По падот на Кабул, неминовен е силен бегалски бран и мигрантска криза | Северна Македонија | DW | 18.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

По падот на Кабул, неминовен е силен бегалски бран и мигрантска криза

Свесни дека живееме во крајно непредвидливо време, случувањата во Авганистан нѐ оставаат вџашени во очекување што ќе се случи следно, анализира професорот по меѓународно право, Методи Хаџи-Јанев за ДВ.

Ударот кој го доживеа либералната демократија со паѓањето на Кабул во рацете на талибанците допрва ќе биде предмет на дебата на голем број експерти од стратешка и геополитичка преку економска до правна и хуманитарна перспектива. Свесни дека живееме во крајно непредвидливо време, во кое многу нешта кои сакаме да ги гледаме како јасно дефинирани на меѓународната сцена, веќе одамна ја загубија конвеционалната логика (на пример дека државите имаат ексклузивитет врз монополот на моќ и употребата на сила), во конкретниот контекст нѐ остава вџашени во очекувањата за тоа што е следно. Вака професорот на  Воената академија во Скопје и придружен професор на Државниот Универзитет во Аризона, САД, Методи Хаџи-Јанев за ДВ ги анализира актуелните случувања во Авганистан, по преземањето на власта од страна на талибанците.

Afghanistan | Evakuierung von Afghanen aus Kabul durch die U.S. Air Force

Светот го обиколија страотни фотографии на илјадници цивили кои ги преплавија улиците и авионите во обид да ја напуштат земјата и да ги спасат своите семејства

Додека западните земји прават напори да ги евакуираат своите државјани и поранешните локални соработници, светот го обиколија страотни фотографии на илјадници цивили кои ги преплавија улиците и авионите во обид да ја напуштат земјата и да ги спасат своите семејства. „Развојот на настаните е горчлив, драматичен и страшен. Ситуацијата е драматична за луѓето во Авганистан, но горчлива за Германија и за останатите сојузници“, порача Меркел на прес- конференција за развојот на настаните во Авганистан, каде радикално исламистичките талибанци ја презедоа власта во главниот град Кабул. Во меѓувреме министрите за надворешни работи на ЕУ одржаа кризен состанок за безбедносната ситуација во Авганистан и за нејзините импликации врз миграцијата во Европа, традиционална дестинација за бегалците. Европа стравува дека случувањата во Авганистан може да предизвикаат реприза на миграциската криза во Европа во 2015 и 2016 година кога се случи наплив на илјадници луѓе од Блискиот Исток.

Повеќе: Борел: ЕУ ќе мора да разговара со талибанците

Уште еден шок

„Иако за волја на вистината ударите кон 'комодитетот' за доминација на либерализмот по крајот на Студената војна станаа сѐ почести, особено преку сајбер просторот и злоупотребата на т.н. 'подривачки технологии' и примената на хибридните закани, се чини дека по настаните во Украина, ова е уште еден шок кој е еднаков на американскиот 'неуспех да се замисли дека може да се случи' по нападите од 9/11“, вели Хаџи-Јанев, офицер со богато воено, дипломатско и академско искуство. Методи Хаџи-Јанев беше припадник во специјалните единици на АРМ 12 години и е прв командант на македонските специјални сили во Ирак. 

Она што вознемирува, според него, е фактот дека разузнавачките и безбедносните анализи во сите три случаи јасно укажуваа дека таквите исходи се можен „курс на акција“. И додека дел од дебатите неминовно ќе се фокусираат на барање на виновникот од типот „што побогу тргна наопаку“, неколку работи мора да се земат предвид, а ќе имаат импакт врз тоа како ќе се одвиваат безбедносните динамики од најниско локално, преку регионално до глобално ниво. 

Повеќе: Бајден им се закани на новите владетели во Авганистан

Неколку важни факти

Хаџи-Јанев анализира дека сегашните водачи на талибанците се со значително поголемо чувство за геополитички импакт - тоа може да е сериозен тест за либералната демократија во менаџирањето на вакви кризи.

„Но, тоа не треба да нѐ залажува дека главната агенда е сменета. Никако. Точно е дека за разлика од претходните водачи кои беа фокусирани на ширење на страв преку сила и свирепост, сегашните водачи се далеку поумешни – барем од она што го видовме во начинот на кој го зазедоа Авганистан. Со умешна доза на дипломатија талибанците ќе си купат време за да избегнат јавен глобален линч, како последица на тоа потенцијална итна Резолуција на СБ на ООН, а ќе дозволат (иако ќе ја монополизираат) дистрибуција на хуманитарната помош“, вели нашиот соговорник.

Повеќе: Талибанците најавија општа амнестија

Како дополнување, преку злоупотребата на класичните либерални методи, најверојатно ќе влезат во преговори околу идната власт во Авганистан кои вешто ќе ги искомплицираат за да купат време во зацврстување на позицијата на теренот.

