Фотографија на денот: Повторно евакуација од Кабул | Свет | DW | 17.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Фотографија на денот: Повторно евакуација од Кабул

Евакуацијата од аеродромот во Кабул повторно почна. На пистата веќе нема толпа луѓе.

Воените авиони повторно почнаа со евакуација на дипломати и цивили од аеродромот во Кабул. Очајните луѓе кои ја имаа окупирано пистата во текот на вчерашниот ден, во обид да го напуштат Авганистан по секоја цена, се тргнати од неа.

Германскиот Бундесвер исто така ја однесе на безбедно првата група луѓе. Транспортниот авион А400 во текот на ноќта летна од Кабул во насока на Ташкент, во Узбекистан, соопшти германското Министерство за одбрана. Колку луѓе биле во авионот, не е познато. Летот беше одложуван со часови откако американската армија запре со евакуирањето поради толпата луѓе на пистата на аеродромот. Авионот на германската армија кружеше над Кабул чекајќи дозвола за слетување.

Западните држави сега прават интензивни напори да го евакуираат својот цивилен персонал од Авганистан. Американската влада испрати 6000 војници за обезбедување на аеродромот во Кабул. Германското Министерство за одбрана наведе дека војници на Бундесверот ќе останат во Кабул за да ги подготвуваат натамошните летови за евакуација. Германската воена авијација сака да воспостави воздушен мост помеѓу Кабул и Ташкент. Германските државјани и авганистанските соработници прво би требало да бидат носени во Узбекистан, а потоа со чартер летови да бидат префрлани во Германија.