Авганистанските жени стравуваат од најлошото | Свет | DW | 17.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Државата, според замислите на талибанците, најверојатно ќе значи огромен чекор назад, особено за жените во земјата. Многу од нив мора дури да стравуваат за својот живот затоа што се залагаа за женските права.

Досега, талибанците се прикажуваат како умерени, дури и откако го зазедоа авганистанскиот главен град Кабул. Но, многу набудувачи предупредуваат дека ова залажува: најдоцна кога вниманието на меѓународната заедница веќе нема да биде насочено кон Авганистан, исламистите радикално ќе ги спроведат своите реакционерни замисли за муслиманско општество.

Назад во 1990-тите?

„Талибан 2.0 е точно ист како и претходната верзија, тие се немаат променето“, вели Саад Мохсени, шеф на најголемата авганистанска медиумска компанија Моби груп, во интервју за ДВ-ТВ. „Жените и девојките ќе мора повторно да живеат како што живееја во 90-тите години“.

Талибанците речиси целосно го контролираа Авганистан од 1996 година, сѐ до нивното соборување во 2001 година со поддршка на американската мисија „Трајна слобода“. Под нивното владеење, жените не смееја да излегуваат на улица без бурка и без машка придружба. На девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште.

Токму тоа, предвидува Мохсени, сега ѝ претстои на целата земја: „Нема да им биде дозволено да работат, па дури ни да одат во болница ако не се придружувани од машки роднина“.

Принудни бракови

Според очевидци, ова веќе се случува во повеќе провинции кои се под контрола на талибанците. „Сакам да студирам, но талибанците не ни дозволија да одиме на училиште“, изјави за ДВ една девојка во Кабул. Таа избегала од провинцијата Тахар, која е под контрола на талибанските единици од почетокот на август.

Повеќе:

-Меркел за ситуацијата во Авганистан: „Горчлива, драматична и страшна“

-Доста со лицемерието во Авганистан!

-Дебакл на Американците во Авганистан

Во провинцијата Кандахар, според очевидци, талибанските борци изнесле од работните места девет жени вработени во банка и ги однеле дома. Нивните наредби гласеле: Мора да останете дома, машки роднина може да го заземе вашето работно место.

„Талибанците влегоа во џамиите и им кажаа на сите дека нивните борци ќе се оженат со вдовици и млади жени“, изјави жена со бурка за ДВ во Кабул, која токму поради тоа побегнала во главниот град.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во твит оцени дека е „особено грозоморно и потресно“ како на жените и девојките им се одземаат тешко стекнатите права.

Јавни казнувања

Талибанците ги казнуваат прекршувањата на нивните наредби со драконски казни: во 1990-тите, жените беа затворани, мачени, па дури и убивани. Честопати имаше јавни камшикувања и погубувања. Токму ова, стравуваат активистките за правата на жените, сега повторно би можело да им претстои на жените во земјата - особено на оние кои се ангажираа за поголеми слободи на жените или само ги користеа тие слободи.

Минатиот петок, новинарката и активистка за човекови права Маријам Атахи за ДВ изјави дека стравува за сопствениот живот доколку талибанците го заземат Кабул. Истиот ден Викторија Фонтан, професорка на Американскиот универзитет во Кабул, за ДВ посведочи за состојбата на нејзините студентки: „Тие се многу загрижени за својата иднина, дали можат да продолжат да студираат, дали можат да продолжат да бидат дел од општеството“.

Безбедносната состојба во Кабул се заострува

Талибанците сега го зазедоа главниот град. Оттогаш, ДВ нема слушнато ништо од Маријам Атахи. Французинката Викторија Фонтан во понеделникот разговараше со неколку медиуми од нејзината татковина: Таа моментално се наоѓа во просториите на канадската безбедносна компанија ГардаВорлд. Сѐ уште не може да стигне до аеродромот, од каде што Франција ги евакуира своите граѓани, бидејќи нема машка придружба, изјави таа за радиостаницата РТЛ. Во секој случај, таа сакаше да остане во Кабул што е можно подолго за да ги заштити своите студентки и - доколку е можно - директно да преговара со талибанците за нивната безбедност.