Заврши евакуацијата - сите македонски државјани го напуштија Кабул | Северна Македонија | DW | 18.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заврши евакуацијата - сите македонски државјани го напуштија Кабул

Повеќе од 30 македонски државјани се наоѓаат во Свинленд, Велика Британија. Над 20 граѓани се наоѓаат во Доха, Катар, од каде ќе бидат транспортирани кон европските центри, а потоа кон Скопје.

Заврши евакуацијата на македонските државјани од Кабул. Министерството за надворешни работи потврди дека сите македонски граѓани кои биле пријавени за евакуација веќе го имаат напуштено Кабул и во моментов се наоѓаат на неколку локации.

Најголемиот дел, над 30 македонски државјани, се наоѓаат во Свинленд, Велика Британија. Над 20 граѓани се наоѓаат во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри, а потоа кон Скопје.

„Последните наши граѓани кои беа предвидени за евакуирање, а се наоѓаа во НАТО-базата во Кабул, вчера исто така го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка“, велат од МНР.

-повеќе на темата: С. Македонија ќе ги отвори границите за цивилното население од Авганистан

Во НАТО-базата во Кабул се останати само оние кои сѐ уште ги извршуваат своите обврски и чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база. „Со тоа, сите граѓани кои беа планирани за евакуација се евакуирани и во моментов немаме информација за наш државјанин кој е во загрозувачка ситуација, или кому му е потребна асистенција за евакуација“, соопшти МНР.

Евакуацијата започна по заземањето на Кабул од страна на талибанските сили. Додека европските земји прават напори да ги евакуираат своите државјани и поранешните локални соработници, илјадници цивили ги преплавија улиците и авионите во обид да ја напуштат земјата и да ги спасат своите семејства. Аналитичарите велат дека неминовно е да се очекува засилување на бегалски бран и интензивирање на мигрантската криза. 

-повеќе на темата: Меркел за ситуацијата во Авганистан: „Горчлива, драматична и страшна“

Северна Македонија најави дека ќе згрижи околу 450 бегалци од Авганистан. Прво ќе бидат преземени шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од мисијата на ОН во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија, кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан. Подоцна ќе бидат примени над 200 бегалци од Авганистан.

Цивилите од Авганистан што ќе ги прифати С. Македонија ќе дојдат до крајот на неделата, со организирани летови. Трошоците за нив нема да бидат на сметка на земјата. Во С. Македонија ќе останат привремено, а по пристигнувањето одат во задолжителен карантин.