Австралија: Мојата земја гори! | Свет | DW | 02.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Австралија: Мојата земја гори!

Пожари не се ништо ново за Австралија. Но ти сега достигнаа нови димензии, а лидерите во земјата продолжуваат да ги негираат климатските промени како проблем. За новинарот на ДВ, Бен Фејзулин, ова стана нешто многу лично

„Од рај до пекол“, ми напиша еден австралиски другар за глетката од воздух кога летал од Хобарт кон Сиднеј. И јас ги броев пожарите на пат кон Бризбејн. Пожари има буквално во секоја австралиска држава. Во пожарите, во последните четири месеци од 2019, изгореа над 4 милиони хектари земја, што е површина поголема од Белгија. Проценките се дека ќе гори уште неколку месеци. За противпожарните служби ова е нешто невидено досега. Владата пак отфрла дека е ова последица на климатските промени.

Повеќе: Огнениот пекол во Австралија добива драматични размери

Рекордно високи температури ги „топат“ патиштата

Научниците не го поврзуваат ова директно, но велат дека потопла и посува клима значи почести и поинтензивни пожари. Сега температурите достигнаа рекордни 50 степени Целзиусови, поради што патиштата во земјата се „топат“, а сушата е проценета како најлоша досега. Со други зборови - смртоносна комбинација.

Неколку луѓе загинаа, а над илјада домови се уништени. Продолжуваат масовните евакуации на населението и туристите. Експертите стравуваат дека во пожарите настрадале над половина милијарда животни, вклучително и третина од коалите во Нов Јужен Велс.

Политичкото игнорирање на ситуацијата беше јасно кога премиерот Скот Морисон си замина на ненајавен одмор на Хаваи додека пожарите беснееја. Неговиот кабинет се обиде да ја прикрие целата работа, инсистирајќи дека „во ова нема приказна“. Подоцна, откако излегоа на виделина сите детали, тој беше приморан да се извини.

Но, масакрот продолжи. Луѓето наоѓаа изгорени мали лилјаци како лежат на брегот на Нов Јужен Велс. Илјадници лилјаци ги напуштија своите пештери, изнемоштени и изгладнети од патувањето до брегот.

Buschbrände in Australien Pferde (picture-alliance/dpa/D. Himbrechts)

Експертите стравуваат дека во пожарите настрадале над половина милион животни

Релативизатори на климатските промени

Заменик премиерот Мајкл Меккормак беше следниот кој веднаш ги отфрли климатските промени како причина, коментирајќи: „Во Австралија отсекогаш има пожари.“

„Во Австралија политички доминираат тривијализатори на климата“, оценува австралискиот економист Стив Кин. „Тие ја негираат потребата за преземање акција со аргументот дека Австралија придонесува само со 1,3% во глобалната емисија на ЦО2.

Гледај видео 01:11

Наместо на одмор, во борба против огнената стихија

Но, тие претпоставуваа дека нивото на морињата ќе биде симптом, а нациите околу пацифичките острови, кои не се важни, ќе бидат жртви. Сега со пожарите се покажа дека Австралија може да биде првата жртва“, констатира тој.

Анализите на НАСА покажуваат дека пожарите генерираа над 250 милиони тони јаглерод диоксид. Тоа е речиси половина од досегашната емисија на ЦО2 во земјата. Австралија е една од најголемите загадувачи по жител во светот. Таа е и најголемиот нето извозник на јаглен. А владата продолжува да отвора нови рудници за јаглен и полиња со гас. Директорот на Форвард комуникејшн, Грин Квин, изјави дека ова е глобален срам. „Наместо да се расправа за климатските промени, владата треба да признае дека луѓето не правеле секогаш сѐ најдобро за да ја заштитат нашата планета.“

„Единствениот начин да се направи конкретна промена е да се вложи повеќе во еколошкиот капацитет на Австралија. Сега имаме европски и азиски компании кои инсталираат големи соларни фарми во Австралија. Тие ќе ни ја продаваат нашата енергија во иднина“, вели Квин.

Buschbrände in Australien (picture-alliance/dpa/S. Davey)

Неколку луѓе загинаа во пожарите, а над илјада домови се уништени

Огромни штети

Политичарите само треба да погледнат кон небото. Канбера е задушена во смог. Сиднеј уште повеќе. СГС Економикс проценува дека пожарите го чинат најголемиот град во земјата до 30 милиони евра дневно. Луѓето се пријавуваат на боледување. Докторите велат дека здравствените трошоци може да достигнат стотици милиони. Чадот постојано ги активира алармите за пожар, поради што работниците излегуваат надвор и се изложени на уште позагаден воздух. Пепелните облаци веќе стасаа до Нов Зеланд, на оддалеченост од 2000 километри. Осигурителните компании добија барања за отштети во вредност од неколку милиони евра. Мештаните се жалат дека растат цените на храната. Земјоделците се жалат на високите штети. Некои од нив целосно ги загубија жетвите. Други велат дека чадот навлегол во зрната грозје, поради што виното ќе има вкус на пепелник. Австралиските вина се светски познати.

Руралниот сектор е многу погоден. Не само земјоделските култури и стоката, туку поради пожарите се откажани и многу туристички аранжмани на фармите. Страдаат и руралните бизниси. Има стравувања дека некои градови ќе згаснат.

Научниците велат дека Австралија е најранливиот континет во однос на климатските промени, па сепак, еден пожарникар ми вели: „Австралиската држава и сојузната влада беа многу лошо подготвени за она за кое беа предупредени дека ќе биде катастрофално.“

Australien Tote und Vermisste bei verheerenden Buschbränden (AP/State Government of Victoria)

Сегашната воздушна флота е сосема неадекватна за големината и интензитетот на овие пожари

Лично погодени

Кин, кој живее во Лондон, има семејство во Сиднеј кое за првпат беше предупредено од „катастрофа“. „Одеднаш сѐ ова стана лично“. Прво што прави наутро е проверка на опасноста од пожари. Кин вели дека пожарите се нешто што не го доживеал досега. Пожарникарот со којшто разговарав вели: „Овие пожари се толку големи и непредвидливи, што единствено ефикасно може да се борат од воздух. Нашата сегашна воздушна флота е сосема неадекватна за големината и интензитетот на овие пожари, како и на оние што доаѓаат.“

На Канбера ѝ е потребен план. Поранешниот комесар за противпожарна заштита на Квинсленд, Ли Џонсон беше еден од 30 пожарникарски началници кои лобираа сојузната влада да изготви стратегија за пожари и борба против климатските промени.

Многу ме шокираше сознанието дека мојата земја нема соодветен национален план! Државата и нејзините територии имаат примарна одговорност да одговорат на природните катастрофи. Но, во Австралија имаме пожари отсекогаш, како што нагласи и заменик премиерот. Јас многу си ја сакам земјата. Но, тешко ми е кога гледам како гори. Сето ова стана премногу лично и за мене.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама