Светот во дилема: Каков да биде односот кон талибанците? | Свет | DW | 18.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Светот во дилема: Каков да биде односот кон талибанците?

Исламистите се вратија на власт во Авганистан и оттаму нема да исчезнат толку бргу. Светот сега се соочува со нова реалност: што да се прави кога довчерашните терористи станаа актуелни владетели?

19 август е Ден на независноста на Авганистан. Никој не помислуваше дека талибанците на овој државен празник веќе ќе седат во претседателската палата во Кабул - можеби ни самите исламисти не го очекуваа тоа. Она што канцеларката Ангела Меркел го окарактеризира како „горко искуство“, го повлекува со себе прашањето: што да се прави кога довчерашните терористи станаа денешни владетели?

Германија и Западот имаат интереси во Авганистан. Зошто инаку Берлин 20 години таму толку се ангажираше, воено, развојно-политички, хуманитарно? Иако претседателот Ашраф Гани побегна, овие интереси не исчезнаа. А, посебно не желбата Хиндукуш да биде стабилен и да се спречи создавање нов простор за исламистичките банди, кои се активни во светот. Тоа што новите моќници во Кабул до своите позиции стигнаа и со терористички напади, не ја прави работата полесна.

Тоа е во согласност со предупредувањето на министерот за надворешни работи, Хајко Мас, од минатата недела. „Ако талибанците воспостават калифат, ќе се изолираат на меѓународен план, таквата држава нема да биде дипломатски признаена, и тоа би било крај за меѓународните програми за помош.“

Авганистан досега беше на прво место меѓу примателите на германската развојна помош. Тоа сега ќе биде запрено. За оваа година се планирани 250 милиони евра, но од оваа сума сѐ уште не е исплатен ниту цент.

Да се прифати власта на талибанците?

Со Мас, меѓу останатите, не се согласува и Маркус Кајм, стручњак за Авганистан од Фондацијата за наука и политика, влијателен тинк тенк во Берлин. Во интервју за весникот „Ханделсблат“, Кајм рече дека на кус и на долг рок владеењето на талибанците мора да се прифати. „Во овој момент имаме кај Хајко Мас и други пркосни реакции од типот: нема признание, нема преговори, нема пари. Тоа е човечки разбирливо, но не е стратегија за регион кој е геополитички толку важен.“ Кајм се залага за разговори со талибанците.

Повеќе: 

-По падот на Кабул, неминовен е силен бегалски бран и мигрантска криза

-Талибанците најавија општа амнестија

И пратеничката од партијата СПД во Бундестагот, Ајдан Озогуз, постојано се залагаше за тоа. Таа е член на Комисијата за надворешни работи во германскиот парламент. „Талибанците на подолг рок сосема изолирани не можат да постигнат многу. Упатени се на парична и хуманитарна помош, Но, ситуацијата во моментов е целосно непрегледна и е многу загрижувачка. Во основа се залагаме за политички дијалог со Авганистан. Затоа мораме да причекаме дали во Авганистан ќе бидат воспоставени уредени структури со владата која е во состојба, која сака, да разговара“, вели Озогуз за ДВ.

Гледај видео 01:53

Доналд Трамп од Авганистан

На половина од луѓето им е потребна помош

Време нема многу: Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи во својата прогноза за годинава наведува дека речиси половина од 40 милиони жители на Авганистан ќе бидат упатени на хуманитарна помош - речиси двојно повеќе од минатата година.

Хуманитарната помош всушност се нуди независно од политичките односи, нагласува за ДВ Винфрид Нахтвај. „Натамошното влошување на катастрофалната хуманитарна ситуација во Авганистан не може да биде во интерес на Европа и на Германија“, порачува овој политичар од партијата на Зелените и стручњак за безбедност.

Повеќе:Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Според него, начинот на однесување со новата влада во Кабул ќе зависи пред сѐ од тоа дали покрај талибанците „во владата ќе бидат застапени и други сили“. Талибанците, продолжува Нахтвај, очигледно настојуваат да остават токму таков впечаток. Нивниот заменик шеф, Мула Барадар, најави „отворена, инклузивна исламска влада“ и со тоа навести дека во власта ќе учествуваат и оние кои не припаѓаат на талибанците. А, портпаролот на талибанците, Мохамад Наим, ја отвори вратата на светската заедница со изјавата дека нема намера да се владее со „изолирана земја“.

Придвижување на меѓународно ниво

Некои земји веќе го прифатија тој повик. Кина, на пример, невообичаено брзо реагираше на промената на власта во Кабул. „Ја почитуваме одлуката на авганистанскиот народ“, објави во понеделникот (16.08.2021) попладне портпаролката на министерството за надворешни работи во Пекинг, Хуа Чунјинг.

Уште пред две недели, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји во Тијанџин, недалеку од Пекинг, прими деветчлана делегација на талибанците. Тие, пак, постилањето на црвениот килим од страна на Кина го наградија со ветување дека нема да се мешаат во внатрешните работи на оваа земја. Што значи дека нема да им пружаат поддршка на исламските екстремисти во западната провинција Шинџијанг.

Повеќе:Дебакл на Американците во Авганистан

Турција изрази оптимизам кога станува збор за талибанците. Пораките на исламистите по преземањето на власта се позитивни, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Тој додаде дека Турција води разговори со сите авганистански сили.

Во Европа, Велика Британија бара прагматични односи со новите владетели во Авганистан. Шефот на британската дипломатија, Доминик Раб изјави дека сега треба да има соочување со реалноста, и оти е важно да се изврши позитивно влијание врз „новиот режим“.

Внимателно да се набљудува

Слично размислува и познавачот на Авганистан, Винфрид Нахтвај. Според него, талибанците треба да се набљудуваат многу внимателно и многу диференцирано, за да може потоа да се одлучи: дали меѓу нив има прагматични сили, кои имаат обѕири за потребите на авганистанското население или се тврдокорни сили кои само сакаат да ја спроведат својата идеологија?

Наредните денови ќе бидат одлучувачки, како во Авганистан, каде ќе се покаже дали талибанците ги почитуваат нивните ветувања - особено во однос на човековите и женските права, така и во светските метрополи, каде ќе се дискутира за тоа дали да се започне дијалог со талибанците, и, ако се направи ова, како треба да изгледа тој дијалог.