1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капиталот - книга којашто требаше да го промени светот

Зоран Арбутина
14 септември 2017

Пред 150 години во Хамбург излезе првото издание на главното дело на Карл Маркс: „Капиталот“. Се работи за една од највлијателните книги во историјата на човештвото. Релевантноста ја задржа до денешен ден.

https://p.dw.com/p/2jxe9
Buchcover - Karl Marx - Das Kapital
Фотографија: Otto-Meisner

Кога во септември 1867-ма година хамбуршката издавачка куќа Ото Мајснер го објави првото издание на главното дело на Карл Маркс „Капиталот - критика на политичката економија“, малку нешта укажуваа на значењето што ова дело ќе го има за натамошниот тек на историјата на човештвото. Текстот е тежок за читање - како содржински, така и стилски е предизвик за читателот.

Тоа го претчувствувал и самиот автор. Во предговорот Маркс ги предупредува читателите: „Секој почеток е тежок“, а неговата сопруга Џени советувала нивен пријател социјалист „дијалектичките детали од првите поглавја“ едноставно да ги прескокне. За првото издание од 1000 примероци биле потребни години додека да се распродаде. И покрај тоа, 150 години подоцна „Капиталот“, чијшто втор и трет дел биле објавени по смртта на авторот, важи за една од највлијателните книги во модерната историја - иако човек може да се сомнева дека сите што се повикуваат на делото и навистина го имаат прочитано. На врвот на социјалистичкото и комунистичкото движење во 1970-тите години влади од 60 земји ширум светот се повикуваа на учењето на Карл Маркс. За речиси две третини од светската популација „Капиталот“ беше подигната на ниво на света книга.

Филозоф кој чека на револуцијата

Таквото канонизирање и култот кон неговата личност не му биле природни на самиот Маркс, па еднаш рекол дека тој самиот не е „Марксист". Но неговата намера сепак била да напише „книга над книгите". Како филозоф тој сакал да „сфати и со тоа да заврши цела една епоха“, слично како и неговиот идол Георг Вилхелм Хегел, објаснува хрватскиот филозоф и политиколог Жарко Пуховски. Притоа се работи за граѓанството како последна ера на едно класно општество. „Маркс е убеден дека со граѓанската епоха завршува историјата и почнува ново сметање на времето, кое пак завршува во комунизам, односно во општество во кое веќе не постојат класи“, вели Пуховски.

Buchcover - Karl Marx - Das Kapital
Фотографија: Otto-Meisner

Маркс се обидува преку поимите на политичката економија да го анализира механизмот на капиталистичката економија. Работникот ја продава својата работна сила на капиталистите и за тоа добива плата. Разликата меѓу вредноста што ја создал и неговата плата е додадената вредност. Капиталистот се обидува платата да ја држи што е можно пониска за да ја максимизира додадената вредност. Во постојаното и незауздано производство на оваа додадена вредност, а со тоа и експлоатацијата на работниците, според Маркс, се состои клучниот принцип на капитализмот. Таа експлоатација, заклучува тој, во еден момент станува толку неиздржлива што работниците ќе се бунтуваат и ќе го урнат капитализмот.

Што превидел Маркс

Тој заклучок се базира на рационална грешка, смета Бернд Циземер, издавач и поранешен главен и одговорен уредник на весникот „Ханделсблат“. „Маркс како единствен извор за вредноста ја гледал работата и притоа превидел дека капитализмот не функционира преку експлоатацијата на работниците, туку преку континуираниот технички развој. Тој ги потценил останатите извори на богатството, како иновациите и претприемничката иницијатива“, вели Циземер.

Така и изостана одреден општествен развој што тој го предвидувал. Напреднатата индустријализација и трајното технологизирање на продукциските процеси доведоа до постојано намалување на трошоците на производство и на работните часови, но со тоа не дојде и до истовремено осиромашување и влошување на ситуацијата на работниците. Капитализмот се покажа како екстремно адаптибилен и променлив, нагласува Жарко Пуховски, „така што во меѓувреме и во слободното време настана т.н. индустрија за слободното време, нешто што во време на Маркс било незамисливо."

Karl Marx
Карл Маркс во предговорот на „Ккапиталот“ ги предупредува читателите: „Секој почеток е тежок“Фотографија: Friedrich-Ebert-Stiftung/AdsD/dpa/picture alliance

За што бил Маркс во право

Маркс не згрешил за сите аспекти на капитализмот. Неговиот опис на капитализмот како перманентен процес во кој парите постојано се акумулираат и инвестираат наново, денеска е поактуелен од кога било. Токму оваа динамика пред неколку години доведе до светската економска и финансиска криза.

Исто така се покажа како точен и неговиот опис на тенденцијата на капитализмот кон монополизирање: според податоци на Заводот за статистика на Германија, од 2012-та големите концерни сочинувале еден процент од фирмите во земјата, но тие генерирале 68 проценти од вкупниот приход. 81 проценти биле најмали фирми, кои заедно имаат само шест проценти од приходите.

Предвесник на глобализацијата

Поактуелна од кога било е и тезата на Маркс за неправедната распределба на профитот. Францускиот економист Томас Пикети во 2014-та во неговата светски успешна книга „Капиталот во 21-от век“ покажа дека континуирано растечката и прекумерна нееднаквост од богатство и примања е нужна особина на глобалниот капитал.

И за Маркс е јасно дека капитализмот по својата природа во ширењето и делувањето не познава граници. Економскиот публицист Бернд Циземер нагласува дека во „Капиталот“ и во „Комунистичкиот манифест“ има цели пасуси во кои Маркс пишува дека победата на капитализмот во светот ќе однесе со себе сѐ до тогаш вообичаено. Затоа можеме „да го сметаме Маркс за прв вистински теоретичар на глобализацијата", смета Циземер.

Deutschland Trier Karl-Marx-Haus
Куќата на Маркс во ТриерФотографија: Imago/R. Oberhäuser

Капиталот победи

Светската револуција изостана и големи револуционерни преобрати имаше пред сѐ во неразвиените аграрни држави. И покрај тоа, револуционерите во цел свет се повикуваа на Маркс, без да се грижат за предусловите кои се во основата на неговата теорија. Тоа важи и за улогата на Маркс во Кина, вели Циземер: „Сметам дека кинескиот марксизам во многу делови се развил без поточни познавања за делото на Карл Маркс“. На Маркс исто така не смее да му се префрлаат злоделата на сталинистичкиот режим: „Секако Марксизмот-Ленинизмот во советска верзија се заснова и на идеите на Карл Маркс. Но, јас не би извлекол директна поврзаност меѓу Карл Маркс и советските масовни убиства во 30-тите години“, вели Циземер.

Вистинскиот неуспех на Карл Маркс не е во злоделата кои и во негово име ги правеле, нагласува хрватскиот филозоф Жарко Пуховски. Маркс бил убеден дека уривање на капитализмот од внатре е неизбежен и дека брзо ќе настапи. Тоа не се случи. И 150 години по објавувањето на првото издание од „Капиталот“ има социјални тензии исто како и класни разлики, експлоатацијата и натаму е основа на постоечките продукциони околности. „Неуспехот на Маркс е во фактот што сѐ уште е актуелен", вели Пуховски.