Авганистан: Крај на најдолгата американска војна | Свет | DW | 01.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Авганистан: Крај на најдолгата американска војна

САД го завршија повлекувањето од Авганистан во понеделникот, ставајќи им крај на најдолгата војна, на еден колосален неуспех и на многу неостварени ветувања.

Неколку часа пред крајниот рок кој го постави претседателот Џо Бајден, во понеделникот транспортните авиони ги презедоа последните трупи од аеродромот во Кабул. Илјадници војници минаа застрашувачки две недели обидувајќи се да ја обезбедат избрзаната и рискантна евакуација на илјадници Авганистанци, Американци и други кои очајнички се обидуваа да ја напуштат земјата која повторно падна под власт на талибанските милитанти.

Аеродромот стана американски остров, последно упориште во 20-годишната војна која однесе над 2,400 американски животи.

Конечното повлекување го исполни ветувањето на Бајден да и стави крај на „вечната војна“ која започна како одговор на нападите од 11 септември 2001. Неговата одлука, соопштена во април, беше одраз на заморот на нацијата од конфликтот во Авганистан. Сега Бајден се соочува со осуда дома и надвор, не толку затоа што и стави крај на војната, туку поради последната евакуација која се претвори во хаос и покрена сомнежи во кредбилитетот на САД.

Според Бајден, војната требаше да заврши уште пред 10 години со убиството на Осама Бин Ладен чија екстремистичка мрежа ги испланира и изврши нападите на 11 септември.

Конгресните комитети, чиј интерес за војната се намали во текот на годините, сега се очекувада одржат јавни сослушувања за да се утврди што тргна наопаку во последните месеци од американското повлекување. Зошто, на пример, администрацијата не започна порано со евакуација на американските државјани, како и на Авганистанците кои им помагаа на САД и кои се чувствуваа загрозени од талибанците? Се уште е нејасно дали некои американски државјани кои сакаа да заминат беа оставени, но илјадници загрозени Авганистанци не успеаја да побегнат.

Letzter amerikanischer Soldat, der Afghanistan verlassen

Последниот американски војник го напушта Авганистан

Не требаше вака да заврши

Планот на администрацијата, откако беше соопштена намерата за повлекување на сите воени трупи, беше да се остави амбасадата во Кабул отворена и заштитена од околу 650 војници, вклучително и контингент кој ќе го обезбедува аеродромот заедно со сојузниците. Вашингтон планираше да издвои уште милијарди долари за сега веќе непостојната авганистанска влада да ги гради своите безбедносни сили. 

Бајден сега се соочува со сомнеж и за планот да ја спречи преродбата на Ал Каеда во Авганистан, како и за задушување на заканите од другите екстремистички групи како Исламската држава. Талибанците се непријатели на Исламската држава, но остануваат во близок контакт со Ал Каеда.

Заминувањето на САД вклучи и повлекување на дипломатите, иако Стејт Департментот ја остави отворена можноста за дипломатска комуникација со талибанците во зависност од нивното однесување при формирањето влада и заштитата на човековите права.

Брзината со која талибанците го освоија Кабул на 15 август ја изненади администрацијата на Бајден. Тоа ги принуди САД да ја испразнат амбасадата и набрзина да организираат евакуација. Таа започна толку хаотично што бројни Авганистанци загинаа на пистата, меѓу нив и најмалку едно лице кое се обиде да се држи за тркалата на транспортен авион. 
По крајот на евакуацијата, над 100.000 луѓе, повеќето Авганистанци заминаа на безбедно. Опасноста од изведување таква мисија опкружени од победоносните талибанци и соочени со напади на Исламската држава станаа јасни на 26 август кога бомбаш-самоубиец се разнесе пред портите на аеродромот, убивајќи најмалку 169 Авганистанци и 13 американски војници.

Afganistan, Kabul - Taliban PK

Прес-конференција на талибанците на аеродромот во Кабул по заминувањето на американските војници.

Кусо по нападот, Бајден остана на ставот дека завршувањето на војната беше исправен потег. Тој рече дека е крајно време САД да се фокусираат на закани кои доаѓаат од други страни на светот.
„Дами и господа, време е да се стави крај оваа 20-годишна војна“.

Војната на Буш

Почетокот на војната беше ехо на ветувањето на претседателот Џорџ Буш дадено додека стоеше врз урнатините во Њујорк, три дена откако терористите удрија со авиони во кулите-близначки на Светскиот трговски центар.
„Оние кои ги урнаа овие кули наскоро ќе слушнат од нас“. Помалку од еден месец подоцна, на 7 октомври, Буш ја започна војната. Талибанците беа уништени, а Кабул падна за неколку недели. Власта ја презеде влада спонзорирана од САД и раководена од Хамид Карзаи, а Бин Ладен и неговите следбеници побегнаа во соседниот Пакистан. Беше поставена сцената за напорите на САД да се изгради стабилен Авганистан кој ќе биде нивни партнер во превенцијата на некој нов 11 септември. На крајот тие се покажаа залудни.

Првичниот план беше да се уништи мрежата Ал Каеда на Бин Ладен, а големиот план- да се води „Глобална војна против тероризмот“ врз основа на верувањето дека надмоќна воена сила може да го порази исламскиот екстремизам. Авганистан беше првата станица во таа војна. Буш одлучи Ирак да биде следната, окупирајќи го во 2003 и заглавувајќи во уште покрвав конфликт кој од Авганистан направи секундарен приоритет, се додека Барак Обама не ја презеде функцијата во 2009 и истата година одлучи да ја ескалира војната во Авганистан.
Обама го зголеми бројот на трупите на 100.000, но војната продолжи додека талибанците го користеа Пакистан како прибежиште.

Кога Доналд Трамп влезе во Белата Куќа во 2017 тој сакаше да се повлече од Авганистан, но беше убеден не само да остане, туку и да додаде уште неколку илјади војници и да ги засили нападите врз талибанците.

Неостварени ветувања

Две години подоцна, неговата администрација се обидуваше да склучи договор со талибанците, и во февруари 2020 двете страни се усогласија за целосно повлекување на САД до мај 2021. Во замена, талибанците ветија повеќе работи, меѓудругите и дека нема да ги напаѓаат американските војници.

Бајден најпрво размислуваше дали да го прифати советот на своите советници и да задржи 2.500 војници во Авганистан. Но во април соопшти дека одлучил целосно да се повлече и го постави септември како краен рок.

Талибанците тогаш започнаа со офанзива која заврши во август со целосно освојување на земјата. Авганистанската армија колабираше, честопати дезертирајќи или предавајќи се наместо да се бори.

Некои делови од земјата беа модернизирани за време на окупацијата од САД, но Авганистан остана трагична, сиромашна, нестабилна земја, во постојан страв од враќање на бруталното владеење на талибанците.

Неуспесите на САД се бројни. Тие ги ограничија, но никогаш не ги уништија талибанците, и не успеаја да изградат авганистанска армија која може да им се спротивстави на бунтовниците, и покрај потрошените 83 милијарди долари за обучување и екипирање на армијата. Меѓу неостварените ветувања: долгорочно партнерство со пријателска авганистанска влада која нема да дозволи земјата повторно да стане расадник на екстремисти кои сакаат да ги нападнат САД.

Гледај видео 02:19

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

DW.COM