Милијардите долари од Кабул и талибанците | Свет | DW | 20.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Милијардите долари од Кабул и талибанците

Според информации на американски инсајдер, талибанците немаат пристап врз средствата на Авганистанската централна банка во САД. Таму авганистанската влада во бегство ги депонираше своите резерви во злато, и не само тоа.

Радикално-исламистичките талибанци со зачудувачка брзина ја презедоа власта во Авганистан. Но, тешко дека со истото темпо новите владетели на Хиндукуш ќе ја преземат и контролата врз повеќе милијарди долари од авганистанската народна банка. Гувернерот на банката, Аџмал Ахмади, кој е во бегство, во средата преку Твитер соопшти дека Авганистанската централна банка во периодот пред преземањето на Кабул од страна на талибанците располагала со резерви во висина од девет милијарди долари. Најголемиот дел од нив се чуваат во форма на злато или државни позајмици и во Федералните резерви на САД во Њујорк, во Светска банка и на други сметки.

Екс-гувернерот: девизните резерви на сигурно

„Меѓународните резерви на Авганистан на никаков начин не биле во ниту еден момент компромитирани”, твитна Ахмади. Не биле украдени пари од ниту една резервна сметка. Не може да замисли сценарио во кое американското министерство за финансии или нивната контролна институција ОФАЦ би можеле да дозволат талибанците да имаат пристап до средствата, вели Ахмади и посочува дека тие и натаму се на меѓународни листи за санкции. Затоа може да се очекува дека резервите ќе бидат замрзнати. „Може да кажеме дека средствата до кои талибанците имаат пристап се можеби 0,1 до 0,2 проценти од вкупните меѓународни резерви, значи не многу”, тврди Ахмади.

Претставник на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за новинската агенција Ројтерс изјави: „Какви било средства на Авганистанската централна банка кои се во САД нема да бидат достапни за талибанците”.

Тие пак, во саботата соопштија дека државниот трезор, јавните институции и канцеларии на владата се сопственост на нацијата и мора да бидат под строг надзор. Според последниот биланс на Авганистанската централна банка, кој може да се види онлајн, таа располагала со околу десет милијарди долари, меѓу кои резерви во злато во вредност од 1,3 милијарди долари и кеш странски валути во висина од 362 милиони долари според тогашниот курс.

Според годишниот биланс за 2020-тата, златото се чувало во Федералните резерви во Њујорк.

Повеќе:

Светот во дилема: Каков да биде односот кон талибанците?

Зошто авганистанската армија падна како кула од карти пред талибанците?

Што ќе се случи со златото?

Централните банки на земји во развој резервите често ги депонираат во странство, во институции како Американската централна банка или Банката на Англија. Во јунскиот извештај на народните банкари од Авганистан се наведуваат и инвестиции во вредност од 6,1 милијарди долари. Детали за нив нема, но од претходни извештаи може да се види дека станува збор за американски државни меници и помали удели во инвестициски фондови. Резервите во странски валути од 308 милиони евра се речиси исклучиво во американски долари. Тие до последно се наоѓале во подружниците на Народната банка, како и во претседателската палата во Кабул, која сега е под контрола на талибанците. 160 милиони долари во злато и сребрени монети се наоѓале исто така во претседателската палата.

Во трезорот на Авганистанската народна банка, според Унеско, имало и 2000 години стари скапоцени камења, орнаменти и монети од т.н. Бактриско богатство. Тие 21 илјади артефакти до 2003 година важеа за изгубени, но потоа беа пронајдени во таен трезор во подрумот на банката. Археолошките пронајдоци останаа неоткриени за време на првото владеење на талибанците. 

Baktrisches Gold aus Afghanistan

Античко злато од Бактрија, северен Авганистан

Посебните права за повлекување средства од ММФ

Важно прашање ќе биде и што ќе се случи со уделите на Авганистан во дополнителните 650 милијарди долари во Меѓународниот монетарен фонд. Покачувањето на т.н. посебни права за повлекување средства треба да стапи на сила на 23 август, а со нив треба особено да се поддржат сиромашните земји во развој погодени од корона-пандемијата. Како членка на ММФ, на Авганистан му следува 0,07 проценти удел во Фондот во висина од 455 милиони долари.

Во многу метрополи во светот веројатно тешко ќе може да се објасни евентуална дозвола за талибанците да располагаат со овие средства. Земјите не може секогаш да имаат пристап до средствата што им следуваат, како на пример во 2019 година, кога на Венецуела не ѝ беа одобрени средства откако 50 земји одбија да ги признаат спорните избори во 2018-тата, по кои Николас Мадуро дојде на власт. ММФ првично немаше одговор на прашањето за Авганистан, но, според познавач на работите, во вакви случаи фондот се води според ставот на неговите членки.