Авганистанците ќе бидат сместени на периферија на Скопје | Северна Македонија | DW | 25.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Авганистанците ќе бидат сместени на периферија на Скопје

Од безбедносни причини имињата на сместувачките објекти не се откриваат. АНБ и МВР прават безбедносни проверки на имињата кои се на листите

Германија I Бегалци I Авганистан

Евакуација на цивили од Авганистан

Се чекаат секој момент, но никој не знае кога навистина ќе стигне првиот лет со граѓаните од Авганистан кои треба да добијат привремен престој во Северна Македонија.

„Не знеме кога ќе пристигнат. Требаше првата група да стигне уште минатата недела, но работите зависат од состојбите на аеродромот во Кабул и од организацијата на летовите. Ние сме подготвени кога и да стигнат, велат од Владата за ДВ.

За граѓаните што ќе пристигнат од Авганистан веќе се обезбедени сместувачки капацитети на периферијата на Скопје. Од безбедносни причини имињата на објектите не се откриваат. Тие заедно имаат капацитет да ја примат бројката на која се обврза Владата – 650 лица, а доколку има потреба, ќе се искористат и понудите на други објекти.

Првично декларираната бројка не може да се смета за фиксна, бидејќи меѓународните организации кои ги прават списоците за евакуација на нивни соработници, понекогаш тековно доставуваат и ново барање. Во нашиот случај, една од организација побарала прием на уште 20 лица.

На барање на Меѓународната федерацијa на новинари (IFG) и нејзината партнерска организација во земјава - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Владата одобри прием на 15 новинари и медиумски работници од Авганистан, но тоа не може да се смета за крајна бројка, бидејќи тие овде треба да пристигнат со нивните семејства.

Како што е веќе објавено, станува збор за прием на локално население од Авганистан, пред сѐ, семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои во изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската Армија.

Авганистан | Кабул

Во вкупната бројка на лица што треба да пристигнат имало и околу 15 бебиња

Безбедносна и здравствена проверка

Со цел точно да се знае кој ќе влезе во земјата, АНБ и МВР прават безбедносни проверки на имињата кои се на листите, а кои во земјата треба да добијат визи за привремен престој од 90 дена.

Информацијата дека лице од „црната листа“ во рамките на евакуацијата долетало од Авганистан во Британија, го вклучи алармот. Но, според релеветни информации, безбедносните проверки не се вршат само на едно ниво, туку со сите земји низ кои треба да транзитираат овие лица. Се смета дека сите кои добиле инструкции да дојдат до аеродромот во Кабул веќе поминале и иницијална, и неколку нивоа на безбедносна проверка. 

Ленче Здравкин: Со години ги слушам најтешките приказни од Авганистан

Но, како што посочуваат нашите соговорници, проблем може да биде ако некој од нив допатува без никакви документи. Од македонска страна било побарано тие да имаат обезбедено барем еден документ, со цел да може да биде одобрена процедурата за нивен прием.

Во вкупната бројка на лица што треба да пристигнат имало и околу 15 бебиња. По сместувањето, здравствени тимови ќе се упатат во сместувачките објекти, каде се воведени сите неопходни здравствени протоколи. На пристигнатите најпрво ќе им бидат направени ПЦР тестови, а во натамошниот период ќе примат вакцини оние кои не се имунизирани.

Фактот дека добиваат виза за привремен престој од 90 дена, според Владата, не значи дека сите толку и ќе останат. За некои било најавено дека многу брзо ќе бидат транспортирани во трети земји.

Евакуација до 31-ви август

Во моментов е неизвесно дали сите Авганистанци чии животи се загрозени, ќе добијат шанса да ја напуштат земјата. Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера изјави дека САД се на пат да ја завршат мисијата за евакуација од Авганистан до најавениот рок, 31- ви август, но призна дека зависи од талибанците и од слободниот пристап до аеродромот дали таа мисија ќе биде извршена навреме.

Тој потврди дека САД помогнале во евакуација на 70.700 луѓе од 14 август и уште 75.900 од крајот на јули. Со партнерите од Г7 разговарал за заедничка посветеност за поддршка на секој што се обидува да замине од Авганистан, ветувајќи дека САД ќе биде лидер во тие напори, а очекува истото да го сторат и нивните партнери.

„Веќе ја гледам посветеноста на нашите сојузници. Тие во своите земји ги носат Авганистанците кои работеа со своите сили во нивните амбасади како преведувачи, исто како што ние ги носиме во САД Авганистанците кои работеа со нашите сили и дипломати“, изјави Бајден.

 

DW.COM