедливо во анкетите, победува на локалните избори и во покраината Бургенланд (или Градиште) се наоѓа во владејачка коалиција со Социјалдемократската партија на Австрија.

Голема коалиција во Австрија нема популарност, таа се одржува единствено поради фактот што шансите на двете партии при предвремени избори се многу лоши, вели политикологот Хајниш. „Хофер како претседател би бил дополнителна стега за оваа коалиција, која само уште се провлекува.“ Хофер меѓутоа би можел да ги намали и шансите на Слободарската партија за премиерска позиција: „Би било тешко убедливо тврдењето: 'власта треба да се контролира' ако и претседателот и канцеларот се од иста партија.“ 

Сеедно кој ќе победи в недела, Хајниш очекува партиските стратези уште во јануари да извршат проверка на степенот на вистинска изборна замореност кај граѓаните. И потоа да ги испратат во следната изборна битка. „Сметам дека напролет ќе имаме нови парламентарни избори.“

 

DW.COM

Реклама