Afghanistan Kabul Flughafen Evakuierungen Chaos

Хаџи-Јанев вели дека е неминовно да се очекува засилување на бегалски бран и интензивирање на мигрантската криза

Хаџи-Јанев вели дека неминовно е да се очекува засилување на бегалски бран и интензивирање на мигрантската криза. „Оние кои се на терен во Авганистан, особено кои работеле за САД и западноевропските, па и другите партнери многу добро ја знаат својата судбина. Дури и да речеме дека талибанците ќе имаат милост и навистина ќе бидат посветени на мирна транзиција, стравот кои овие луѓе го имаат од вакуумот на власт на локално ниво, не може да се компензира со никакви гаранции за балансирање на преземањето на власта преку меки методи“, вели професорот.

Повеќе: Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Насилство и екстремизам

Употребата на насилство и екстремизам кои водат до употреба на терористички методи за остварување на политички, па и други социјални цели е можно да се интензивира. Голем број на индивидуалци и групи кои имаат заеднички или блиски ставови, а кои имаат гнев по различна основа (оправдан или не) од социјалните политики, преку вознемирувачките трендови на порастот на економската криза и лошите политики и последиците од нив од глобалната пандемија на пример, па се до оние кои имаат револт за постигнување на политички и идеолошки цели, е за очекување да се окуражат во преземање на активности. „Тоа не значи дека ќе имаат капацитет и ресурси да се израмнат со талибанците. Но, глобалната афилијација преку социјалните мрежи и интернетот, како и актите на глобална не таргетирана (себе)радикализација и локална интерпретација преку акција – терористички напади, најверојатно ќе биде со нагорен тренд. Ефектите на еден или друг начин, ќе се почуствуваат во регионален контекст“, укажува Хаџи-Јанев.

Целиот демократски свет се солидаризира со хуманитарната катастрофа која му се заканува на локалното авганистанско население, а Северна Македонија како членка на НАТО најави дека ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан  кое изминативе 20 години работеше на мирот во земјата, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на АРМ. Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, македонската Влада најави дека во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија.

Последици за регионот 

Според Хаџи-Јанев, регионално, на Балкан, падот на Авганистан веќе има консеквенции. Додека политичките елити од регионот имаат свој аргумент за понуденото привремено засолништво во соработка со САД, опозицијата ќе сака тоа да го валоризира и да го искористи моментот.

„Најверојатно одлуките за прифат на бегалците од Авганистан ќе се стават во контекст на локалните проблеми поврзани со лошото менаџирање со внатрешните проблеми, нивото на корупција, предизвиците од тешкотијата со менаџирањето со пандемијата и на истите да им се даде безбедносен, па дури и егзистенцијален контекст. Прашањето е дали всушност има место за паника? Одговорот е - и да и не“, вели тој. 

Оние кои сериозно се занимаваат со безбедносни анализи знаат дека веќе подолг период магичен збор за безбедносните проблеми е резилиентноста (или еластичноста) на општеството. Иако за тоа има многу дебати и дефиниции, во пракса ефективноста зависи од многу фактори кои не се чисто безбедносни. Истите бараат сеопфатен одговор на државните органи, цивилниот сектор и граѓаните. Според професорот, лошо по регионот е што досега, освен мал блескав момент, во првиот налет на бегалската криза, речиси и да не постои успешна приказна на таков координиран одговор.

Afghanistan Bundeswehr-Soldaten im Camp Pamir in Kunduz

Западните земји прават напори да ги евакуираат своите државјани и поранешните локални соработници

„Во таа насока, на пример, иако земјите од регионот покажаа агилност кон донесување на стратешките документи за прифат и реинтеграција на лицата повратници од Сирија и Ирак, во пракса освен 'копи-пејст' не видовме ништо конкретно (постои евиденција и организирано дејство само за оние лица кои се вратени со асистенција на САД, за останатите не постои комплетна евиденција). Сигурноста извира од професионалниот и посветен кадар во безбедносните структури и останатиот дел од институциите. Сепак, времето за ад хок интервенции, импровизации и дејство врз база на 'лидерски фантазии' е веќе минато“, вели Хаџи-Јанев.

Додека либертаријанскиот бран во безбедносниот сектор беше добредојден во периодот кога дивееја конфликтите на Балканот, тој смета дека крајно време е вистинските експерти во кои Западот вложи многу, да ги преземат работите во свои раце и на политичките елити да им дадат професионални совети кои не секогаш ќе бидат посакувани и политички најподобни. „Во спротивно, ризикот од 0-100 може да ескалира во делот од секундата. А последиците заради целата исповрзаност и меѓусебна зависност се далеку од предвидливи“, вели  професорот Методи Хаџи-Јанев.